Македонија на дипломатски план често потфрла, паѓа во туѓи подметнати замки или, кажано со фудбалски речник, во офсајд-стапици, си дававме автоголови, ни судат пенали на наша штета, добивавме ниски удари од кои потоа не можеме да закрепнеме. Сето тоа е резултат на недостиг од знаење и верба во самите себе, немање чувство, интегритет и карактер за заштита на националните интереси. Кога на ова ќе се додадат и недостигот од дипломатска и политичка тактичност, брзоплетоста, непромисленоста, политичкиот клиентелизам и зависноста од туѓо влијание, станува појасно зошто ги губиме дипломатските битки или зошто државава ни е постојано во офсајд. Токму во една таква недозволива и незавидна позиција ни се наоѓаат низа значајни институции, како МНР, МВР, АНБ, ЈО итн., што, генерално, е лоша слика за целата држава
Во актуелната тензична и на моменти конфузна политичка реалност, барем за кратко добивме своевиден издувен вентил. Така, овие денови и недели можеме да се опуштиме и да уживаме во, како што велат, најважната споредна работа на светот. Верувам дека многумина ги следат натпреварите од Светското првенство во фудбал во Катар. За љубителите на спортот, но и за другите, тоа е добра можност да се оттргнат мислите од политичката реалност, постојаните закани, уцени, непринципиелности, притисоци на кои сме изложени како народ и како држава веќе со години. Да се оттргнеме од црните мисли и катастрофичното размислување, коe, како што веќе напишавме деновиве, е опаснo по здравјето.
Затоа, уште на почетокот, честитки до националниот сервис МТВ што овозможи пренос на сите случувања од Катар и што ни го донесе овој спектакл директно во нашите домови. Тоа веројатно треба да биде поттик и за во иднина директно да ги следиме сите поважни светски и спортски случувања, што, за жал, во минатото не беше случај. Но, нејсе, да се вратиме уште малку на фудбалот и впечатоците оттаму. Барем досега на ова Светско првенство имаше неколку големи изненадувања, да не речам сензации, кои го потврдуваат и докажуваат библискиот мит за Давид и Голијат. Ја прераскажуваат приказната за суровата моќ на големите, наспроти волјата и умешноста на малите, кои на крајот успеваат да победат. За неутралните гледачи што не заземаат страна, туку едноставно сакаат да уживаат во претставата, тоа е истовремено адреналински шок, мешавина од изненадување, неверување, но и скриено задоволство. Не поради победата на некој аутсајдер, туку многу повеќе поради чувството и враќањето на вербата дека и малите и отпишаните, условно кажано, може да бидат големи.
Зашто не победува секогаш поголемиот, посилниот, помоќниот. Како во приказната за Давид и Голијат, и во животот има многу Давиди што знаат како да ја искористат својата шанса и да не потклекнат пред условно поголемите од нив. Деновиве еден светски фудбалски гигант и светски првак како Аргентина загуби од аутсајдер како што е Саудиска Арабија. Истото тоа му се случи и на повеќекратниот светски шампион Германија, кој беше поразен од Јапонија. Да не одиме подалеку, и Македонија во фудбал ја победи Италија и ја исфрли од учество токму на ова Светско првенство, а претходно ја победи и Германија. Значи, и ние можеме – да бидеме големи и против најголемите, да се издигнеме во височините откако претходно сите нѐ отпишале.
Конечно, која е поуката од сите овие примери? Дека со волја, стратегија, упорност нема непремостливи пречки. Дека за успеси и големи дела е потребно знаење, но и смиреност, координација, синхронизираност, патриотизам, поврзување на сите линии. И резултатот ќе дојде. Во спортот, како и во политиката, не е пресудно колку сте силни на хартија, колку звучни имиња имате, туку како се однесувате на теренот. На крајот се бројат само победите, но долго се паметат и болат поразите.
Затоа ваквите примери од зелениот терен треба добро да се проучат.
За тој победнички менталитет да се преслика и на политички и дипломатски терен. Онаму каде што Македонија изминатиот период постојано потфрлаше, паѓаше во туѓи подметнати замки или, кажано со фудбалски речник, ни местеа офсајд-стапици, си дававме автоголови, ни судеа пенали на наша штета, добивавме ниски удари, од кои потоа не можеме да закрепнеме. Сето тоа е резултат на недостиг од знаење и верба во самите себе, немање чувство, интегритет и карактер за заштита на националните интереси. Кога на ова ќе се додадат и недостигот од дипломатска и политичка тактичност, честата брзоплетост, непромисленоста, политичкиот клиентелизам и зависноста од туѓо влијание, станува појасно зошто ги губиме политичките битки или зошто државава постојано ни е во офсајд, односно во недозволена и крајно незавидна позиција. Еве, ако продолжиме со фудбалски речник, во една таква недозволива офсајд-позиција ни се наоѓаат низа значајни институции, како МНР, МВР, АНБ, ЈО итн. И сето тоа поради сопствени недопустливи грешки и пропусти.
