Јасно е како ден дека децата трпат премногу големи притисоци и имаат премногу проблеми на кои ние како родители не обрнуваме внимание мислејќи дека „тоа се само деца, па какви проблеми можат да имаат?“ Ете, последниот инцидент покажува дека и не е баш така. Со години се пишува на оваа тема, но некако како сите да ја подзабораваме и да ја туркаме под тепих. Сега е веќе јасно дека оваа тема заслужува врвно место бидејќи се однесува на нашите деца и на нивната иднина
Балканот, па и светот вчера останаа завиени во црно. Шокантна информација ги потресе сите, кога во јавноста како бомба одекна веста дека одличен ученик, син на реномиран радиолог, кој бил меѓу најдобрите ученици во училиштето „Владислав Рибникар“ во Врачар, Белград, поради единица по историја, зел оружје, влегол на часот и направил масакр, ладнокрвно пукајќи кон соученици, наставници и вработени во училиштето.
За жал, неговата импулсивност донесе жртви, зави многу семејства во црно, вклучувајќи го и своето.
Овој инцидент не може, а да не нѐ натера да се запрашаме со што се справувало толку младо момче, за до тој степен да пукне, па да одлучи да земе оружје и да убива?
Психолозите, кои веќе наголемо го коментираат случајот, а врз база на досегашните информации достапни за него велат дека со оглед на тоа што момчето потекнува од реномирано семејство, било мирно, одличен ученик со примерно поведение, најверојатно било под невиден притисок од семејството поради училиштето, а од друга страна се справувало со притисок и од врсниците.
Зошто го пишувам сето ова?
Јасно е како ден дека децата трпат премногу големи притисоци и имаат премногу проблеми на кои ние како родители не обрнуваме внимание мислејќи дека „тоа се само деца, па какви проблеми можат да имаат?“ Ете, последниот инцидент покажува дека и не е баш така.
Со години се пишува на оваа тема, но некако како сите да ја подзабораваме и да ја туркаме под тепих. Сега е веќе јасно дека оваа тема заслужува врвно место бидејќи се однесува на нашите деца и на нивната иднина.
Алармот веќе одамна е вклучен.
Ова е врвот што може да се случи, но поентата е ваквите инциденти да се спречат.
На децата не им требаат парите по кои родителите трчаат, не им требаат престижот и името со кое родителите толку се гордеат. На децата им требаат родителска грижа и внимание.
Телефонот, компјутерските игри и компјутерите не се родители и никогаш нема да бидат. Работата секогаш може да почека.
Родителите треба и мора да имаат време за децата, кои сами одлучиле да ги имаат. Тие не барале да се родат, ги створиле родителите и затоа не треба да бидат товар, особено не за оние што треба да им бидат најголема потврда.
Уште се сеќавам на притисокот со кој јас се соочував поради тоа дека морам да бидам одлична ученичка, дека морам да бидам одговорна, дека да добиеш единица е најстрашното нешто што може да му се случи на еден ученик.
Но од денешна перспектива гледам дека не е така, иако со тој притисок и ден-денес живеам. Се трудам да бидам перфектна, не смеам да потфрлам во ниедна обврска.
Денес е најважно да си среќен, да знаеш дека си сакан и дека има некој што стои до тебе и зад тебе.
Е, тоа им недостига на нашите деца. Македонија веќе одамна го пропушти возот ако судиме по бројот на деца што секојдневно се водат од тикток-принципите за животот.
Па, тоа се ваши и наши деца, тоа се деца што треба да станат општествено одговорни и стабилни личности, деца што утре треба да имаат и свои семејства и да растат свои поколенија.
Разговарајте со своите деца за нивните проблеми!
Немате само вие проблеми, иако можеби тоа така ви изгледа. Можеби тоа што сте му рекле на детето дека не смее да добие четворка или која било друга оценка длабоко се врежало во неговата глава, до тој степен што, ете, ако добие слаба оценка може да земе оружје и да почне да убива.
Тие се сѐ уште во развој, тие се како тесто. Бараат обликување, бараат внимание, бараат љубов, а токму таа е бесплатна. Залудно трчате по пари со кои ќе им купите скапи патики на децата кога љубовта и вниманието се сѐ што им треба. Токму тие се бесплатни, а сепак, се чини премногу скапи за давање, па дури и на сопствени деца.
Родители, вклучете го алармот, следете го, запознајте си го своето дете. Ако е тивко, мирно, повлечено, не сака да разговара, обрнете внимание. Нешто се случува, а сѐ што треба е да го слушате, да му понудите помош, да го прегрнете.
Ниту едни пари на светот и ниту една престижна титула не го купуваат тоа.
Сите денес сме под притисок. За жал, во такво време живееме. Никој не знае што се случува зад вашите затворени врати и токму затоа е важно да се разговара за проблемите. Ако како семејство не успеете, постојат и психолози, постојат стручни лица што го работат токму тоа, а чија цел е спречување посериозни инциденти од кои нема назад.
Не е срамота да се побара помош кога е потребна.
Но страшно е кога пред наши очи децата се претвораат во личности што не се. Бидете „он“, додека децата ви се „оф“!