Да бидеме доследни на идеалите и пораките на илинденците

  • Политичарите од Мечкин Камен и од Пелинце, од одвоени манифестации, вообичаено испраќаат инспиративни пораки за единство, сплотеност, за зачувување на националниот идентитет, посветеност на економскиот развој и на реформската агенда на патот кон евроинтеграцијата на државата, со цел таа да стане подобро место за живеење. Па нека се придржуваат и самите до нив. Токму во духот на тие пораки, да не се разгоруваат политичките битки и партиските несогласувања, кои сѐ почесто се забележуваат во јавноста како што се ближат локалните избори, до кои има уште нешто повеќе од два месеца
  • Националното заедништво ќе помогне во одбрана од надворешните напади и провокации што задираат во македонскиот уставен поредок, суверенитет и идентитет, но и при гаснење на шумските пожари, чистење на отпадот, унапредување на инфраструктурата, индустријата, енергетиката, земјоделството… Ќе придонесе и за засилување на врските со Македонците надвор од државата, кои го посакуваат и го очекуваат тоа, особено додека се соочуваат со голем притисок и обиди за асимилација во дел од соседните земји, за да се откажат од својот идентитет. Сето тоа е потребно за Македонија да напредува во сите сфери

Пораките за заедништво и обединување од востаниците одново треба да одекнат при одбележувањето на големиот македонски празник Илинден на 2 август – денот на кој голем број генерации Македонци со години се сплотувале, без оглед каде и да се наоѓале, придржувајќи се до аманетот што им го оставиле предците. Токму идеалите на илинденците претставуваат светол пример за националното единство и соживотот градени со векови, врз кои беа поставени темелите на македонската држава, како стремеж на македонскиот народ. Тоа национално единство основано врз научна подлога и континуитет што Македонија ги има преку јазикот, историјата и културата, кои заедно ги сочинуваат македонскиот идентитет и суверенитет.
Политичарите од Мечкин Камен и од Пелинце, од одвоени манифестации, вообичаено испраќаат инспиративни пораки за единство, сплотеност, за зачувување на националниот идентитет, посветеност на економскиот развој и на реформската агенда на патот кон евроинтеграцијата на државата, со цел таа да стане подобро место за живеење. Па нека се придржуваат и самите до нив. Токму во духот на тие пораки, да не се разгоруваат политичките битки и партиските несогласувања, кои сѐ почесто се забележуваат во јавноста како што се ближат локалните избори, до кои има уште нешто повеќе од два месеца. За постигнување на посакуваното национално заедништво сигурно нема да придонесат раздорот, тензиите и немирот.

А националното заедништво ќе помогне во одбрана од надворешните напади и провокации што задираат во македонскиот уставен поредок, суверенитет и идентитет, но и при гаснење на шумските пожари, чистење на отпадот, унапредување на инфраструктурата, индустријата, енергетиката, земјоделството… Ќе придонесе и за засилување на врските со Македонците надвор од државата, кои го посакуваат и го очекуваат тоа, особено додека се соочуваат со голем притисок и обиди за асимилација во дел од соседните земји, за да се откажат од својот идентитет. Сето тоа е потребно за Македонија да напредува во сите сфери. „Нова Македонија“ како прв македонски дневен весник, вграден во темелите на македонската државност, преку кој македонските граѓани ги осознаа своите корени, азбука, јазик и култура, ги пропагира истите идеали, давајќи им простор на претставниците на македонскиот народ во соседството да ги искажат своите ставови и да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат, со што ја одржуваат врската со матицата.
Со празникот се одбележуваат 122 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 81 година од Првото заседание на АСНОМ и антифашистичката борба – двата Илиндена што ги има слободна и самостојна Македонија, преку кои јасно е изразена народна волја за суверена и меѓународно признаена држава.
Пример за национално единство, соживот и толеранција претставува и Крушевскиот манифест објавен од востаничката власт во Крушево во 1903 година, кој повикувал братски да се поддржи и помогне борбата на сите обесправени во Македонија, без разлика на нивната вера, народност, пол и убеденија. Крајната цел на востанието било воспоставување праведно општество за сите, кон што тежнееме и денес.
Мудрите мисли и херојски дела на илинденците имаат посебно значење за македонскиот народ, во чиј идентитет се длабоко врежани. Благодарение на нивните идеали и жртва, Македонија денес е слободна и треба да продолжи да го негува духот на заедништвото што тие го пропагираа. Нека е честит и вековит Илинден и да продолжат да го слават македонскиот народ и малцинствата, работејќи сплотени заедно придржувајќи се до мислата водилка на илинденците за подобро утре во Македонија.