Македонија е подготвена за следната фаза од преговорите, за која е неопходно завршувањето на обврските од преговарачката рамка, констатира неодамна Секретаријатот за европски прашања, откако претходно власта и опозицијата на заедничка седница расправаа за двата патоказа што Македонија треба наскоро да ги испрати во Европската Унија и во кои ќе каже што ќе прави наредните шест години со владеењето на правото и со реформата на јавната администрација.
И да беше сè како што треба, овој чин на десетина дена пред Нова година ќе беше причина за дополнително славење бидејќи ќе го означеше официјалниот почеток на преговорите со ЕУ, кои, ако се следеа поранешните преговарачки практики, ќе требаше да завршат навистина до 2030 година.
Се чини дека некои наши политичари се поведоа токму под таквата еуфорија, го завршуваме скринингот, ги испраќаме патоказите и акцискиот план со кои ќе им кажеме како ќе воспоставиме владеење на правото и како ќе ја реформираме јавната администрација, и ќе ја чекаме 2030 година да го отвориме шампањското на плоштад и со кренати палци да кажеме – успеавме! Можеби и ќе беше така, ако овие „вечни оптимисти“ не заборавија на една ситница што има име и презиме – Република Бугарија.
Токму така, ако се граничеше Македонија на исток со Швајцарија, а на југ со Лихтенштајн, веќе ќе славевме 15 години членство во ЕУ, а не да се радуваме на скринингот небаре бил некакво врвно достигнување во евроинтеграциите, иако е обична бирократска техникалија.
Но, за жал, не се граничиме со Швајцарија (или можеби се граничиме, само тоа уште не го знаеме оти не сме учеле од некој нов учебник по географија). Велам, за жал, затоа што само Бугарија, која толку сака да се удира во гради со своите „европејски вредности“, наместо да ѝ биде еден вид ментор на Македонија над нејзиниот евроинтегративен пат, таа стана туторот и насилникот што преку уцени и закани тргна да ги остварува своите хегемонистички цели. Замислете, држава членка на ЕУ да блокира некого само поради неговиот идентитет, јазик и толкување на историјата!? Па тоа е целосно незамисливо според вредностите што ги споделува Европа. Е тоа се причините поради кои се изроди билатерален спор со Бугарија. Ни пругата, ни стоковната размена, ни малкуте гранични премини, ни соработката во образованието, здравството, културата, спортот, ништо од тоа. И колку и да е чудно, уште почудно е што сето тоа го одобрува и ЕУ. Како поинаку да се протолкува трансформирањето на обичен билатерален спор меѓу две земји за ирационално прашање во мултилатерален, згора на тоа, решавањето на тој спор да биде услов за преговори со ЕУ? Па доволно е Брисел да го отвори Договорот за присоединување на Бугарија со Унијата и во него да го прочита делот во кој Софија тврди дека нема никакви отворени прашања со соседите. Од каде сега проблем? Како сега некое билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија стана важно и за Словачка, за Чешка, за Шведска, за Естонија…?
И на сето ова, повторно некои политичари кај нас уште се убедени дека имаме билатерален спор со Бугарија, која упорно ни кажува дека нема билатерален спор со нас, туку ние имаме билатерален проблем со ЕУ. Е тоа успеаја да го направат Бугарите. Додека нашава дипломатија се обидуваше да биде што попонизна во односот кон Бугарија, да не ѝ се замери случајно нешто, Бугарите ни ги спакуваа „францускиот предлог“ и протоколите во една таква преговарачка рамка со која никогаш нема да влеземе во ЕУ, што впрочем е главната цел на официјална Софија. Така не само што ќе добијат во време за да го продолжат асимилаторскиот процес преку издавање бугарски пасоши за македонските граѓани, туку ќе чекаат погоден момент кога ќе ја соопштат крајната цел на оваа операција – да кажат дека во Македонија мнозинството граѓани се Бугари. Завчерашната акција на албанската полиција во Голо Брдо, кога приведе три лица осомничени дека за 1.000 евра издавале документ за потврда за бугарско потекло, потребна за добивање бугарски пасош, говори дека процесот на асимилација на македонското малцинство во соседните држави тече со несмален интензитет. Кога ќе го побугарат македонското малцинство наоколу, ќе финишираат во Македонија. Затоа ја блокираат земјава во евроинтеграциите, затоа не признаваат дека имаат билатерален спор со Македонија, туку дека отворените прашања земјава требало да ги решава со ЕУ. А тие се дел од ЕУ.
