Дали намера на Горниот е да заборавиме кои сме, а Таравари да нѐ освестува?!

Стар завет, Мојсеј ги води Евреите надвор од египетско ропство, ги шета цели 40 години низ пустини и штурини – дали тоа било намера на Господ за една генерација да заборави на своето минато и да почне одново? Не знам, но истото прашање си го поставувам и за Македонците – ние немаме Мојсеј, но се случи за само 80 години да го заборавиме дури и АСНОМ. Кога тоа е така, не ме чуди што еден угледен доктор како Таравари заглибен во етноцентристичко политикантство би нѐ спакувал кантонално. Лично се засрамив од ова, а речиси сме соседи

Човештвото како да е осудено да заборава. Една генерација ќе замине, а веќе другата многу нешта заборавила од претходниците, а наредната како да почнува од почеток. Зошто е тоа така скроено? Не знам. Можам да барам одговори и некоја смисла. Тоа, пак, како да е смислено токму за политичари од македонски маштаб, кои ќе нѐ возат на плитка меморија. За волја на вистината не се само нашиве од таа сорта, политикантството стана глобална зараза. Иако има и расни, вистински политичари (вие ќе ги препознаете по делата, не по зборовите), но исто како и мислителите и лидерите ги има сѐ помалку. Политичарите ќе продолжат да нѐ возат мислејќи дека сѐ сме заборавиле. Дали?
Стар завет, еврејска историја, Мојсеј е избран да го изведе својот народ од ропство, вековно ропство под Мисир (Египет). Народ што заборавил многу од својот јазик, од својата традиција, па дури и Мојсеј што ги води кон ветената земја, не знаел хебрејски. Иако бил образуван и моќен, тој своето племе од околу два милиони ќе го шета низ патишта и беспаќа цели 40 години. Веднаш и прашањето – зошто, кога тоа можело да се направи за многу, многу покус период. Одговорот е најверојатно во намерата на Господ – една генерација да изумре, да се заборават многу работи и некои нови поколенија да продолжат на нешто ново, да создадат ново. Не заборавајте дека Евреите ни Тората не можеле да си ја читаат, па користеле арамејски јазик. Но пак се вратиле на своето и се кренале на својата земја. Има ли и тука Господова намера? Секој нека процени сам.
Тешко е да се навлезе во овие случувања, затоа што биле многу одамна, а записи едвај и да има. Така е, на пример, со таканаречената Античка Грција за чија историја едвај да има понекој зачуван оригинален запис. Затоа и дрско е избришано името Македонија и сѐ што било постигнато во таа најмоќна цивилизација што човештвото ја памети, им било припишано на Грците. Замислете ништо не зборуваат за достигнувањата на македонската империја, а за Грција знаат сѐ – дека имало демократија, се играле драми, театар, имало филозофија, уметност, трговија, митологија. Да прашаме, според кои артефакти, записи, документи?

Зошто е важно ова што го пишуваме? Во вековите на македонската империја постоела голема наука, огромно знаење, а центарот на тој тогашен научен свет бил Бабилон. Од таму е носено и пренесувано знаењето и во Македонија, и од таму е донесено писмото со кое Македонците пишувале филозофски книги, пишувале за медицина, ја пишувале својата историјата, и комуницирале на свој јазик во македонската академија чиј основач се верува дека бил Аристотел. Според научни сознанија, се проценува дека тој бабилонски светилник засјаил во Македонија во 6 век пред нашата ера. Ние денес не учиме за тој период и можеме да кажеме дека по потпишувањето на Преспанската спогодба уште повеќе ќе ја оддалечуваме македонската наука од изучувањето на антиката, таму каде што припаѓаме. Зошто и како прерипуваме 10 века и од тогаш почнуваме некоја историја што почнува со словенството? Ниту еден, ама баш ниту еден материјален доказ нема дека има преселба на некои словенски племиња. Зарем моќниот Јустинијан не би ги попишал тие новодојдени луѓе?! Затоа што кога некој доаѓа ти или не му дозволуваш, значи војуваш против него, или го асимилираш. А во пописите што редовно се правеле, такво нешто нема. И ова е дел од намерата да се заборават делата на претходните генерации, но не треба за тоа да бараме вина во некого, во нас, или во други, туку тоа да се разбере како опомена. Никогаш не е доцна за да се навратиме на корењата и да тргнеме во новиот свет со нови идеи, но засновани на изворот. Ова е всушност проблемот со алката што наводно недостига. Таа не недостига, туку е фалсификувана во центри што разработуваат такви матрици со векови. Впрочем затоа и има конфликти и војни, оти сѐ е испомешано, без ред и поредок. На пример има податок дека постојат стотици најразлични верзии на Библијата, а некои дури се толку несредени што е многу тешко да се следат библиските настани хронолошки.
Па, како да се плива во свет што е инфициран од лажни историски книги, свет што напластува лаги и лаги, свет што е осуден да се мрази или да не се сака. Свет во кој најпрвин соседите најмногу се мразат. Особено на Балканот, нели. Токму Балканот до вчера (сметајќи го историското време на нашето постоење) тој се викаше Македонија. Не постоела ниту Византија како некоја државна конструкција и таа е дел од измислената матрица.
Европа заборавила на поблиската историја, ете на пример на Втората светска војна, а да не одиме подалеку, сите слушаме за појава на неонацизмот и тоа проаѓа и доаѓа. Европа многу работи заборавила, ете не сме ние осамени. Сега се бара ревидирање на Европската конвенција за човековите права, што е еден од темелните документи на континентот, но тоа е и разбирливо затоа што европски тренд е да се ревидира историјата. Да се уриваат споменици што се поврзани со СССР или со комунизмот. Десет европски држави (ќе бидат и повеќе) сакаат промени во ЕКЧП во делот на миграциите, но дали тоа е само најава за покрупни измени и промени?

