Спортот во основа треба да биде надигрување, натпреварување за постигнување подобар резултат, а не за промовирање идеи од некаков си ценар на моќ што и преку спортот „турка“ високи политики. Или подобро речено, политикантства. Преку таквиот хибриден политико-спорт ни наметнаа и промена на име, на знаме, на национални обележја, а тенденцијата сѐ уште продолжува. Така некако може да се протолкува последниот „гаф“ (ако воопшто може да се нарече), односно преименувањето на земјава на официјалниот јутјуб-канал на Светската кошаркарска организација (ФИБА). Имено, за време на преносот на натпреварот меѓу Македонија и Косово, ФИБА ја преименува земјава во „Северна Македонија Косово“. Независно дали станува збор за најобична техничка грешка или тоа е сторено со длабока умисла, сепак, не треба да се премине преку ова. Прекуглава ни е од овие тенденции да нѐ обезличат, со кои се соочуваме секојдневно, а најмалку го очекувавме тоа на спортско поле. Моментот и содржината на тоа што се случи тешко дека отсликува случајност или техничка грешка. Веќе не веруваме во случајности. Оваа кампања за наше обезличување отиде предалеку. И ќе продолжи понатаму, сѐ додека ние им дозволуваме! Топката сега е кај нас, да организираме ефективен контранапад!
Паралелно со „ветриштата“ што дуваат поради актуелните кризи во енергетиката, здравството и финансиите во сите општествени сегменти, тоа силно влијание се рефлектира и во спортот. Тој, пак, како и многу други индустрии и активности, претрпи огромни влијанија и од, се надеваме заминувачката, пандемијата на коронавирусот, со комерцијалните предизвици, а во еден период загубените форми на организиран спорт и рекреација. Последиците од таа „бура“ уште се мерат, а веројатно допрва ќе следува и конечната бројка од ефектот само од пандемијата и сѐ што таа донесе со себе локално, тоа што непосредно ќе го измериме, и глобално, нешто што посредно ќе влијае и локално.
Но ако, пак, се остварат некои претпоставки дека енергетската, здравствената и финансиската криза до септември ќе се сретнат и ќе извршат огромен притисок врз целата економска ситуација во светот, тогаш предизвиците (со засилени „ветришта“, по немирно море) за спортот допрва следуваат. Одново и глобално и локално. Финансиската помош што државата ја дава за развој и за поддршка на спортот преку моделот на спортски ваучери е важна, но во овие нови и менливи услови таа ќе станува и поважна, затоа што, иако многу работи не зависат од парите, тие се важен двигател, а во одредени ситуации и услов без кој не се може.
Секако, директната парична помош не треба да биде единствен извор и услов за напредок и за успех и, секако, не само за врвниот спорт туку регулациите на други сегменти, и тие поврзани со пари, можат да донесат подобрување на вкупната „спортска слика“, како што се инфраструктурата, вложувањата во базата, оти оттаму тргнува сѐ, помошта за усовршување на тренерите, уште олеснувања за спонзорите, повеќе часови физичка активност и шах во училиштата, поттик за движење, рекреација, спортување, вложување во технологијата и во иновациите, секако, во сите сфери… Јасно, криза е, но приспособувањето на условите, менаџирањето… се, исто така, важни за конечниот резултат.
Спортските патишта се испреплетени со подеми и со падови, но, како што велат, не станува збор за тоа како сме паднале, туку за тоа како ќе станеме, а токму тоа сега му следува и на спорот, во светот и кај нас, во општата слика низ призмата на сите предизвици, минати и идни. Професори од универзитет во Лондон ги разгледаа ефектите од пандемијата и открија дека сегменти од спортската индустрија се приспособиле со помош на технологијата. Иако лекциите од пандемијата допрва треба целосно да се разберат и научат, таа создаде можност спортската индустрија да се преобликува, а влијанијата на пандемијата ги забрзаа и иновациите и создадоа нови можности во спортската индустрија. Применливи секаде.