Со оглед на фактот дека македонската влада ја прифати преговарачката рамка што ја понуди ЕУ, а во која се содржани сите бугарски барања, произлегува дека сепак Македонија нема билатерален спор со Бугарија, туку отворените прашања ќе биде присилена да ги решава со Брисел, а Софија е тука само да мониторира и да диктира кое следно билатерално прашање ќе стане нов европски услов.
Парадоксално е кога самата ЕУ уште во јуни 1993 година во Копенхаген одреди прецизни критериуми, по кои станаа членки многу земји од Југоисточна Европа, по 30 години да ги дополнува овие критериуми така што ќе наметнува услови што произлегуваат од нерешени билатерални прашања меѓу две земји, кои немаат никакви допирни точки со претходно утврдените европски критериуми.
Иако сите европски земји членки и натаму имаат отворени билатерални проблеми, ниту една не беше блокирана при пристапот во Унијата, туку им помагаа токму оние со кои имаа спорови. И покрај сериозноста на овие билатерални спорови, ЕУ во ниту еден момент не дозволи тие да станат мултилатерални и од нивната разврска да зависи дали некоја земја ќе напредува или, пак, ќе биде блокирана. Дури и Украина и Молдавија, кои никој не ги гледаше сега во некаков евроинтегративен контекст, добија зелено светло од Европскиот совет да почнат преговори со ЕУ, без оглед што имаат отворени билатерални прашања буквално со сите соседи. Украина не контролира дел од сопствената територија поради руската агресија, но од друга страна, има билатерални проблеми со Унгарија, со Полска, како и со Романија. Слична е ситуацијата и со Молдавија. Оваа земја на своја територија има присуство на руска војска и тамошните власти немаат целосна контрола врз земјата. И сето ова остана билатерала. Но прашањето е зошто само за Македонија се направи исклучок, зошто два билатерални спора што ги имаше Македонија со два свои соседа станаа мултилатерални?
Причините треба да се бараат исклучиво кај нас, бидејќи како држава дозволивме во овие три децении да не се изгради суверенистичка надворешна политика што ќе биде способна самостојно да ги решава билатералните прашања, без интервенции од страна. Во оној момент кога „ја свиткавме кичмата“ и покажавме дека не можеме ништо да решиме сами, односно и за најбаналните работи да чекаме што ќе ни кажат меѓународните партнери, тука заврши приказната. Затоа нашите билатерални прашања станаа мултилатерални, оти сите си земаат за слобода да ни кажуваат што треба да правиме. А кога друг ти кажува што треба да правиш, нормално тоа ќе биде на твоја штета. Убаво беше поставена државата пред 30 и кусур години врз темелите на АСНОМ и така требаше да се градат нејзината иднина и нејзината надворешна политика. Кога постои конзистентност во надворешната политика, тогаш ќе постои и респект од друга страна, но кога поединци сметаат дека тие се над институциите и тие треба да решаваат за иднината на државата, тогаш лесно се случува билатералните проблеми да станат мултилатерални.
Затоа, сега можеби е време за реверзибилни процеси, односно мултилатералата повторно да се врати во билатерала. Такви процеси се случувале, но зависат исклучиво од способноста на луѓето што ќе ги прават. За да се случи такво нешто, прво Македонија мора внатре да се среди како држава, да воспостави владеење на правото, да почне да ја спречува корупцијата, да ги зајакне образовниот и здравствениот систем, сето тоа дополнето со креирање здрав економски амбиент. Доволно е и мало придвижување за Македонија да стане интересен партнер во европските очи, а тогаш и многу полесно нечии идентитетски проблеми и фрустрации, ќе бидат тргнати настрана од европските процеси. Ништо не е невозможно, па така, и нашата успешна приказна.