И Македонија се менува. Што како природен процес, а повеќе како притисок и желба на западните центри за политичка и финансиска моќ. Јас сум роден во Народна Република Македонија, па растев во Социјалистичка, па во Република Македонија и сега дочекав да живеам пензионерски денови во Северна Република Македонија. Оваа територија на која е изградена Републиката никогаш не била северна и таа секогаш била еден ист нераскинлив дел од Македонија. На која историја, наследство, култура, традиции, песни… ќе ја градиме оваа држава северна? Јас не се осмелувам да си дадам одговор, едноставно ми создава одвратност и непријатност дека немаме ништо што би се рекло темел. Само ми мириса на шпоретче на чиј оган се печат муртински црвени пиперки од кои ќе се направи ајварче. Не ја бива, нели? Треба да глумиме дека ја бива, ама не ја бива.
И затоа не ме чуди што Европа уште нѐ притиска и ќе нѐ притиска зашто одбиваме да кажеме кои сме и што сме. Ја слушнавме Каја Калас. Да се исполнеле сите обврски, реформи (промената на Уставот за нив се реформи), па дури после ќе било, ако било, тоа пусто членство. Ако Самуил бил казнет да ја пречека ослепената војска, од нас сега се бара да ставиме по еден тежок камен на плеќи врзан со синџир и да зацапаме во длабоките води на Вардар, оти и онака морињата одамна ги изгубивме.
Можеби уште не е дојден токму тој пресуден ден на овој метафорички крај за македонштината, но одиме натаму. Веројатно добар одговор би бил доколку во скора иднина сериозно го зголемиме финансирањето на образованието, да инвестираме во образование и со него ја вратиме Македонија таму каде што треба да биде. Жално е што денес синовите и ќерките заборавиле што правеле нивните татковци, а татковците го направија истото со дедовците. АСНОМ беше пред само 80 години, а се заборави?!
Ние го заборавивме, а доктор Арбен Таравари и нема причина сега да се сеќава на АСНОМ. Тој размислува како Швајцарец или Белгиец и нуди политички решенија за иднината на цела една држава и нација што си има Устав со свои црвени линии на кафенце кај Еди Рама. Македонија би ја кантонизирал, зашто според неговиот политички патрон, Али Ахмети, Албанците биле газди на оваа територија. Не би сакал да навлегувам во некаква посериозна дебата, зашто со албанскиот етноцентризам (впрочем и со другите е истата болка) тоа е невозможно, но само да прашам – ако се побара да се наведат десет Албанци од Македонија за да се стават по нив имиња на улици, ете во Тетово, кои ќе ги предложат. Многу ме интересира, многу. Исто како што ме интересира во кој иден кантон Таравари би бил градоначалник, а во кој кантон јас би се преселил за да бидам пензионер и од која каса неговата кантонална држава би ми ја давала пензијата. Ние сме речиси соседи со докторот – тој зад „Палма“ јас во Влае. Колку убава кантонална поделба, таман и двајцата преку Вардар, и тоа само мостот „Обединети нации“ нѐ дели. Жив срам ме изеде, онака баш соседски срам.
Многу прашања поставив и чинам ќе мора да побарам одговори од вештачката интелигенција.