Ех, да, Уставот, Уставот… Уставот!!!

Доколку внимателно се проследи овој дел од македонскиот устав, јасно е дека македонскиот јазик е службен јазик во македонската држава, а службена употреба може да има и јазикот на другите националности, но во единиците на локалната самоуправа, а не на целата територија на македонската држава. Македонскиот устав исто така кристално јасно определува дека јазикот и писмото на националностите ќе бидат утврдени со закон, но автентичното толкување на Уставот јасно определува дека овој закон ќе се однесува само за локалната самоуправа, односно за македонските општини. Ако внимателно анализираме, очигледно е дека македонскиот устав не ја остава можноста за употреба на кој било друг јазик како службен јазик на целата територија на македонската држава, освен македонскиот јазик

Уставот е збир на фундаментални принципи што ја сочинуваат правната основа за тоа како треба да функционира секоја суверена држава и нација. Без исклучок, Уставот ги дефинира принципите на кои се заснова државата, постапката во која се донесуваат законите и од кого. Честопати Уставот исцртува јасни национални линии, кои не можат да се преминат и во суштина е ограничувач на оние сили што свесно или несвесно ја загрозуваат суштината на држава или нацијата. Во друг контекст може да се каже дека Уставот е како Десетте Божји заповеди, односно тоа е светост, односно не може да се менува ниту еден збор од Уставот поради дневнополитички потреби или амбиции на поединци. Во оваа смисла треба да го разбираме и македонскиот устав, кој е гарант на суверенитетот и интегритетот на македонската држава, но и гарант на човековите права без разлика на етничката или религиозната припадност на македонските граѓани.
Македонскиот устав регулира многу прашања, а меѓу другото во него можеме да го прочитаме и следното: „На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“. Исто така можеме да прочитаме дека: „Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20 отсто од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20 отсто од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа“.
Доколку внимателно се проследи овој дел од македонскиот устав, јасно е дека македонскиот јазик е службен јазик во македонската држава, а службена употреба може да има и јазикот на другите националности, но во единиците на локалната самоуправа, а не на целата територија на државата. Македонскиот устав исто така кристално јасно определува дека јазикот и писмото на националностите ќе бидат утврдени со закон, но автентичното толкување на Уставот јасно определува дека овој закон ќе се однесува само за локалната самоуправа, односно за македонските општини. Ако внимателно анализираме, очигледно е дека македонскиот устав не ја остава можноста за употреба на кој било друг јазик како службен јазик на целата територија на македонската држава, освен македонскиот јазик.
Оттука нештата се многу едноставни, а суштинското прашање е дали сегашниот Закон за употреба на јазиците е уставен или противуставен акт. За ова прашање, секако, може да одлучува само македонскиот Уставен суд и никој друг, а најмалку Денион Меидани, албанскиот амбасадор во Македонија, според кого, „албанскиот јазик не е работа на судови и законски формулации“. Каков апсурд! Дипломат на друга држава коментира нешта за туѓа држава. Ова нема поинакво објаснување, освен директно мешање во внатрешните работи на Македонија, која е суверена држава.

Да се вратиме на суштината! Никој во Македонија не ја доведува во прашање употребата на албанскиот јазик, впрочем тоа е јасно напишано во македонскиот устав каде што се вели дека: „Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20 отсто од граѓаните е службен јазик“. Да го повториме она што го знаат и малите деца. Уставниот суд треба да оцени дали сегашниот Закон за употреба на јазиците е уставен или не. Доколку е неуставен, тогаш спорните делови од тој закон ќе треба да се избришат. Нештата се едноставни, а тоа јасно го нотираше и Венецијанската комисија.
Очигледно е дека прашањето за уставноста или неуставноста на Законот за јазиците се злоупотребува од страна на одредени политички фактори, како што се изјавите што пристигнуваат од ДУИ дека „додека премиерот продолжува да молчи на нашите повици за повлекување на овие иницијативи од Уставниот суд, неговата влада продолжува со практичното ограничување на употребата на албанскиот јазик“.
И покрај очигледните притисоци врз македонскиот Уставен суд, македонските уставни судии мора да постапат и да се изјаснат околу спорните одредби од Законот за употреба на јазиците. Тие мора да дадат автентично толкување на македонскиот устав. Во суштина, Уставниот суд не смее да подлегнува на политичките притисоци, а македонските уставни судии треба да покажат принципиелност и да манифестираат достојност за функцијата што ја извршуваат наместо да наоѓаат „соломонски решенија“ и да бараат мислења од експертската фела. Тогаш чуму таков Уставен суд ако за секое чувствително прашање се бара мислење на експерти? Зошто не се побара мислење од експерти кога се отфрли нелегитимниот референдум за промена на името?
Дека македонскиот Уставен суд може да биде и треба да биде над политика потврдува и неодамнешниот пример со Врховниот суд во Соединетите Американски Држави. Имено, Врховниот суд во американската сојузна држава Колорадо донесе пресуда со која Доналд Трамп се дисквалификува да ја извршува функцијата претседател, според таканаречената клаузула за бунт во американскиот устав, и не може да фигурира на гласачкото ливче во државата за изборите во 2024 година.

Меѓутоа оваа одлука беше оспорена пред Врховниот суд во Соединетите Американски Држави. Доколку внимателно се проследи, одлуката на судот во американската сојузна држава Колорадо произлезе од внатрешните поделби и превирања во американското општество, но американскиот Врховен суд не навлезе во политички дејанија и само ја оценуваше уставноста на судската одлука на сојузната држава Колорадо.
Врховниот суд во Соединетите Американски Држави пресуди дека одлуката на Врховниот суд во американската сојузна држава Колорадо да го дисквалификува Доналд Трамп е противуставна, бидејќи Колорадо не може да одлучува за ова прашање, туку само американскиот Сенат.
Сето ова јасно говори дека македонскиот Уставен суд мора да се издигне високо над политиката и од перспектива на сообразноста на законите со Уставот да одлучува и да носи одлуки. Тој е чувар на македонската државност и ако тој потклекне пред политичките нарачки и притисоци, тогаш ќе потклекне и Македонија како држава. Ако Уставот е највисокиот правен акт во секоја земја, тогаш ситните политички нарачани законски решенија не можат да ја одредуваат судбината на целата држава. Владеењето на правото е нашиот највисок приоритет, така што Уставниот суд треба да биде примерот што ќе го следат сите.