Културата е основен столб на секое општество, еднакво толку неопходна колку што е кревка, сектор што мора да се негува, онолку колку што се брани, денес повеќе од кога било. Ако се знае дека културата е целокупното наследство на цивилизацијата, тоа во основа би значело дека без култура можеме да преживееме, но не и да
живееме
„Престојот во селото е патување во минатото, минато што исчезнува…“, ова е воведот на кусиот документарен филм за Слоештица што мексиканската уметница Елизабет Рос го сними во август 2010 година, како гостинка на меѓународната уметничка резиденција на „Арт поинт Гумно“, која ја предводат уметникот Сергеј Андреевски и неговата сопруга Ирена. Приказната за македонското село што полека исчезнува, за тутунот, печурките, валавиците, животните, пиперките, за животот и за смртта како негов дел, богато илустриран со автентична музика од македонски автори и изведувачи, ќе се прикажува дури на четири различни сцени што се дел од познатиот светски фестивал „Тајни арт фестивал“ во Јапонија.
„Се гордееме со успесите на сите уметници што биле наши гости, а сега се дел од големото семејство на културни амбасадори за Македонија на ’Арт поинт Гумно‘. Еве, дојде ред, за нашата Слојштица и Слојчани (буквално за „последните селани“ на Петре) да се прикажува и во Јапонија. Сепак, не можам да ја скријам и тагата што ме обзема поради фактот што сите овие преубави уметнички креации што го обиколуваат светот се инспирирани од една вистинска приказна што полека, но сигурно, исчезнува. Понекогаш си мислам дека сите тие се реквием за сето она што ние, сите ние, не успеавме да го сочуваме – нашиот идентитет! Дај боже да грешам!“, порача Ирена Андреевска по повод овој важен настан.
За тоа како да се бориме против оспорувањата на македонскиот јазик, култура и идентитет и од каде доаѓа најголемата опасност, уметникот Андреевски, пак, во едно интервју посочи дека тоа „е излишно и непотребно“…
„Јазикот наш е сѐ уште жив и витален. Тој е овде! И насекаде каде што постои и еден Македонец што го говори нашиот прекрасен јазик, тој ќе постои и опстои… Стојам на ставот дека најголемата опасност за нашиот јазик, а и за опстанокот на нашата држава, доаѓа од овде, од дома. Ние сме единствениот народ на светот што прави сè што е погубно за себе и за сопствената држава. Често помислувам дека ние не ја заслужуваме нашата држава. Во светот постојат многу групи на народи што катадневно се борат да добијат своја држава, своја автономија, а ние од сето тоа лесно се откажуваме, го оставаме како да ни е тукутака подарено, тежнеејќи кон туѓото, како да е повредно, поубаво. Немање национална стратегија за развој на културата, увезување сè и сешто по секоја цена; немање или невоведување реципроцитет при културни настани…
Огромни средства се одлеваат за туѓи култури; тоа е многу поголема опасност отколку негаторската политика на соседите…“
Во овие зборови на Сергеј се содржи главната идеја врз која треба да почива државата, тоа дека нема иднина без култура и традиција. Тоа е онаа визија за културата како основен столб на секое општество, еднакво толку неопходна колку што е кревка, сектор што мора да се негува, онолку колку што се брани, денес повеќе од кога било. Ако се знае дека културата е целокупното наследство на цивилизацијата, тоа во основа би значело дека без култура може да преживееме, но не и да живееме.
Светот одамна сфати со какви сериозни предизвици се среќава уметноста, особено денес, и дека мора да го зачува и заштити сето она што може за идните генерации. И државата мора да вложува во културата, тоа е цивилизациска задача. И тоа треба да го прави со многу слух, флексибилно и долгорочно да создава услови за нејзин развој, затоа што во крајна линија иднината на една држава лежи во традицијата, во културните придобивки од минатото. Еден од врвните приоритети на државната политика треба да биде зачувување и негување на македонскиот јазик, книжевност, уметност, култура и традиција, за и светот да може да ги препознае како врвни дострели на македонскиот културен ентитет и идентитет.