Последните корупциски случаи што беа откриени неодамна во Брисел покажаа како вистински функционира борбата против високата корупција, во што спаѓа и конфискацијата според европските закони. Македонија како земја што во рамките на скрининг-процесот со ЕУ веќе ги усогласуваше законите во делот на поглавјето за владеењето на правото има обврска во најскоро време да почне да ја применува и правната алатка конфискација на незаконски стекнат имот или други средства за да се испрати решителна порака до сите што ќе се дрзнат да се богатат врз грбот на граѓаните дека ќе завршат во затвор и со одземен имот. Тоа практично е уште еден услов на нашиот пат кон ЕУ, да покажеме дека нема недопирливи пред законот
По многубројните корупциски афери што се случуваат во континуитет со години и кои, како по обичај, завршуваат како ништо да не било, без да биде санкциониран некој или да преземе одговорност, стана јасно дека државата има и нефункционални и неефикасни институции и неспособен кадар, кои не можат да се справат со овој проблем. Затоа и дојдовме до ситуација високата корупцијата да земе толку голем замав, што веќе го проби плафонот на мерливост, а реакции и предупредувања за тоа почнаа да стигнуваат од сите страни. Доволно е само да се посочат предупредувањата и пораките од САД, потоа од ЕУ итн.
Општиот впечаток што преовладува кај македонските граѓани е дека токму партизираните и нефункционални институции имаат добар дел од одговорноста за ваквите состојби. Од тие причини реагираа и САД со својот истражен тим за борба со корупцијата, а тоа неодамна беше нотирано и во најновиот извештај на Европската комисија во рамките на Механизмот за суспензија на визите. Притоа, ЕУ апелира до македонските судови конфискацијата на нелегално односно криминално-стекнатиот имот или друг вид добра да стане стратегиски приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата, како што е практика во европските земји.
Во таа насока, Македонија како земја што во рамките на скрининг-процесот со ЕУ веќе ги усогласуваше законите во делот на поглавјето за владеењето на правото има обврска во најскоро време да почне да ја применува конфискацијата за да се испрати решителна порака до сите што ќе се дрзнат да се богатат врз грбот на граѓаните дека ќе завршат во затвор и со одземен имот.
Последните корупциски случаи што беа откриени неодамна во Брисел покажаа како вистински функционира конфискацијата според европските закони. Откако белгиските истражни органи утврдија дека потпретседателката на Европскиот парламент Ева Каили е вмешана во корупциска афера во која катарски валкани пари завршувале на нејзина сметка, следуваше моментална конфискација на средствата за да се спречи понатамошно скривање на трагите на парите.
Неодамна во корупциска афера се најде и претседателката на Европскиот парламент од Малта, Роберта Мецола, откако како подарок ѝ бил даден престој во луксузен француски хотел, кој не го пријавила целосно до надлежните институции. Сега и таа ќе мора од сопствен џеб да ги врати парите потрошени за престојот во хотелот.
Тоа е системот на функционирање во Европа што Брисел го бара и од нас. Тоа подразбира секоја институција во прв момент да нотира случај на корупција и соодветно да го процесира понатаму. Секогаш кога има индиции за некакво корупциско однесување, надлежните треба да спроведат истрага, да се обезбедат квалитетни несоборливи докази и судиите и обвинителите да постапат неселективно, односно ако има случај на корупција, да се гони секој што го прекршил законот, без оглед дали е висок функционер на власта или на опозицијата или, пак, станува збор за најобичен граѓанин. Законите мора да важат еднакво за сите.
Во оној момент кога низ судска постапка ќе се утврди дека некој имот или средства се стекнати нелегално, тогаш државата мора да го одземе тој имот. И работата не завршува тука, туку ЕУ инсистира, покрај одземањето на имотот, сторителот да добие и соодветна затворска казна, бидејќи единствено на тој начин ќе се испрати јасна порака до сите дека криминалот не се исплати и дека секој ќе одговара за своите непромислени постапки. Но за да биде така, треба сите надлежни органи и судиите и обвинителите што се дел од механизмот на судската власт да постапуваат неселективно. Бидејќи секое тактизирање или одолжување ги прави и нив соучесници во корупциската шема.
Она на што повикува ЕУ е постојано да се следат трагите на нелегално стекнатите средства, имајќи предвид дека кај нас стана практика имотите и парите да не се пријавуваат или, пак, да им се препишуваат на блиски роднини само да им се затскрие трагата. Примерите од ЕП покажаа дека истражителите брзо ги открија и вешто скриените катарски пари со кои требаше да се купуваат влијанија во европскиот законодавен дом, така што европската регулатива налага следење на сите сомнителни трансакции. Сите овие примери јасно говорат дека на парите не може да им се скрие трагата ако тие што треба да ги гонат криминалот и корупцијата имаат желба да го направат тоа.
Европската легислатива не дозволува имотите и парите стекнати преку корупциски активности да се прифаќаат за какви било спогодби со судот, за плаќање кауции, давање гаранции и слично, бидејќи сосема е нелогично оној што го ограбил народот, со народни пари да си ја купува сопствената слобода и притоа да си го зачува богатството.
Меѓународните партнери којзнае по кој пат ѝ даваат јасни назнаки на Македонија како се гради вистинска правна држава, преку функционални институции и доследна примена на владеењето на правото. Институциите се тие што треба да функционираат како поврзан механизам, кој ќе овозможи брзо и ефикасно откривање секакви корупциски дејства, за на крајот тоа да резултира со враќање на она што е украдено од државата и од народот. Со квалитетен закон за потекло на имотот, што од нас го бара и ЕУ, многу потешко некој ќе се дрзне дури и да помисли да се однесува коруптивно.
Развиените демократии во ЕУ, но и нашите стратегиски партнери, како што се САД, го поставија патернот како треба да се бориме со високата корупција. Наше е само да покажеме искрена желба за таква борба.