Дуи Липа

  • Џабе се увезуваат законите со гондоли од Венеција, кога овде партиските трговци веднаш ќе те насамарат и ќе ти произведат политички закон строго за нечија употребна вредност. Произволноста стана мерка за толкување на правото. Браво. Така далеку се стигнува. Кој сака нека си купи билет во прв ред ако уште има желба, нерви, сила, па и волја да го гледа овој наш театар на апсурдот. ДУИ е во налет, потсетник на времето на „пролетните офанзиви“ од пред 25 години

Овде, во државава, имаме законски апсурди од кои може да се направи цела колекција за изложба во „Ермитаж“. Изложени до велигденските јајца на Фаберже. Законски дупки, пак, колку вселенските црни дупки, антиматерија што те голта. Аш. Полесно ќе најдеш детелина со четири листа на асфалт отколку добро подготвен закон, легислатива што нема да биде во колизија со Уставот. И потоа паметни умови што сето тоа ќе ти го објаснуваат, толкуваат и разјаснуваат. Џабе се увезуваат законите со гондоли од Венеција, кога овде партиските трговци веднаш ќе те насамарат и ќе ти произведат политички закон строго за нечија употребна вредност. Произволноста стана мерка за толкување на правото. Браво. Така далеку се стигнува. Кој сака нека си купи билет во прв ред ако уште има желба, нерви, сила, па и волја да го гледа овој наш театар на апсурдот.

Извесниот М.Ќ., градоначалник на Струга, е соочен со кривично дело. Подолу ќе кажеме зошто и како. Но, гледај го нашиот апсурд. Се ставаат иницијали за човек што секој ќе го препознае затоа што е наведено дека е градоначалник на Струга, град што може да биде еден од најубавите на Балканот, но и покрај тоа што Господ им дарил вода, оти тие што го раководат не го користат умот, туку размислуваат преку џебот, дозволија во водоводот да шетаат некоиси ешерихии. И така било со години. Оти поарно е да се возиш во „ауди“ отколку во „волга“, па ако треба и заматена вода ќе се пие. И се пие! А како ли само успеаја да му го скријат идентитетот, мајсторија. Еднаш во еден наш весник објавија нешто слично: се цитираше изјава, а потоа новинарот го скрил изворот и навел дека анонимно ни изјави генералниот директор на „Алумина“. Маестрално.

Гревот на Ќура е што наводно надвор од своите законски надлежности вработил в.д. директор на јавното претпријатие за водовод, а тој немал соодветно образование, меѓу што и не знаел англиски, немал доказ, немал ТОЕФЛ. Мора ли секој на јавна функција да знае англиски? Морал ли тој в.д. да знае англиски за да го реши проблемот со заматената вода? Не треба многу да му ја мислиме, сигурно дека не мора. Но мора да знае македонски јазик, ете тоа мора, а во пракса и не мора. Ние имаме министер во Владата што не знае македонски и си ја тераме работата. Коректно ли е тоа? Според законот ли е? Разбирам градоначалникот Менди Ќура да го подбрале за кршење на Законот за употреба на јазиците, ама за тоа никој не се фатил. Ете, натписот на општинската зграда е првин на албански јазик, па на македонски. Еден ден можеби ќе снема место, па ќе остане само албанскиот јазик?! Гледаме таква намера, се извинувам. Гледаме во сите општини што имаат наводно мнозинско албанско население дека си тераат една пракса дека албанскиот јазик е главен јазик, а македонскиот или некој друг јазик на малцинствата, како турски или ромски, е спореден. Десна рака, како помошен јазик. Измислија и двојазичност на лева и десна страна. Па, ете дилема – кој е официјалниот јазик на државата во комуникација со граѓаните, со светот, меѓу себе, меѓу вработените – тој од левата (македонскиот) или тој од десната. Што со оние што едвај се служат со левата? И според законот ли е тоа делење на леви десен или не е? Имаме универзитети како тој во Тетово, а е државен, и „Мајка Тереза“ што си тераат како да се во држава во која албанскиот јазик е државен и службен јазик, што би рекле главен јазик и на администрацијата. Дали некој беше повикан или отповикан за таа пракса, која е спротивна на законот и на Уставот? Не.

