Доста беше

Во изминатите долги години Македонија направи сѐ што беше во нејзина моќ – оваа држава ги промени знамето, Уставот и името и ги голтна сите горки кнедли што се бараа од неа, а не се бараа од други држави, ги избруси дури и шахтите од канализациската инфраструктура, за на крајот повторно тоа да не биде доволно за барем малку да мрдне на патот кон евроинтеграциите. Дали можеби сите овие причини се само изговори за ЕУ воопшто да не нѐ прими во семејството, бидејќи јасен е ставот на тамошните политичари за проширувањето на европското семејство? Повеќе од јасно е дека народот веќе апатично ги слуша сите теми поврзани со евроинтегративниот пат на земјава. Веќе му е прекуглава од лажни ветувања и од лицемерството што го покажа Унијата, бидејќи никој не гарантира дека по
исполнувањето на едните услови, нема да се појават нови. ЕУ изминативе години, говорејќи за принципи, всушност покажа колку е непринципиелна таа! Какво лицемерство! Каква дволичност! Какво преправање и глумење! Каква хипокризија! Европска, пар екселанс!

Лицемерството на ЕУ што се однесува на зачленувањето на Македонија во Унијата веќе не можат да го премижуваат ниту функционерите на ЕУ ниту пак новинарите од европските земји. И тие веќе јавно реагираат за сѐ поголемите барања и условувања на членството на Македонија во Унијата. Политиките на двојни стандарди, кои се непринципиелни и очигледно важат за Македонија повеќе отколку за некоја друга земја кандидат (или пак јас така поболно го чувствувам како Македонка), веќе им бодат очи на сите што будно го следат трнливиот пат на нашата земја кон Унијата.
Еве, драги мои, да го поткрепам мојот став со потсетување на два очигледни примери. Првиот од еден германски новинар, а вториот од поранешен претставник на ЕУ во Македонија:
„Идниот премиер Мицкоски може само да се охрабри да ги отфрли условите на ЕУ и Бугарија за почеток на пристапните преговори. Би бил будала да ѝ верува на ЕУ, Париз или Берлин и да го смени уставот на својата земја за непостојна ЕУ-перспектива“. Ова е твитот на познатиот германски новинар Михаел Мартенс што деновиве ја бранува јавноста, а кој јавно се однесува на двојните стандарди на ЕУ и на долгогодишното подлажување на македонскиот народ.
И тој, исто како и Ерван Фуере, не се двоумеше јавно да го искаже ставот дека oва е само уште еден несреќен пример за двојните стандарди на Европската Унија и нејзините земји членки.
Не треба да споменувам кои сѐ услови ни беа поставени за да почнеме преговори. Прво беа условите од Грција, па по потпишувањето на Преспанскиот договор излегоа официјално (толку најавуваните) бугарски позиции, кои беа поддржани од европското семејство и повторно како трње беа поставени на европскиот пат на Македонија.
И ниту една од овие пречки всушност не беше вистинска правна пречка за членството во Унијата, туку, напротив, тоа беа анахрони изблици на хегемонизам од двете страни (Грција и Бугарија), кои, кога видоа дека уживаат поддршка од Брисел, удрија уште појако.

И навистина, ниту една друга земја не добила толку многу условувања како нашата. Ете, го проголтавме Преспанскиот, велепонизно си го сменивме името, но ниту тоа не беше доволно. Па излегоа и барањата за менување на Уставот по терк на бугарските власти, а свесни сме дека и тоа е залудно, бидејќи нема да биде доволно за да ни се отворат европските челични врати.
Нашата држава е феномен на патот за членство во Европската Унија. Или пак обратно: ЕУ генерира феномен за прием на Македонија во Унијата?! Сеедно. Ние чекаме пред врата веќе дваесетина години, а причина за тоа не се никакви реформи, туку неразумните неправди и блокади од Грција и од Бугарија.
Но, ете, хипотетички да претпоставиме дека уставните измени ќе поминат и дека конечно нема да имаме пречки на европскиот пат, ќе поверува ли некој дека Македонија воопшто ќе пристапи во европското семејство? Тешко. Тоа веќе и врапчињата го знаат. Веќе и ним им е јасно дека тогаш ќе излезат нови условувања, нови барања, и тоа повторно само за нашата земја. ЕУ веќе две декади не го крие лицемерството за проширувањето, две декади веќе манипулира со македонскиот народ. Во изминатите долги години Македонија направи сѐ што беше во нејзина моќ – оваа држава ги промени знамето, Уставот и името и ги голтна сите горки кнедли што се бараа од неа, а не се бараа од други држави, ги избруси дури и шахтите од канализациската инфраструктура, за на крајот повторно тоа да не биде доволно за барем малку да мрдне на патот кон евроинтеграциите.
Дали можеби сите овие причини се само изговори за ЕУ воопшто да не нѐ прими во семејството, бидејќи јасен е ставот на тамошните политичари за проширувањето на европското семејство?
Повеќе од јасно е дека народот веќе апатично ги слуша сите теми поврзани со евроинтегративниот пат на земјава. Веќе му е прекуглава од лажни ветувања и од лицемерството што го покажа Унијата, бидејќи никој не гарантира дека по исполнувањето на едните услови, нема да се појават нови.

ЕУ изминативе години, говорејќи за принципи, всушност покажа колку е непринципиелна таа! Какво лицемерство! Каква дволичност! Какво преправање и глумење! Каква хипокризија! Европска, пар екселанс!
Оваа боксерска илустрација на најдобар начин ги прикажува двојните стандарди што ЕУ ги има кон Македонија. Истата таа Европа овие двојни стандарди ги применува уште од македонската самостојност, одбивајќи да ја признае иако ги имаше исполнето сите услови, потоа толерирајќи ја Грција со блокадите, не почитувајќи ги одлуките на сопствениот суд, неисполнување на ветувањето дека по промената на името нема да има пречки за почеток на преговорите и сега поддршката што ѝ ја дава на Бугарија, иако знае дека уцените од бугарска страна кон Македонија немаат никаква врска со европските вредности, туку се контра постулатите врз кои почива ЕУ. Едноставно, ова е нонсенс европска политика, во која веќе ретко кој може да верува. Од досегашното искуство, може ли пак да им веруваме. ЕУ е свесна дека преку Македонија го изгуби кредибилитетот кај другите земји од Балканот, кои не сакаат да ја направат македонската грешка, да дадат сè и на крајот да останат со празни раце. Во име на европскиот сон, Македонија досега плати превисока цена. Повеќе нема ниту што да плаќаме, ниту што да даваме. Доста беше!

[email protected]