Сите македонски здруженија и организации ја доведоа во прашање вистинитоста на податоците, истакнувајќи голем број неправилности околу спроведувањето на пописот. За нив, бројката од само 1.143 Македонци што живеат на бугарската
територија е апсурдна и смешна, бидејќи во Бугарија има повеќе десетици илјади Македонци. Тоа го покажуваат и податоците од претходните пописи, кога на пример во пиринскиот крај, од вкупно 281.015 жители, како Македонци се изјасниле 178.862, или 63 отсто од целокупното пиринско население

ДАЛИ БУГАРСКИОТ СТАТИСТИЧКИ ИНСТИТУТ ГИ ФАБРИКУВАЛ И ШТЕЛУВАЛ БРОЈКИТЕ ОД ПОПИСОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО

Бугарската ирационална и антимакедонска политика повторно исплива на површина и преку последните информации во врска со пописот во оваа држава.
Последен ваков пример е бугарскиот национален статистички институт, кој ги објави официјалните податоци за последниот попис што се одржа во Бугарија. Според овие податоци, бројот на Македонците што живеат на бугарската територијата изнесува 1.143 и има намалување на бројката ако се земат предвид податоците од 2011 година, кога Бугарија изброи само 1.609 Македонци. Веднаш по објавувањето на податоците, сите македонски здруженија и организации ја доведоа во прашање вистинитоста на податоците, истакнувајќи голем број неправилности околу спроведувањето на пописот. Експертите и познавачите со кои се консултиравме посочуваат дека посочената бројка на Македонците што живеат во Бугарија е резултат на бугарската државна политика, која е насочена кон асимилација на Македонците. Ваквата политика своите црти ги добива уште во времето на бугарскиот комунистички лидер и диктатор Тодор Живков, но продолжува и денес.Но еве како се движела бројката на Македонци во Бугарија, која од година на година тенденциозно се намалува и се фабрикува од страна на бугарските власти.

Пописите ја потврдуваат асимилаторската политика на Бугарија

Во декември 1946 година, во Народна Република Бугарија беше извршен првиот повоен попис на населението. Од вкупно 252.908 жители во пиринскиот крај, 160.541 лица, односно 70 отсто се изјасниле како Македонци. На пописот на населението во 1956 година, во пиринскиот крај, од вкупно 281.015 жители, како Македонци се изјасниле 178.862, или 63 отсто од целокупното пиринско население.
Според пописните податоци од 1946 и 1956 година е очигледно дека Македонците се доминантно население во пиринскиот крај, меѓутоа според пописот од 1965 година бројот на Македонците изнесува само 8.750 жители. Апсурдноста на податоците што потекнуваат од бугарските државни институции е уште поочигледна ако се земе предвид пописот од 1975 година, кога ниту еден жител на Народна Република Бугарија не се декларирал како Македонец. Официјални податоците од пописот што се одржа во 1992 година никогаш не беа објавени. Според податоците што беа објавени од страна на Красимир Канев, претседател на бугарскиот Хелсиншки комитет, во 1993 година во Бугарија како Македонци се самоопределиле 10.803 луѓе, но и овие податоци треба да се прифатат со резерва. Според пописот на населението во Република Бугарија од 2011 година, таму живеат 1.654 Македонци, за бројката сега да се намали на 1.143.

Стојко Стојков: Во Бугарија има десетици илјади Македонци

Според Стојко Стојков, претседателот на ОМО „Илинден“, нереално е во Бугарија да живеат само 1.143 Македонци, колку што покажа последниот попис, и веројатно тоа се само оние Македонци што се попишале онлајн.
Стојков вели дека во Бугарија има десетици илјади што се чувствуваат како Македонци, но така би се изјасниле кога би имале поголема слобода и би немале страв, кој веќе 60 години е всадуван кај нив.
– Немаа слобода да се изјаснуваат, немаше табела за македонска националност, а информациите говорат дека попишувачите одбивале или тврделе дека нема како да ги попишат тие што се чувствуваат како Македонци. Без да го заборавиме стравот поради силната антимакедонска атмосфера во Бугарија, властите не успеаја во своите намери да покажат дека Македонци не живеат тука – вели Стојков.
Тој е дециден дека оваа бројка од 1.143 Македонци се само оние што се попишале онлајн.
– Пописот беше во време на ковид и тоа беше искористено луѓето да не ги посетуваат дома и да не ги прашуваат како што е нормално, туку на телефон им земаа лични податоци и потоа попишувачите сами си ги пополнуваа картоните со тие податоци. Во таква ситуација, очигледно немале можност да се изјаснат како што сакаат. Имаше ретки случаи каде што луѓето беа посетувани, ние имаме информации дека за време на пополнувањето не ги ни прашувале како што се изјаснуваат. Луѓето сами требало да го отвораат прашањето за јазикот и националноста и тогаш ги прашувале: Ама нели сте Бугари, ама нема Македонци, не знаеме каде да ве ставиме. Но и да се попишале некои наши луѓе, нема начин како да се провери, бидејќи има можност попишувачот дома да ги промени податоците. Овие 1.143 Македонци сигурно се попишале онлајн. Другиот дел исплашени, огромниот дел воопшто не биле прашувани – вели Стојков.
Инаку, според пописот, Бугарија има речиси 6 милиони и 520 илјади жители, или над 800 илјади помалку од пред десет години. Д. Ст.