До кога напред со брзина на полжав?

За степенот на економската развиеност на Македонија во однос на Европската Унија постојат егзактни параметри што ни даваат јасна слика за нашиот досегашен развој, но кои ни ги определуваат нашите позиции за идното дејствување. Споредбата меѓу нашата земја и земјите од Унијата ја покажува истата „развојна“ дистанца што постоеше во последната деценија од минатиот век. Податоците за нашиот остварен БДП по жител, тогаш и сега, јасно ни кажуваат дека ќе ни бидат потребни децении и децении за да се приближиме до економското ниво на развој што сега го имаат земјите од Европската Унија

„Процесот на транзиција до 2020 година би требало да биде довршен, а Македонија треба да стане модерна, развиена, демократска држава со пазарна економија. Во овој период Македонија, исто така, би требало да стане членка на Европската Унија!“ Ова беше „футуристичкото предвидување“ за нашата земја, содржано во краткото резиме на првата Национална стратегија за економски развој на Република Македонија во 1997 година, која беше изработена од МАНУ. Сега сме на почетокот на 2023 година и многу работи ни стануваат појасни, затоа што го преживеавме периодот, а јано ни е и до каде сме стигнати на нашиот тридецениски независен пат, по осамостојувањето во 1991 година.
Колку сме „модерна“ држава зависи од повеќе фактори и субјективни сфаќања. Но, според многу општествено-социјални аспекти, сѐ уште сме далеку од оваа примарна цел. Нашето „демократското“ ниво се отсликува секојдневно низ политичко-партиските пазарења при носењето на законите, поделбата на власта, на функциите и работните места во јавната администрација, но и во неефикасното судство и високиот степен на корупција. Како дејствува пазарната економија на „македонски начин“ гледаме низ изминативе кризни години, кога трговците и преработувачите на храна и (пре)продавачи на струја вадат високи профити, додека државата ќе мора да ја ограничува продажната цена на „народниот леб“! Што се однесува до остварувањето на најприоритетниот од многуте приоритети – Македонија да стане членка на Европската Унија, тука имаме целосно промашување. По триесет години самостојност и долги преговарања со Брисел, македонскиот „европски“ воз не е ни поставен на првата станица, а почетокот на преговори за пристапување во Унијата е блокиран од националистичкото однесување на Бугарија.

За степенот на економската развиеност на Македонија во однос Европската Унија постојат егзактни параметри што ни даваат јасна слика за нашиот досегашен развој, но кои ни ги определуваат нашите позиции за идното дејствување. Споредбата меѓу нашата земја и земјите од Унијата ја покажува истата „развојна“ дистанца што постоеше во последната деценија од минатиот век. Податоците за нашиот остварен БДП по жител, тогаш и сега, јасно ни кажуваат дека ќе ни бидат потребни децении и децении за да се приближиме до економското ниво на развој што сега го имаат земјите од Европската Унија. Нашата земја во 1991 година, според податоците на Светската банка, имала 2.425 долари БДП по жител, додека Европската Унија имала 15.971 долар БДП по жител. Во 2021 година македонскиот граѓанин остварува за пет и пол пати помалку БДП од жителите на ЕУ. Во оваа година БДП по жител во ЕУ изнесува 38.411 долари, во споредба со Македонија, која има 6.895 долари. По три децении, нашиот БДП не е ни до половина од тој што го имаше ЕУ во 1991 година. За тоа колкава е разликата во економскиот развој на Македонија и Европската Унија покажуваат и податоците за односот на реалната индивидуална потрошувачка за 2021 година, кои редовно ги објавува Евростат. Во нашата земја личната потрошувачка е 51 отсто од просекот на ЕУ.
Нашата држава се наоѓа пред нови домашни политички и економски предизвици и е изложена на многу ризици на геополитички план. Време е за пишување нова долгорочна развојна стратегија, во која, според досегашните слаби резултати, повторно ќе се најдат целите од почетокот на оваа анализа, но со таа разлика што конечно ќе ги оствариме нашите „идеали“ за Македонија како модерна, развиена, демократска држава со пазарна економија. И на крајот и полноправна членка на Европската Унија, но со признаен македонски идентитет и јазик.
Во наредниот период сите наши политики треба да бидат насочени кон остварување забрзан економски развој со високи стапки на раст на националната економија. Нашиот тридецениски развој се одвиваше со брзина на полжав, со ниски стапки на раст. Просечната годишна стапка на раст на националната економија во периодот од 2000 до 2019 година е околу 2,8 отсто, но имаше и многу години со негативни на раст, што се должеше на внатрешните политички кризи и на воените превирања во регионот. Тоа не ни овозможи да се одлепиме од сегашната позиција на недоволно развиена земја, со низок животен стандард за македонските граѓани. Потребни ни се високи стапки на раст на БДП, како што направија некои други земји. Раст од два, три или четири отсто, според економските предвидувања, треба да се прифати како „песимистичко“ сценарио и нема да ја промени постојната позиција на македонската економија. Треба да целиме кон континуиран годишен раст од минимум шест отсто, а зошто да не и на двоцифрени стапки на раст, што ќе го отвори патот за долгорочно приближување кон развиените европски економии.

Во наредниот период сите наши политики треба да бидат насочени кон остварување забрзан економски развој со високи стапки на раст на националната економија. Нашиот тридецениски развој се одвиваше со брзина на полжав, со ниски стапки на раст. Просечната годишна стапка на раст на националната економија во периодот од 2000 до 2019 година е околу 2,8 отсто, но имаше и многу години со негативен раст, што се должеше на внатрешните политички кризи и на воените превирања во регионот. Тоа не ни овозможи да се одлепиме од сегашната позиција на недоволно развиена земја, со низок животен стандард за македонските граѓани. Потребни ни се високи стапки на раст на БДП, како што направија некои други земји

Ова треба да биде наша заедничка цел, кон која ќе се стремат сите политички фактори во земјата, но и со вклучување на бизнис-заедницата и граѓаните. Користа од постигнување општ економски развоен консензус ќе биде еднаква за сите. Тоа што треба да се направи е да се најде развоен модел што ќе ги искористи главните фактори на развојот на Македонија, кои ги имаше и пред многу години: квалификуваната работна сила, природните ресурси, постојната инфраструктура и значајното ниво на индустријализација. Потребни се брзи решенија, а не јалови и празни дебати, преполни со критики и меѓусебни обвинувања за тоа што не е направено досега. Креаторите на националната економска стратегија ќе треба да дадат и одговори како да се отстранат нашите досегашни ограничувачки фактори, како што се ниското ниво на економски развој, општата технолошка заостанатост, високата зависност од увоз на капитал, нафта и гас, како и за зголемувањето на недостигот од домашни извори на електрична енергија. Секоја пропуштена година ќе значи и ново економско заостанување на Македонија, а тоа ќе го забрза процесот на иселување на младите, кои се и нашиот најзначаен фактор за позабрзан економски развој. Да не дозволиме Македонија да продолжи да живее во вечна транзиција и со неизвесна иднина.