Ќе ви кажам еден пример за тоа како функционираат работите во пракса. Неодамна се запознав со една позната професорка од странство и таа ми рече: Утре имам предавање на албанскиот универзитет! На кој? На „Мајка Тереза“. Ѝ реков дека тој не е албански, туку универзитет во македонскиот систем на највисокото образование. Само ги крена рамената, оти таа сфатила дека е тоа албански универзитет. Во пракса тој е албански универзитет за кој од буџет се издвоија околу 35 милиони евра. Можеби не сум ја видел цифрата добро, но мислам дека кампусот толку ќе чинел. Нема да навлегувам подлабоко зашто ќе навлезам во матни води и некои можат погрешно да ја разберат пораката. Мојот став е дека таму, на тие универзитети, законите не се почитуваат, а македонскиот јазик е само некоја формалност, а и тие универзитети излетале надвор од уставните (охридски) рамки. Леле, пак си го исфлекал оделото за искачање! Разбирате кој (јазик) е флеката?

Во времето кога ги решававме овие прашања, а не ги решивме, тоа е очигледно, кога со пендреци се бараше правдата во Тетовско и кога на едно дрво видовме натпис „Медицински факултет“ на албански јазик, јасно беше дека одиме како држава и општество во погрешна насока. Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Макс ван дер Штул, тогаш одигра голема улога, ги намести коцките што фалеа во македонскиот јазичен, па и етнички мозаик, и кажа дека Универзитетот на Југоисточна Европа ги исполнува барањата и потребите на албанското малцинство. Точка. Дали некој се сеќава на таа реченица? Ете, во негова чест има Институт „Макс ван дер Штул“, но неговиот дух одамна исчезна од Македонија. Добивме, односно како некој да давал од нивата на татко му, Државен универзитет во Тетово, за кој Ван дер Штул рече дека не е според законот, и „Мајка Тереза“. Тоа се два универзитети што не се ни според Охридскиот договор, а тоа значи немаат ни уставен печат. Нозете ни отидоа подалеку од чергата кога станува збор за образованието, но и употребата на мајчиниот јазик, а сега нозете се пуштаат уште подалеку – да се полага и правосуден испит на албански јазик. Ова барање е поддржано со восклици УЧК, УЧК и со знамиња на Албанија и на Америка. Декор од пред дваесетина години.

Очекувано беше сето ова, се знаат горе-долу потезите на ДУИ, исто како и позициите на СДСМ, за тоа што треба сѐ да дадеме за да почнеме преговори со ЕУ. Тоа давање треба да биде исто како од нивата на нечиј татко. Ова е еден вид повторување на сценаријата од пред 24-25 години, кога овде се ширеше баучот од избувнување пролетна офанзива. Жално. Автобусот на оние „турс“ агенции што возат само во смрт наместо на сигурна екскурзија, повторно се јавуваат со старите тези – ако нема полагање на албански, ќе има тоа и тоа. Можно ли е партијата на Али Ахмети, со лидерски стаж што е дводецениски и е непознат во демократската пракса на повеќепартизмот, па дури и кај нас, да не може да се одвои од старите реторики и да излезе од оковите на етноцентризмот. Се чини дека не може.

Овие маневри, на кои се залепија поголеми политички групации во и околу ДУИ, и млади што наместо со индекси мавтаа со знамиња, се како подготовка за она што се очекува да се донесе како мислење од највисокиот македонски суд за употребата на Законот за јазиците, кој и домашните, но и странските познавачи на правото знаат дека е надвор од уставните рамки. Прашањето е – кој сака правна држава, а кој не, кој сака ред и правда, а кој не. Така е подобро да се делиме отколку по етнички линии. И да го фатиме патот кон подобро.

И ако мислите дека насловот на колумната ми е погрешен, јас мислам не. Девојката супер пее, но партијата на Ахмети како да фалшира. Опасно јазично фалшира.