Деновиве се интензивираат преговорите околу составот на новата влада, а најоптимистичките најави се дека Македонија би можела да добие влада до средината на јуни, што имајќи ја предвид ситуацијата во која се наоѓа земјава, би било и повеќе од пожелно. Добро е што преговорите, барем според информациите што допираат во јавноста, се фокусирани на поставување на програмските основи на идната соработка, како евроинтеграциите, борбата со корупцијата и економски развој. Тоа се всушност клучните точки од кои зависи развојот на државата, наместо како претходно да се говори за етнички квоти, директори, институции и слично. Не дека и сега нема да го има тоа, но на сите им е јасно дека без квалитетно и стручно управување на институциите, нема развој, а со тоа нема подобар живот за ниту една етничка заедница.
И додека идните потенцијални владини партнери веќе ги утврдуваат постулатите на идното практикување на власта, очигледно ДУИ не може да се помири со фактот дека никој повеќе не ги игра околу составот на новата влада. На „зелените“ очигледно не им се допаѓа идејата конечно да отидат во опозиција по дводецениското владеење, па смислуваат еден куп автентични толкувања, правни гимнастики и што ли уште не, само повторно да се факторизираат како клучен партнер во идната власт.
Главен гуру во таквиот наратив дека без ДУИ нема влада и дека само тие се единствен и вечен политички претставник на албанската заедница во земјава несомнено е актуелниот шеф на дипломатијата во заминување, портпарол на ДУИ, шеф на разгранокот во Чаир, Бујар Османи, на чии толкувања на договорите може да им позавидат и најголемите правни експерти.
Имено, истиот тој Османи во својство на министер за надворешни работи во техничката влада неодамна ги свика амбасадорите на некои странски земји за да се пожали дека неговата ДУИ била оштетена на изборите и дека сега ДИК прави изборен инженеринг да им одземе дополнителни пратеници. За него воопшто не е спорно што тоа го прави како министер за надворешни работи, односно ја меша функцијата со партијата. Тезата со која се брани Османи е дека тој е дел од техничка влада чија задача е само да создаде амбиент за одржување фер и демократски избори и дека настапува само во тоа својство. Но ако е така, еве донекаде и да се согласиме, тогаш во какво својство техничкиот министер Османи се постави кога се јави како коспонзор на резолуцијата за Сребреница? Да не создаваше амбиент за фер и демократски избори во Босна? Или неговиот партиски колега, техничкиот премиер Талат Џафери? Дали и тој создаваше фер и демократски амбиент кога отвораше локални патишта и градинки во места што се гласачки бастиони токму на интегративците?
Но нејсе, на сите им е јасно како настапува Османи, особено кога е свесен дека првпат по две децении можеби ќе мора да се врати на професијата за која велат дека добро ја вршел, на медицината.
Сега, откако увиде дека приказната за формирање влада според Бадентер не поминува, сврте нов лист, па говори дека влада може да има само меѓу победникот во македонскиот и победникот во албанскиот блок. Истиот тој министер за надворешни работи во заминување заборава дека тоа никаде не го пишува во рамковниот договор, но пишува дека Македонија ќе остане унитарна држава, а кога зборуваме за унитарност, тогаш во државата има едни избори и еден победник, другите се партнери што ќе ги одбере победникот. Впрочем, ДУИ прв го напушти непишаното правило за победник со победник само за да учествува во идентитетскиот инженеринг врз македонската држава, направен на штета исклучиво на македонскиот народ, така што сега нема никаков образ да говори дека морало да има влада меѓу победниците во двата блока.
Понатаму, истиот тој министер за надворешни работи во заминување сега тврди дека принципот „победник со победник“ всушност е дел од рамковниот договор и дека главната причина за постигнувањето на овој договор била заштитата на немнозинските заедници од мајоризација. Ова е контрадикторно со тезите што ги застапува ДУИ, дека тие не се малцинство, туку рамноправен народ во Македонија, дури и отидоа понатаму, кажаа дека тие се газди тука. Тогаш од каква мајоризација се плашат? Има избори, мнозинството граѓани се определуваат за една опција и таа го има сиот законски и уставен легитимитет да формира влада каква што сака ако обезбеди 61 пратеник. Тоа е словото на законот, сѐ друго е правна импровизација и толкување на рамковниот договор само онака како што некому му одговара. Ако веќе беа толкави легалисти, тогаш зошто интегративците се оглушуваат на барањето на Советот на Европа да се отворат случаите за воени злосторства што раководството на ОНА ги направи во војната во 2001 година?
Очигледно само за Османи се дозволени слободни толкувања на договорите и само за него Грција ги исполнила сите обврски од Преспанската спогодба, а „сите обврски“ се тие што не нѐ попречувала да се зачлениме во ЕУ!? Да не се лажеме, Грција сево ова време гледаше само сеир. Ете, толку многу направила Грција, додека нашиве властодршци брусеа шахти, затвораа луѓе за истакнување на старото државно знаме, забрануваа употреба на терминот „Македонија“ на невладини организации, го исфрлија националното обележје на секоја една институција, Грците, според Османи, „целосно ја исполниле спогодбата од Нивици“.
Истиот тој министер сега порачува дека ако ДУИ не биде вклучен во владата, како „победник“ во албанскиот блок, ќе сме влезеле во фаза на постохридска Македонија, кога многу работи повеќе немало да бидат исти. Ова, како и да се толкува, малку подзаличува на закана, исто како онаа со чизмите од таваните и Кичево, воениот плен. Згора на тоа, за Османи гласовите на над сто илјади македонски Албанци се невалидни оти тие не биле на контото на ДУИ, што е навреда токму за албанската заедница во земјава и обезвреднување на нивната гласачка волја. Над сто илјади Албанци од Македонија кажаа дека не сакаат ДУИ да ги води и тоа не е за занемарување. Од друга страна, со тоа што во нивниот европски фронт има партии на Турците и Бошњаците, тоа де факто ги делегитимира како некакви победници бидејќи без нивните гласови „зелените“ ќе паднеа и под сто илјади, што е помалку од однос на коалицијата Вреди.
Како и да е, времето на какви било закани и пораки дека без ДУИ нема влада веќе помина, а тоа го знаат и во Мала Речица бидејќи им го соопштија и партнерите од меѓународната заедница. Какви било обиди за предизвикување кризи и загрозување на стратегиските интереси на нашите сојузници во овој дел од регионот ќе бидат јасно адресирани, со име и презиме, со што ДУИ и дефинитивно наместо во опозиција, ќе замине во историјата.
За македонските граѓани најважно е да добијат посветена влада што ќе работи за интересите на сите нејзини граѓани бидејќи таа ги претставува сите, а не само една етничка заедница. Сите граѓани сакаат забрзани евроинтеграции, сите сакаат земја без корупција и сите сакаат економија што расте. Од тоа зависи квалитетот на животот, а не од правната еквилибристика и толкувања на министерот за надворешни во заминување.