Последните анкети на јавното мислење ги потврдуваат овие констатации. Огромен процент македонски граѓани не се задоволни од македонската надворешна политика. Она што е интересно е дека ова незадоволство го искажуваат Македонците како државотворен мнозински народ, но и Албанците Србите, Турците, Власите и сите други малцински етнички заедници во државата.
Општ впечаток е дека Македонија многу често изминативе години или сама запаѓа во офсајд, или си дава автоголови во надворешната политика и односите со соседите, како резултат на кусогледост, политичко слепило и влечење погрешни потези. Неразбирливо е како држава-членка на НАТО и кандидатка за членство во ЕУ може да си дозволи скандал од типот на „Онишченко“, или претходното делење пасоши на еден куп белосветски криминалци. Неразбирливо и несфатливо е како постојано удираме со главата во ѕид и од аспект на нашата евроинтеграција. Зарем никој не ги слуша пораките што доаѓаат од челниците на ЕУ кога велат, цитирам: „Да не се лаже Балканот (вклучувајќи ја и Македонија) со членство во ЕУ“, завршен цитат.
Португалскиот премиер Антонио Коста беше брутално искрен и јасно порача дека Европската Унија „не може да апсорбира нови членки“, ниту треба да им ги подгрева очекувањата на земјите од Западен Балкан и на Украина за членство. Што треба повеќе и појасно од ова? И сега пак ли ќе правиме нови отстапки, ќе го менуваме уставот, ќе ја обезличуваме државата, за некаква имагинарна и непредвидлива цел, наместо да се зафатиме со решавање на вистинските проблеми и предизвици што ни висат над глава и ги мачат сите граѓани.Нели е подобро да ја оставиме ЕУ да расчисти прво сама со себе што сака и каде се движи, па потоа, кога ќе се избистрат работите и ќе станат појасни, да продолжиме понатаму. Во меѓувреме нѐ чека многу домашна работа за подобрување на животот на граѓаните. Но наместо да се занимаваат со реалните проблеми, нашите политички елити се занимаваат со илузии, привиденија, имагинарни или фатаморгана-прашања.
Соседите добро го знаат тоа, тие веќе ја прочитаа нашата слаба дипломатија, па постојано ни поставуваат нови и нови замки и офсајд-стапици. И откако ќе нѐ навлечат на нив, потоа трубат низ Европа дека Македонија е лошиот и непримерен играч итн. Еве и со неколку конкретни примери. Грција, која досега не испочитува ниту еден процент од Преспанскиот договор, деновиве на големо ја лансира и промовира кампањата „Македонија Велика“ (Macedonia the Great), целосно монополизирајќи го зборот Македонија, исклучиво за свои потреби. Замислете колку е ова иритирачко, контроверзно, да не речам подло. Сѐ што има предзнак или збор Македонија да се третира и изедначува како да е грчко.
Сега сите ознаки за трговски марки, како на пример „Made in Greece“ или „Produced in Greece“ или, пак, „Macedonia the GReat“, се грчки. Па, што е тогаш македонско? Како да се означуваат македонските производи, трговски марки, а пак да не западнеме во офсајд и во недозволена позиција? Изгледа никако.
Со Преспанскиот договор со Грција сами си врзавме панделка, која сѐ повеќе нѐ стега околу вратот. Или примерите со Бугарија и нејзините таканаречени културни клубови. Токму именувањето на овие клубови со имиња на фашистички соработници имаше цел да предизвика реакција од македонска страна, што нормално и се случи. Бугарија сега тоа го користи пред европските институции за да ја прикаже Македонија во најцрно светло, како агресор врз нечии права. Класично подметнување и местење офсајд-стапици за Македонија. И тоа од истата таа Бугарија што не само што беше окупатор и агресор врз Македонија во минатото туку и денес продолжува со својата агресија, асимилација врз Македонците. За да не биде само на примери, еве за крај и одредени предлог-идеи. Како да се надминат и кое е чарето за ваквите недозволиви ситуации? Ако во фудбалот се воведе нова технологија, таканаречена ВАР, за решавање на спорните моменти, и во политиката, дипломатијата и меѓународното право има низа алатки што може и треба да се користат. Поради просторот и времето тука нема да набројувам кои се тие, но уште еднаш ќе потсетам на митот за Давид и Голијат и паралелата за условно големите и малите, спомената претходно во текстот. Кој разбере – разбере, кој не, бадијала се и уште 1.000 примери.