Фото: Игор Бансколиев

Поучени од сите досегашни искуства, македонските граѓани сега со право сѐ повеќе се убедени дека целиот процес на пристапување на државата кон ЕУ не само што треба да биде транспарентен туку уште побитно е во него од самиот почеток до крајот да бидат мобилизирани и вклучени сите општествени капацитети што можат да дадат придонес: од експертите за евроинтеграциите, академиците, универзитетските професори, интелектуалците, бизнисмените… Имено, инклузивен наспроти досегашниот ексклузивен пристап кон процесот на евроинтеграциите

Евроинтеграциите да не се монополизираат од политичките елити

Билатералниот скрининг на Македонија од страна на Европската Унија во тек е веќе неколку месеци, но Владата и натаму целиот процес го води самостојно, а многу од анкетираните граѓани имаат впечаток дека се одвива надвор од радарот на јавноста, без да ги вклучи стручната фела, граѓанскиот и бизнис-секторот, МАНУ, како и сите интелектуални капацитети и општествени потенцијали, кои може во голема мера да помогнат во евроинтеграциите на земјата.
Токму ваквиот затворен пристап за клучни прашања од државен и национален карактер резултираше со очигледните последици што македонските граѓани сега ги чувствуваат од Преспанската спогодба и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија.
Имено, двата процеса се водеа во најголема тајност од страна на тесен круг луѓе во Владата, без никаква општествена дебата, без вклучување на академиците, без консултации со искусните дипломати, за на крајот сето тоа да резултира со асиметрични договори, кои сериозно го загрозуваат македонскиот идентитет и наметнуваат еднострани обврски, само за земјава.
Најсвеж пример за самостојно водење на процесите беа преговорите со Бугарија, кога министерот за надворешни работи буквално си го зеде сето дискреционо право да преговара за идентитетски прашања. Сето тоа резултираше со „францускиот (бугарскиот) предлог“, на што отворено се спротивставија експертите од областа на евроинтеграциите, академиците, интелектуалците, како и мнозинството македонски граѓани, кои јасно ставија до знаење дека историски и идентитетски прашања не може да станат дел од преговарачката рамка со ЕУ. Но, и покрај општото противење и аргументираните и издржани забелешки на познавачите на состојбите, францускиот предлог беше протуркан во македонското собрание. Но фрустрациите што сето тоа беше направено во најголема тајност и од страна на мал круг луѓе, сега се манифестираат така што драстично растат евроскептицизмот и, воопшто, вербата во веродостојноста и принципиелноста на целиот интегративен процес.

За транспарентен и инклузивен процес

Поучени од сите овие досегашни искуства, македонските граѓани сега со право бараат евроинтегративниот процес да биде максимално транспарентен и во него од самиот почеток до крајот да бидат вклучени сите капацитети што можат да дадат каков било придонес, почнувајќи од експертите во евроинтеграциите, академиците, универзитетските професори, интелектуалците, бизнисмените…
Професорката Солза Грчева смета дека процесот на евроинтеграции не смее во никој случај да се води во тајност, за на крајот да не бидеме повторно ставени сите пред свршен чин.
– Не може вакви крупни работи, како што се евроинтеграциите, сами да ги решавате и да ги туркате тајно. Се сеќаваме дека таен беше и Протоколот што влезе во преговарачката рамка, а кој е скандалозен. Овие луѓе се обидуваат секогаш да ги турнат работите под тепих и потоа да нè стават пред свршен чин, со една небулозна и манипулативна изјава: „Дали сте за ЕУ или не“. Ако сте „за“, тогаш прифатете сè што ние сме прифатиле и направиле. Тоа е апсолутно небулозно и манипулативно – вели Грчева.
Според неа, исклучително е важно да се направи национален консензус по ова прашање и да се вклучат сите луѓе што можат да помогнат со своето искуство, како граѓански сектор, интелектуалци, МАНУ, како и многу други луѓе што можат да направат прецизна процена што добива, а што губи Македонија.
– Апсолутно е недопустлив ваков неинклузивен процес. Ние претходно ги прифативме заклучоците во Собранието, ја прифативме и оваа срамна преговарачка рамка, во која е вклучен и протоколот, без претходно да направиме еден национален консензус дали сето ова ни одговара нам. Сите се исплашени да одат против струјата. Имаме интелектуални елити што никогаш не ги гледаат работите црно-бело, ги ставаат во некаков контекст, гледаат што добиваме, а што губиме, така што нивниот придонес во процесот на евроинтеграции може да биде огромен. Тие луѓе е важно да се вклучат во овој процес, но никој не ги повикува – нагласува Грчева.
Таа е убедена дека и овој процес, ако продолжи да се турка само од мал круг луѓе, повторно ќе биде на наша штета.
– Ова е таен процес, ова е процес на една елита што го турка на наша штета. На крајот ќе нè стават пред лажната дилема дали сте за ЕУ или не. Сите оние што ќе прашаат по која цена треба да сме за ЕУ, ќе бидат етикетирани како евроскептици. Мора да се воспостави систем при евроинтеграциите, да се постигне национален консензус, да се вклучат сите оние што можат да придонесат со своето знаење, во спротивно вистинска дилема е зошто се турка целиот процес – прашува професорката Грчева.

