Да ги засукаме дигиталните ракави двојно повеќе, затоа што некој претходно не сработил

Македонија прави напори за надминување на состојбите, но предизвиците како што е достапноста на дигиталните услуги остануваат загрижувачки, нешто што беше потврдено од последниот извештај за дигитализација на матичните книги на Државниот завод за ревизија. Според споменатиот извештај, половина милијарда денари, односно 8,5 милиони евра, биле потрошени за дигитализација на матичните книги, а процесот сѐ уште е незавршен, поради што одредени македонски граѓани и натаму добиваат изводи издадени на машина за пишување. Државниот завод за ревизија констатира дека и покрај тоа што дигитализацијата на матичните книги започнала пред повеќе од една деценија и вложени се над 520 милиони денари, со ревизијата се утврди дека процесот сè уште не е завршен, односно, скенирани се 52 отсто од записите. Бројки што ги повторуваме, но не пречи да се видат и да се запомнат, како укажување дека треба сериозно да се работи на реализација на зацртаните планови за работа и на усвоените документи. Да не останеме само на донесување закони, правилници и заклучоци, туку сериозно да се зафатиме со нивна реализација, нешто што претходната гарнитура пропушти да го направи…Намерно или не, ќе покажат фактите, кои полека излегуваат на виделина

Последниот извештај на Државниот завод за ревизија за кој вчера поопширно пишувавме во нашиот весник наведува на сериозно размислување. Kаде е Македонија во сферата на дигитализацијата, дигиталното управување и дигиталните јавни услуги? Одредени истражувања велат дека Македонија како држава и општество прави значителни чекори за дигитална трансформација, а во оваа насока е и приоритетот на реформите за дигитално управување и усогласување на рамките со стандардите на ЕУ, како и иницијативата за Стратегијата за реформа на јавната администрација. Но расчекорот меѓу амбициите, желбите и можностите, како што е, на пример, достапноста на дигиталните услуги, тера на размислување и изнаоѓање соодветно решение.
Ова особено доаѓа до израз по последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој констатираше дека се потрошени 8,5 милиони евра за дигитализацијата на матичните книги, а притоа процесот сѐ уште не е завршен, односно се скенирани 52 отсто од записите, а внесени во електронскиот регистар се 49 отсто од предвидениот обем на активности. Дополнително, целиот процес трае повеќе од една деценија (!?).
Дигитализацијата има суштинско значење во современиот свет бидејќи ги поттикнува ефикасноста и функционалноста во општеството преку поедноставување на работните процеси и намалување на човековите грешки со што на граѓаните и компаниите им се заштедуваат време и ресурси. Од друга страна, неколку сериозни истражувања потврдија дека постои поврзаност помеѓу дигитализацијата и економскиот раст. Не случајно Сингапур и Данска се меѓу водечките општества со силна дигитална инфраструктура и дигиталното управување. Според Индексот за дигитална економија и општество (ИДЕО), Европа ги има некои од дигитално најнапредните општества во светот, како што е Естонија, која е пионер во дигиталните јавни услуги, со високоразвиен систем за е-влада. Истовремено податоците потврдуваат дека во рамките на Европската Унија, Грција, Бугарија и Романија имаат некои од најниските резултати во дигитализацијата.

Тука треба да се додаде дека успешната дигитализација на администрацијата исто така е значајна бидејќи електронските портали им овозможуваат на граѓаните да имаат одредени услуги како што се поднесување даноци, регистрација на бизнис и социјални бенефиции преку интернет, со што се намалуваат бирократијата и времето на чекање. Во овој контекст е и електронското управување со документи, со што се подобрува ефикасноста и се намалуваат трошоците, од друга страна платформи со отворени податоци ја зголемуваат транспарентноста.
Во тие рамки се поставува прашањето каде сме ние како држава. Достапните податоци посочуваат дека Македонија како држава прави значителни чекори во дигиталната трансформација. Во овој правец е и Патоказот за дигитална трансформација за 2024-2030 година изготвен од страна на македонската влада. Македонија го разви и Профилот за дигитални иновации во соработка со Меѓународната телекомуникациска унија, со цел да се забрза дигиталната трансформација. Исто така треба да се нагласи дека македонската влада ги усогласува своите рамки за дигитално управување со стандардите на ЕУ и спроведува реформи за подобрување на јавната администрација. Македонските владини политики исто така потврдуваат дека се дава приоритет на реформите за дигитално управување и усогласување со стандардите на ЕУ, како што е Стратегијата за реформа на јавната администрација.
Од сето ова, очигледно е дека Македонија прави напори за надминување на состојбите, но предизвиците како што е достапноста на дигиталните услуги остануваат загрижувачки, нешто што беше потврдено од последниот извештај за дигитализација на матичните книги на Државниот завод за ревизија.

Според споменатиот извештај, како што веќе посочивме, половина милијарда денари, односно 8,5 милиони евра, биле потрошени за дигитализација на матичните книги, а процесот сѐ уште е незавршен, поради што одредени македонски граѓани и натаму добиваат изводи издадени на машина за пишување. Државниот завод за ревизија констатира дека и покрај тоа што дигитализацијата на матичните книги започнала пред повеќе од една деценија и вложени се над 520 милиони денари, со ревизијата се утврди дека процесот сè уште не е завршен, односно, скенирани се 52 отсто од записите.
Бројки што ги повторуваме, но не пречи да се видат и да се запомнат, како укажување дека треба сериозно да се работи на реализација на зацртаните планови за работа и на усвоените документи. Да не останеме само на донесување закони, правилници и заклучоци, туку сериозно да се зафатиме со нивна реализација, нешто што претходната гарнитура пропушти да го направи… Намерно или не, ќе покажат фактите, кои полека излегуваат на виделина.