Чествувањето е историско затоа што без него немаше да постојат трагите или пресвртните моменти врз чија основа историјата може да суди. Токму таков белег или пресвртница е великиот Гоце Делчев во македонската национална историја, почеток на крајот на повеќевековниот стремеж на неколку генерации за слобода и сопствена држава, да бидеме свои на своето. Затоа и ги чествуваме ликот и делото на Гоце!
Чествувањето е древен ритуал, кој е нераскинлив од човековото битисување. Самиот чин на чествување е свет бидејќи засилува нешто што е важно за нас како индивидуи, но и како заедница, нација, општество или држава. Се вели дека не чествуваме нешта што не ни се допаѓаат или немаат историско значење, а чествувањата може да бидат добри или лоши, радосни или мрачни. Ги чествуваме почетоците и завршетоците, важните дела, раѓањето на луѓето, раѓањето на нацијата, инаугурацијата на значајните лидери, како што се премиерите или претседателите. Чествувањето исто така ни овозможува при одбележувањето на значајните настани или личности да размислуваме за она што било во минатото, но и да се замислиме што би можело да биде во иднината.
Во таа смисла чествувањето е историско затоа што без него немаше да постојат трагите или пресвртните монети врз чија основа историјата може да суди. Токму таков белег или пресвртница е великиот Гоце Делчев во македонската национална историја, почеток на крајот на повеќевековниот стремеж на неколку генерации за слобода и сопствена држава, да бидеме свои на своето. Затоа и ги чествуваме ликот и делото на Гоце!
Но чествувањето на 152 години од раѓањето на Гоце, како личност што остави неизбришлива трага, започна да личи на комедијата „Како ви е арно, така“ напишана од великиот драматург и писател Вилијам Шекспир. За оваа комедија, Лав Николаевич Толстој, еден од најголемите романописци на сите времиња, ја посочува неморалноста на ликовите, особено бесмисленостите на Темелко. Дејството на споменатата комедија се случува во нереалниот свет на Арденската Шума, надвор од цивилизацијата, а ликовите како прогонетиот војвода, неговиот брат Фредерик – кој го узурпирал престолот, разните велможи, пажеви, ловци, дворјани, шутови, слуги, овчари, селани итн. се ослободени од тежината на општествените и културолошки стеги.
Сосема природно може некој да нѐ запраша зошто чествувањето на Гоце започна да личи на комедијата „Како ви е арно, така“? Одговорот е едноставен! Постојат многу спротивставени видувања за значењето на оваа комедија, но „Како ви е арно, така“ го содржи најпознатиот драмски говор, говор што всушност ја содржи суштинската метафора на самото дело. Во чинот 2, сцена 7, ликот Жак (дворјанин во придружбата на протераниот војвода) вели: „Целиот свет е театар, а сите мажи и жени само актери.
Секој си има свој настап и свој замин, и секој во векот свој многу улоги игра“.
Чествувањето на Гоце како да се оформи во нешто што личи на лошо режирана комедија, во нашиот случај трагикомедија, со лоши актери и без присуство на публиката. Нашето бессодржинско чествување повеќе личи на глупостите на Темелко, еден од ликовите во комедијата „Како ви е арно, така“. Зошто? Од чествувањето на Гоце, како да ја нема ни буквата Ч, како да се срамиме од него, а целиот настан како да се одликува со тајност и невидливост. Оваа трагикомичност не требаше да се случи и не треба да ни се повтори во иднина, бидејќи Гоце Делчев како македонска национална личност е од форматот на Џорџ Вашингтон, татко на нацијата.
Но останува прашањето како дозволивме чествувањето на Гоце да се оформи во нешто неприродно. Одговорот на ова прашање се наоѓа во т.н. Договор за добрососедство со Бугарија, поточно во непромисленоста на нашите одлуки како држава. Како на нација, мора да ни биде јасно дека Гоце Делчев и сета македонска нација и историја станаа заложници на споменатиот договор. Затоа сме сведоци на бессодржинско чествување на Гоце!
Да повториме, Гоце Делчев е неизбришлива трага и пресвртен момент за македонската државност, впрочем без Гоце немаше да постои современата македонска држава! Затоа неговото чествување треба да биде свет чин, без актерски маски.