Во Собранието, меѓу другото, е блокиран и изборот на уставните судии. Не дека досегашните се покажаа како многу вредни да бидат избрани, но настрана персоналните решенија, една од најзначајните институции во државата мора да постои и да функционира, ако сме, нели, легалисти, што пратениците, очигледно, не го знаат или не сакаат да го знаат. Можеби за да нема кој да ја оценува издржаноста на законските решенија што, одвреме-навреме, тие ги продуцираат за да ја оправдаат својата законодавна функција
Дегенеративниот потенцијал на претставничката демократија, кој, не за првпат, граѓаните можеа да го видат деновиве додека ги следеа „напорите“ со кои нивните избрани претставници во законодавниот дом се обидуваа да им ги регулираат личните примања, откако претходно, нели, им ги регулираа сите неопходни услови и амбиентот за живеење и за работење, никако да се исцрпи. Барем не во случајот на Македонија и на највисоко издигнатиот претставнички орган на нејзините граѓани, каде што пратениците од власта и од опозицијата, како и оние што периодично ги менуваат страните, со денови дискутираат за оправданоста на предлогот за зголемување на минималната плата за помалку од три илјади денари. Некој што има време и средства, а можеби од државата е и платен за таа работа, веројатно би требало да пресмета за кој вкупен износ на годишно ниво станува збор и да го спореди тоа со годишните износи на „исчезнатите“ државни пари за кои редовно можат да се најдат траги во годишните извештаи за работењето на државните институции, а кои пратениците воопшто не ги ни читаат, а камоли да расправаат за нив. А дека, во најголем дел, не ги читаат и не расправаат за нив, не само што е очигледно туку е наведено и во заклучоците од неколкуте мониторирања на работењето на Собранието во изминативе години. Еве, на пример, во еден од таквите извештаи се вели дека при разгледувањето на 22 извештаи од независни и регулаторни тела поднесени до Собранието, за 15 извештаи воопшто не се водела дискусија на пленарните и на комисиските седници, туку тие беа само презентирани од страна на подносителите, додека за седум извештаи од независни и регулаторни тела пратениците развиле дискусија на комисиските и пленарните седници и тие подлегнале на, внимавајте, одредено ниво на контрола. А станува збор за тела какви што се Регулаторната комисија за енергетика, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Агенцијата за пошти, Советот за радиодифузија, Комисијата за хартии од вредност…, чиј точен број и намена сѐ уште ѝ се непознати на јавноста, но е познато дека таму се вртат огромни пари и интереси. Да, во тие извештаи има многу повеќе пари отколку што изнесува вкупното покачување на платите на неколкуте десетици илјади, па нека се и сто илјади работници со минимални приходи во земјава. Популизам во најрудиментарната форма.
Освен тоа, политичките партии, дури ни оние што се во владејачката коалиција, во периодот на за независната Македонија досега невидени геостратегиски поместувања и во клучните моменти за нејзината идентитетска и евроинтегративна перспектива, не можеле да се договорат околу изборот на амбасадорите, поради што и самиот шеф на државата Стево Пендаровски пред извесно време изјави дека „некои амбасади не смеат ниту еден ден понатаму да бидат без прв човек“. Со психијатриски речник кажано, тотален аутизам, незаинтересираност за социјализација и комуникација во светските рамки.
Понатаму, во Собранието, меѓу другото, е блокиран и изборот на уставните судии. Не дека досегашните се покажаа како многу вредни да бидат избрани, но настрана персоналните решенија, една од најзначајните институции во државата мора да постои и да функционира, ако сме, нели, легалисти, што пратениците, очигледно, не го знаат или не сакаат да го знаат. Можеби за да нема кој да ја оценува издржаноста на законските решенија што, одвреме-навреме, тие ги продуцираат за да ја оправдаат својата законодавна функција.
А како и какви закони продуцираат пратениците во Собранието во изминативе години, можеби е подобро и да не се зборува. И тоа не е проблем само од аспект на она што парламентарното мнозинство како „директива“ ќе го добие од Владата, туку и на она што како резултат на здружените сили со опозицијата ќе произлезе оттаму. Така, на премиер, многубројните законски решенија поминуваат со имињата на формалните предлагачи, кои поради честите менувања на владините кабинети, се спасуваат од одговорноста со новите функции или исчезнуваат некаде на општествените маргини, но без имиња на, најчесто, хонорарните владини советници, кои ја димензионираат и вообличуваат регулативата врз основа на сопствените или на интересите на центрите на моќ од кои, ајде да речеме, се соодветно мотивирани за таа работа. Токму затоа, веројатно, пратениците не се ни обидуваат да се информираат за влијанието и за ефектите од законите што тие ги донесоа, што исто така е заклучено во едно од опсервирањата на нивното работење.
Тие и уште многу други дегенерации на претставничката демократија, поради причините за кои допрва ќе треба да се дискутира, најдоа мошне плодна почва за развој во Македонија. Крајно време е некој да ги запре дегенеративните процеси и, ако веќе не може да ги врати наназад, барем да се обиде да го поттикне процесот на регенерацијата на демократијата, што, секако, не е лесен, но е единствениот вистински пат за излез од оваа состојба.