Спортските организации, пак, беа принудени да ги преиспитаат своите цели и приоритети, многумина брзо ги зголемуваа своите дигитални способности и беа иновативни во напорите да опстанат. Некои од овие иновации станаа дел од новата спортска слика во постпандемискиот свет. Пандемијата го забрза технолошкиот развој поврзан и со спортот, влијаеше на земјите на глобално ниво во многу аспекти, ја загрози и егзистенцијата (финансиски и буквално), неизоставно и на спортот. Две години спортот, и воопшто општата физичка активност на сите нивоа, беа сериозно погодени, со долгорочни импликации од сѐ што таа донесе, наметнувајќи сериозни предизвици и потреба за приспособување. Спортот придонесува за економскиот и за социјалниот развој, а Обединетите нации (ОН) пишуваат дека неговата улога е добро препознаена од владите, вклучувајќи и, како што пишува ОН, во Политичката декларација од Агендата 2030, која се одразува на „придонесот што спортот го дава за зајакнување на жените и младите, поединците и заедниците, како и за здравјето, образованието и социјалната вклученост“.
Спортот е испреплетен и составен дел на општествата, а неговата ненадејна загуба во пандемијата резултира со огромни трошоци за спортските организации, клубовите, спортистите, тренерите и сите вклучени во спортот. Пандемијата донесе намалена физичка активност, повеќе време во седење (пред ТВ или некој друг уред), нарушено спиење, исхрана, што, пак, веројатно, резултира со зголемување на телесната тежина, губење на физичката кондиција, важна не само за спортските активности туку и за други професионални и приватни потреби. СЗО препорачува физичка активност од 150 минути со умерен интензитет или 75 минути со енергичен интензитет неделно. Придобивките од ваквите периодични вежби се корисни, а отсуството може да влијае на имунитетот, физичкото и менталното здравје… Пандемијата одигра улога и врз спортската публика, а некои студии ја покажале важноста на физичкото присуство за гледачите, откако возбудата, дружењето, солидарноста… се изгубиле кога спортските настани се одржуваа пред празни трибини итн.
Иновациите, новите форми за тренинг, алтернативните формати за натпреварување, дигитализацијата… помогнаа да се ублажат некои од негативните ефекти на ограничувањата поради пандемијата. Но сега, со кризите, најавени дека ќе се сретнат наскоро, тоа само ќе донесе нови предизвици, а тоа, пак, ја потенцира и важноста од организирање, предвидување, планирање… за да се намали влијанието, за да останеме во движење.
П.С. Спортот во основа треба да биде надигрување, натпреварување за постигнување подобар резултат, а не за промовирање идеи од некаков си центар на моќ што и преку спортот „турка“ високи политики. Или подобро речено, политикантства. Преку таквиот хибриден политико-спорт ни наметнаа и промена на име, на знаме, на национални обележја, а тенденцијата сѐ уште продолжува. Така некако може да се протолкува последниот „гаф“ (ако воопшто може да се нарече), односно преименувањето на земјава на официјалниот јутјуб-канал на Светската кошаркарска организација (ФИБА). Имено, за време на преносот на натпреварот меѓу Македонија и Косово, ФИБА ја преименува земјава во „Северна Македонија Косово“. Независно дали станува збор за најобична техничка грешка или тоа е сторено со длабока умисла, сепак, не треба да се премине преку ова. Прекуглава ни е од овие тенденции да нѐ обезличат, со кои се соочуваме секојдневно, а најмалку тоа го очекувавме на спортско поле. Моментот и содржината на тоа што се случи, тешко дека отсликува случајност или техничка грешка. Веќе не веруваме во случајности. Оваа кампања за наше обезличување отиде предалеку. И ќе продолжи понатаму, сѐ додека ние им дозволуваме! Топката сега е кај нас, да организираме ефективен контранапад!