Лошите искуства од минатото раѓаат недоверба

Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, смета дека овој пат никако не смеат да ни се повторат грешките од минатото, кога процесите се водеа нетранспарентно, а последиците се одразија подоцна и продолжуваат и натаму се одразуваат врз државата и општеството.
– Не смееме да ја правиме грешката од аспект на стратегиски комуникации, целиот процес повторно да се сведе на фотографии од политичари и технички наслови за темата на преговарање. Многу е важно уште отсега да се пристапи кон информирање на луѓето како тековните преговори или скринингот директно влијаат врз нивните секојдневни животни проблеми и потреби. Само така ќе се добие она општо сопствеништво на сите актери во општеството, кои можат да дадат личен придонес врз овој процес, кој е сериозно дискредитиран поради горчливите искуства од изминатиот период – вели Трошановски.
Тој додава дека ова е последен момент за вклучување на сите оние граѓански, академски, интелектуални и бизнис-капацитети во процесот што е важен за иднината на државата.
– Ние сè уште не сме вклучени во овој процес, но сметам дека ова е краен момент кога треба да сме подготвени за поставување на преговарачката структура, да се утврди составот на работните групи, во кои секако треба да се поканат претставници на граѓанското општество поради специфичните експертизи што ги имаат, треба да се овозможи финансиски надомест за дополнителен ангажман на експертите во тие работни групи, но треба и да се прифати подадената рака од земјите-членки што за одредена тема можат да ни отстапат или позајмат експерти. И сето тоа треба да се направи што поскоро – категоричен е Трошановски.
Според неговото мислење, овој процес мора да биде транспарентен, да не се присвојува од неколку политичари, туку на народот постојано да му се објаснува кои се бенефициите од влезот во Унијата.
– Ако зборуваме за патентно право, треба да му се објасни на обичниот човек каква полза тој ќе има од тоа. Ако зборуваме за реформа на јавната администрација, за земјоделството, треба јасно да се каже кои ќе бидат бенефициите од тие промени. Хрватска постапи така, информирајќи ги навреме своите граѓани за сите аспекти од преговорите во текот на целиот процес. За разлика од Хрватите, ние добиваме само фотографии од нашите политичари што одат во Брисел и кратка информација дека скринингот по Поглавје 24 е започнат. Тоа не им значи ништо на обичните граѓани. Треба да се разговара за тие работи, да се информираат граѓаните за придобивките, да се отвори дебата, да се вклучат сите. Кога процесот е затворен, нетранспарентен, тоа раѓа недоверба, а ако на сето тоа се додадат и минатите лоши искуства, дополнително ќе расте евроскептицизмот. Сега е крајно време да се постават тие контури и да бидат вклучени сите што можат да понудат нешто за поуспешна реализација на целиот преговарачки процес, од почетокот до крајот – заклучува Трошановски.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ смирува, тврдејќи дека нема никаква тајност. Тој појаснува дека во наредниот период во процесот ќе бидат вклучени сите што можат да придонесат за негова поуспешна реализација.
– Останува во наредниот брз период заедно со граѓанските организации да утврдиме точен инклузивен модел што ќе овозможи присуство на граѓанските организации, но исто така и на бизнис-заедницата и Академијата на дел од овие скрининзи, но исто така и во подготовката на документите што ќе бидат преговарачки позиции и што ќе бидат наш патоказ за исполнување на задачите од ЕУ – истакна Маричиќ.
Како и да е, исклучително е важно процесот на евроинтеграции да биде крајно транспарентен и во него да се вклучат сите што можат да придонесат тој да се движи во вистинска насока уште од самиот почеток, во спротивно тој многу лесно може да отиде во несакан правец и да продуцира последици што може да бидат погубни за државата.