Иако никој не сака да одговори на прашањата што им ги поставуваат Македонците на меѓународните фактори, партнери и пријатели, повторното поставување на Македонија на старата стартна позиција за ЕУ, сепак беше презентирано како своевиден медиумски спектакл, во режија на албанскиот политички фактор во земјава, со логистичка поддршка на медиуми од северозападното соседство, Албанија
и Косово
Со започнувањето на мандатот на третата „техничка“ влада за спроведување избори, Македонија практично се поставува повторно на стартна позиција за нов јуриш на патот за членство во Европската Унија. Овој пат, наводно за „пократкиот пат“, преку уште едни уставни измени. Интересно е што и покрај сите настојувања, практично туркања на Македонија од страна на меѓународните партнери и поддржувачи на тој „пократок пат“, никој од тие меѓународни факторите не сака да каже дали „голтањето жаби“ и „драсканиците од трње“ на тој пат ќе бидат последниот непринципиелен услов за приближување до принципиелната и демократски доблесна ЕУ, или само оптегнување на спиралата за нови уцени со кои етапно ќе се деградираат идентитетот и државотворноста на македонскиот народ во сопствената држава.
Иако никој не сака да одговори на прашањата што им ги поставуваат Македонците на меѓународните фактори, партнери и пријатели, повторното поставување на Македонија на старата стартна позиција за ЕУ, сепак беше презентирано како своевиден медиумски спектакл, во режија на албанскиот политички фактор во земјава, со логистичка поддршка на медиуми од северозападното соседство, Албанија и Косово. Стоте дена на техничкиот премиер, довчерашен претседател на македонското собрание, започнаа практично со „земање од дома“, забележано од косовските и албанските медиуми, но и со забележително потсетување на неговиот пат од командант на контроверзната воена формација ОНА (УЧК), која во 2001 година изврши агресија врз македонската држава до моментот на „прв“ премиер Албанец на македонската влада. Ден потоа, во „европски манир“, Талат Џафери во улога на премиер, ја отвори првата седница на третата техничка влада на Македонија – на албански јазик. Навистина, двојазичноста во македонските државни институции не е веќе табу-тема, но чинот на нагласување на својот етницитет на премиерот на техничката влада испраќа порака за исполнување некои други (туѓи) агенди, некохерентни со македонските национални интереси.
Атмосферата на триумфализам, создадена од партијата од која произлегува актуелниот технички премиер, дополнително ги подгрева сомневањата кај македонската јавност за искористување на реториката за „европската иднина на Македонија“, всушност во интерес на некаква албанска политичка доминација во регионот (четворица премиери Албанци во четири држави од Западен Балкан), како што изгледа е преименувана „големоалбанската идеја“.
Перцепцијата на македонската јавност дека сѐ почесто се за манифестира сеалбански триумфализам и се препознава грабањето на шансата за политичка доминација на регионалниот албански фактор и во внатрешните работи на Македонија, дополнително е аргументирана со честите советувања на лидерите на албанските политички партии во земјава со политичките елити на Косово и Албанија за настап на претстојните македонски парламентарни и претседателски избори. Во првите денови кога Џафери го презеде кормилото на македонската „техничка“ влада, лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, заедно со лидерите на опозицискиот Европскиот сојуз за промени, Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами, во Приштина беа примени од косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца… Во македонската јавност немаше официјални детали што конкретно се зборувало на средбата, но, како што објавија косовските медиуми, веројатно се зборувало за изборите што напролет треба да се одржат во Македонија… Средбата во Приштина ги подгреа шпекулациите дека косовскиот премиерот и лидер на Самоопределување, Курти, ќе се обиде да го убеди Таравари да стане дел од албанскиот опозициски блок во Македонија… Секако ваквите активности на „советување“ на политички чинители од една суверена држава со официјални политички фактори од друга држава оставаат силен впечаток на мешање на една (и тоа не целосно суверена) држава, Косово, во внатрешните работи и влијание врз изборите во друга суверена држава, Македонија.
Но, повторно, таквите активности се подведуваат под објаснувањето – во интерес на европската перспектива! Секако, не е нужно тоа да биде и перспектива во интерес на Македонија и Македонците.
Додека се спроведуваат активности, пред очите на меѓународната јавност, кои го загрозуваат суверенитетот на македонската држава, а наводно во интерес на македонската европерспектива, продолжува трендот на именување на Македонците според изведената идентитетска сложенката од новото државно име со географска одредница. Иако и според Преспанскиот договор, именувањето на народот во државата останува Македонци, и една светска организација од рангот на Меѓународниот монетарен фонд во своите извештаи почна да го користи терминот „северномакедонци“. Соопштение за реакција од надлежното Министерство за надворешни работи на Македонија не беше забележано во медиумите до затворањето на денешниот број.
Она што е извесно од целата ситуација на повторно поставување на Македонија на стартната позиција за ЕУ е дека и овој ветен „пократок пат“ – води во неизвесност!