Започнувањето на менувањето на Уставот на Македонија, со „охрабрување“ од меѓународниот фактор и под уцени од соседите, во голема мера наведува на мешање во внатрешните работи на државата и дури непринципиелен надворешен „поттик“ за внатрешно прекршување на регулативата и процедурите за уставни измени.
Македонија не смее да си дозволи повторно да биде втурната во лицемерно практикување на „балканскиот начин“ за спроведување на европските „директиви“, за потоа истите тие „охрабрувачи“ таквиот начин да ѝ го удрат од глава
На овој или оној начин, без политички консензус, а со уште помала согласност на јавното мислење, се формираат работните групи (постојано „групите“ се наведуваат во множина) и се чини дека Министерството за правда, како овластен субјект на Владата, може да ја започне работната акција за уште едно менување на македонскиот устав. Познат е политичкиот состав на работните групи, со номинирани претставници од парламентарните политички партии, како и од државните институции: од кабинетот на претседателот на Македонија, од Министерството за надворешни работи, како и од Секретаријатот за европски прашања, но се очекува да се придружат и правници, главно експерти по уставно право, чии имиња сѐ уште се во доменот на претпоставки и шпекулации. Под притисок на наближување на условно зададениот термин до кој треба да се случат уставните измени – односно ноември годинава, за кога се наведува дека ќе заврши скринингот од ЕУ на македонското законодавство и треба да се продолжи преговарачкиот процес за членство во Унијата со отворање на поглавјата – од Владата сметаат дека е крајно време ударнички да се посветат на формулирањето на измените на Уставот, што ги презедоа како обврска со прифаќањето на францускиот предлог од преговарачката рамка.
Во македонската јавност, а и пошироко (барем кај оние меѓународни претставници што „охрабруваат на голтање смрдливи работи со мижење“), ноторно познат е фактот дека целата оваа мобилизација за менување на Уставот на Македонија е со цел во него на некој начин да бидат внесени и Бугарите. Особен предизвик во оваа операција е што сите своеволно или неволно вовлечени во процесот имаат различни очекувања на каков начин треба Бугарите да бидат застапени во македонскиот устав и дали со тоа ќе заврши европската драмолетка со работен наслов – „игри со уцени за евроинтеграциите на Македонија“. Доминантниот наратив во Македонија (за кој главно се смета дека е прифатлив) е дека Бугарите во македонскиот устав би биле внесени како малцинство, или дел од народ, а притоа се мисли на оние 3.504 самосвесни Бугари изјаснети како такви на последниот попис, спроведен во 2021 година. Но многу изјави на високопозиционирани политичари во Бугарија наведуваат дека таму немаат иста идеја за улогата и бројноста на Бугарите во македонскиот устав. Официјална Софија, кога станува збор за Бугарите во Македонија, најчесто оперира со бројките на издадени бугарски пасоши на македонски граѓани со двојно државјанство, но и со радикално шовинистичката „теза“ дека всушност сите Македонци се „неосвестени“ или „заведени“ Бугари, па според тоа треба да се најде начин со уставните измени тие да добијат конститутивен статус.
Бугарските политичари дури и (не)суптилно испраќаат пораки дека сакаат да бидат „направени консултации со нив“ за текот на процесот за уставните измени во Македонија, додека бугарските медиуми ставаат на знаење дека „уставните измени се најлесниот дел“ за исполнување од сето она што очекуваат во Бугарија да биде исполнето од македонска страна во текот на евроинтеграциите. Според еден бугарскиот портал, откако ќе бидат внесени Бугарите во македонскиот устав, не постои намера во Софија да се откажат од сите други ветени и наведени отстапки во протоколите што произлегуваат од Договорот за добрососедство од 2017 година, каде што клучно место заземаат работата на историската комисија и измената на учебниците, која треба да произлезе од тој процес. Колку и да се сака од македонска страна да се релативизира, или дури и да се негира постоењето на другите услови од пакетот на т.н. француски предлог, како на пример протоколите од меѓувладините конференции за спроведување на Договорот за добрососедство, од Бугарија уредно потсетуваат, не оставајќи простор за изговор дека не кажале навреме.
Во целиот (непоткрепен) ентузијазам за брзо спроведување на уставните измени што се бараат како услов за ефективен почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, се чини се бараат начини како итромански – прагматично да се премостат процедурите што изгледаат како пречки во фазите на целиот процес.
Според одредбите од актуелниот македонски устав, за започнување на процесот на уставни измени, најпрвин треба да има одлука на Собранието со квалификувано мнозинство од две третини за промена на Уставот. Потоа, во рамките на Собранието се формира уставна комисија, која би го подготвувала текстот на измените. Во контекстот на таквата предвидена уставна процедура, формирањето работни групи што подготвуваат нацрт-промени, кои би поминале со гласање на 61 пратеник, за тој текст потоа да оди на јавна дебата и на крајот да биде усвоен со двотретинско мнозинство, наведува на сомнително вонпроцедурална, па и неуставна ситуација. Таквите уставноправни акробации уште повеќе влијаат за незадоволство и недоверба кај голем дел од македонската јавност за целиот процес на уставни измени, но и повторно продлабочување на општествената и политичка поделеност околу потребата тие воопшто да се случат „под притисок на непринципиелни условувања од меѓународната заедница“! Изместувањето на домашната уставна процедура за менување на Уставот повторно го нагласува постојаното прекршување на принципите на меѓународното право, како и излегувањето надвор од рамката на критериумите и стандардите на ЕУ за проширување, кога станува збор за евроинтеграциите на Македонија. Започнувањето на менувањето на Уставот на Македонија, со „охрабрување“ од меѓународниот фактор и под уцени од соседите, во голема мера наведува на мешање во внатрешните работи на државата и дури непринципиелен надворешен „поттик“ за внатрешно прекршување на регулативата и процедурите за уставни измени. Македонија не смее да си дозволи повторно да биде втурната во лицемерно практикување на „балканскиот начин“ за спроведување на европските „директиви“, за потоа истите тие „охрабрувачи“ таквиот начин да ѝ го удрат од глава.