Неколкудневните протести недвосмислено ги покажаа решеноста и силината на македонскиот народ да опстои во своите намери за зачувување на националниот идентитет. Ова наедно беше и прв посилен отпор кон европските интеграции, кои беа сведени на исполнување на неостварените империјалистички сонови на Бугарија, што го вклучи и алармот во Брисел за поактивно да се инволвира во остварување на меѓународното признаеното право секој народ да се именува како што самиот сака и како што се чувствува. Пред Европската Унија е обврската за исполнување на ветеното, во спротивно нѐ очекуваат нови разочарувања во европските интеграциски процеси
По 17-годишно чекање пред вратите на Брисел и по неколкугодишното, прво, француско, па потоа и бугарско вето, Македонија ќе го направи првиот (полу) чекор до долгонајавуваниот почеток на пристапните преговори за влез во Европската Унија. Неколкугодишниот застој во процесот на проширувањето, минатата недела се одвиваше со филмска брзина. Во саботата македонските пратеници ги изгласаа заклучоците за францускиот предлог, еден ден подоцна македонскиот министер за надворешни работи и неговата бугарска колешка (во оставка) го потпишаа билатералниот протокол за соработка меѓу двете земји, тоа е истиот документ, за кој претходно нѐ убедуваа дека „не бил усогласен“, па затоа не смеел да се објавува пред македонската јавност! Со потписите на Бујар Османи и на Теодора Генчова се отвора патот за одржување на првата меѓувладина политичка конференција на Македонија и на ЕУ. Таа е веќе закажана за утре во Брисел, на која ќе се слушне и обраќањето на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кое ќе биде на „чист македонски јазик“.
Дотука завршува и првата етапа од дипломатската „трилогија“ наречена „Македонија на патот до Европската Унија“, исполнета со многу драмски пресврти, од манифестирање безгранична љубов со и од Брисел, изгубени надежи, разочарувања, лажни ветувања до целосен евроскептицизам. Завршницата, се чини, се одвиваше според однапред напишано сценарио, во кое само треба(ше) да се задоволат некои формални собраниски процедури, колку да се „испочитуваат“ демократската и стручната јавност во Македонија, која искажа многу забелешки во однос на содржината од преговарачката рамка, а кои се однесуваа на недоволната заштита и употреба на македонскиот јазик во европските институции, на што се противеше Бугарија. Сепак, неодминливо е чувството дека во македонскиот парламент недостигаше стручна и професионална дебата за т.н. францускиот предлог, што беше ускратена поради одлуката на Владата да не ја објавува содржината од билатералниот протокол, која се чуваше далеку од загрижените македонски граѓани, поради некаков „џентлменски“ договор меѓу Османи и Генчова! За отсуството на демократски амбиент во Собранието придонесе и опозицијата, која користеше музички реквизити, со што ги попречуваше излагањата на пратениците од владејачката партија.
Настаните и начинот со кој Македонија е ставена на стартната линија за почеток на маратонот за влез во Унијата (досега таа беше покрај атлетската патека), остави горчлив вкус кај мнозинството македонски граѓани, кои со право се загрижени за зачувување на својот национален идентитет, што така силно е оспоруван од бугарските националистички елити. Пред нашата држава и, секако, пред актуелната власт, претстои сериозна обврска и институционална борба низ европските лавиринти за исполнување на главната точка од собраниските заклучоци, а тоа е „во Преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде наведен без какви било објаснувања, додавки или фусноти“. Првиот тест за тоа ќе биде официјалното признавање на македонскиот јазик при потпишувањето на договорот за соработка со Фронтекс, без какви било објаснувања, додавки или фусноти. Со ова ќе се потврди и ветувањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, дадено пред македонските пратеници дека „македонскиот јазик е наш“, а историските прашања и билатералните протоколи со Бугарија не се услов за преговорите. Стекнувањето доверба во преговарачкиот процес зависи и од однесувањето на бриселската администрација при споменувањето на македонскиот јазик и народ, што (пре)често беше оставано на слободната интерпретација на европските претставници, како на пример употребата на „северномакедонци“ од страна на францускиот претседател Емануел Макрон.
Од одржувањето на првата меѓувладина конференција за Македонија, нашата земја влегува во нова (преодна) фаза од процесот за зачленување во Европската Унија. Ова значи и потреба од промена на однесувањето на сите активни политички фактори во земјата, кои треба да престанат со преземањето одлуки што водат кон нови поделби на македонското национално ткиво. Ова првенствено се однесува на претставниците на актуелната владејачка структура, која треба да го отвори процесот на преговори, првенствено на релацијата со Бугарија, која досега беше сведена на „персоналните“ релации на министрите што се задолжени за надворешната дипломатија. Меѓусебните обвинувања, кои можевме да ги слушаме во изминатите две недели, за тоа кој е „предавник“, а кој „работи за туѓи странски интереси“, треба да се остават во минатото
Од одржувањето на првата меѓувладина конференција за Македонија, нашата земја влегува во нова (преодна) фаза од процесот за зачленување во Европската Унија. Ова значи и потреба од промена на однесувањето на сите активни политички фактори во земјата, кои треба да престанат со преземањето одлуки што водат кон нови поделби на македонското национално ткиво. Ова првенствено се однесува на претставниците на актуелната владејачка структура, која треба да го отвори процесот на преговори, првенствено на релацијата со Бугарија, а која досега беше сведена на „персоналните“ релации на министрите што се задолжени за надворешната дипломатија. Меѓусебните обвинувања, кои можевме да ги слушаме во изминатите две недели, за тоа кој е „предавник“, а кој „работи за туѓи странски интереси“, треба да се остават во минатото. Во наредните години, Македонија ја очекуваат сериозни преговори за што е потребно да постои заедничка и усогласена стратегија во градењето единствени позиции во однос на прашањата поврзани, пред сѐ, со протоколот со Бугарија, во кој се кријат многу замки и препреки, за чие надминување е неопходно вклучување на искуството и знаењето на сите релевантни личности од надворешнополитичката, научната и историската сфера. Досегашното искуство, а тоа се потврди и со објавувањето на преговарачката рамка, покажа дека сегашните „главни“ преговарачи од македонска страна се недоволно упатени во тајните на меѓународната дипломатија, а содржините од прифатените европски документи ги пренесуваат повеќе според сопствени толкувања, а не според тоа што реално пишува во документите.
Зачленувањето во Европската Унија, кое може да трае и подолго од периодот поминат во европската чекалница, не може да биде цел само за себе, без притоа да бидат заштитени националните интереси на Македонците. Мнозинството граѓани и интелектуалци јасно го изразија своето негодување за „попустливото“ однесување за носителите на извршната власт. Неколкудневните протести недвосмислено ги покажаа решеноста и силината на македонскиот народ да опстои во своите намери за зачувување на националниот идентитет. Ова наедно беше и прв посилен отпор кон европските интеграции, кои беа сведени на исполнување на неостварени империјалистички сонови на Бугарија, што го вклучи и алармот во Брисел за поактивно да се инволвира во остварување на меѓународното признаеното право на секој народ да се именува како што самиот сака и како што се чувствува. Пред Европската Унија е обврската за исполнување на ветеното, во спротивно нѐ очекуваат нови разочарувања во европските интеграциски процеси.