Дебатата во Европскиот парламент, која се претвори во гротескна манифестација на балканските радикални национализми, всушност потврди дека патот на Македонија како нација, држава и општество кон Брисел е всушност попречен поради македонскиот национален идентитет. Брисел и неговата бирократија, поради
одредени внатрешни прашања во Европската Унија, со децении молчеа на сите апсурдни политики на Атина кон Македонија и македонскиот народ. По Преспанскиот договор, бугарската политичка елита согледа дека националистичките политики минуваат, оттука и таа започна со своите уцени и апсурдни барања кон Македонија.
Денес Софија резонира на следниот начин – доколку Грција го доби она што го бараше од Македонија со поддршка на ЕУ, зошто и ние да не го добиеме, впрочем и ние сме членка на Европската Унија, а Брисел дозволува вакви политики! Со други зборови, Европската Унија (односно највлијателните европски држави) е виновна за
денешните негирања на македонскиот национален идентитет. Европа одамна требаше да стави сопирачка за овие бесправни политики, кои немаат ништо заедничко со суштината на европските вредности, со темелните принципи на ЕУ и со меѓународното право
Негирањето на особеностите на одреден народ во суштина е обид за бришење на неговиот идентитет. Оваа негација може да се разбере и како обид за преобликување на историјата, но и оправдување на политиките што нарушуваат одредени човекови и малцински права. Не случајно, негирањето на одреден народ е во симбиоза со радикалниот национализам затоа што нацијата се доживува како монолитен национален идентитет. Оттука признавањето на одделни етнички или јазични групи се доживува како опасност за колективниот идентитет. Истовремено, со обидот за бришење на одреден идентитет се прави и обид за делегитимизирање на одредени права, како што е правото за негување на јазикот или културата. Постојат повеќе примери што потврдуваат дека негирањето на одреден народ е поврзано и со политичкиот ревизионизам на историјата, односно кога се пишуваат историски учебници со лажен и пропаганден наратив, со негирање на злосторствата од минатото или со изоставање на цели заедници за да се создаде лажна националистичка приказна.
Во овој контекст треба да ги разбереме и последните искажувања на бугарските и грчките европратеници во текот на дебата за извештајот на Томас Вајц за пристапувањето на Македонија во Европската Унија. Не случајно, грчката европарламентарка Афродити Латинопулу рече дека е „вистинска Македонка“, како и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Слично беше и искажувањето на Станислав Стојанов од Преродба дека за првпат Европскиот парламент сака да признае јазик и идентитет, порачувајќи дека „народот во С. Македонија зборува само еден јазик – бугарски, бидејќи сме еден народ“.
Не е потребна некоја подлабока анализа, но дебатата во Европскиот парламент, со која дел од европратениците ја претворија оваа институција во дом за гротескна манифестација на балканските радикални национализми, всушност потврди дека патот на Македонија како нација, држава и општество кон Брисел всушност е попречен поради македонскиот национален идентитет. Брисел и нејзината бирократија, поради одредени внатрешни прашања во Европската Унија, со децении молчеа на сите апсурдни политики на Атина кон Македонија и македонскиот народ. По Преспанскиот договор, бугарската политичка елита согледа дека националистичките политики минуваат, оттука и таа започна со своите уцени и апсурдни барања кон Македонија. Денес Софија резонира на следниот начин – доколку Грција го доби она што го бараше од Македонија, зошто и ние да не го добиеме, впрочем ние сме членка на Европската Унија, а Брисел дозволува вакви политики! Со други зборови, Европската Унија (односно највлијателните европските држави) е виновна за денешните негирања на македонскиот национален идентитет. Европа одамна требаше да стави сопирачка за овие глупи политики, кои немаат ништо заедничко со суштината на европските вредности.
Последната дебата во Европскиот парламент е уште една потврда дека нашето приклучување во Европската Унија е попречено само затоа што сме Македонци и говориме на македонски јазик. Нема друга причина! Некој може да нѐ убедува во спротивното, но нештата потврдуваат дека дури и да се промени македонскиот устав и да се внесе бугарската заедница, повторно ќе бидеме блокирани од Софија. Може некој да шири лажен наратив, како оној на бугарскиот европски пратеник Ивајло Валчев дека во Македонија граѓани се казнуваат зашто се изјаснуваат како Бугари, но тоа нема ништо со реалноста. Европската Унија и Брисел треба да ја согледаат суштината на проблемот и да понудат решение што ќе го заштити македонскиот идентитет и што ќе биде во правец како искажувањето на словенечката европратеничка Ирена Јовева дека „европската интеграција е изградена врз различноста. Почитувањето на националниот, културниот, јазичниот, религиозниот и етничкиот плурализам е нашата сила. Ние не наметнуваме единствен поглед на тоа што значи да се биде Европеец. Се збогатуваме едни со други токму затоа што сме различни“.
На крајот ќе завршиме со зборовите на Христо Татарчев, кој кристално јасно образложи дека „народот, кој го истрпи петвековното ропство; кој што се ослободи од фенерскиот духовен гнет; кој што ја разруши турската империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација“. Продолжуваме понатаму. Следува третото полувреме!