Биенвенидо Маседониа

По 30 и нешто години независност, Македонија е целосно институционално девастирана, државата е окупирана од малцински политички субјект, нема судство, нема гонење криминал, функционерите влегуваат голи и боси во политика, а излегуваат како богаташи, така што единствено нешто што им преостанува на очајните граѓани е да бегаат што подалеку и никогаш повеќе да не се вратат. Лицемерни се и изјавите од типот дека сега ЕУ нема да се занимава со билатералните прашања од пристапниот процес (затоа што тие веќе се спакувани во европската преговарачка рамка за нас и се разбира дека нема потреба од нови), туку Брисел сега уште повеќе ќе ја стегна јамката и строго ќе инсистира на исполнување „услови плус“, односно спроведување на копенхашките критериуми, кои нема да бидат единствени како услов, туку сега одат во пакет со билатералните прашања, за кои е познато дека се веќе вградени во документите од процедурата за нашиот пристап кон ЕУ

Шпанија од денеска го презема претседавањето со Европската Унија и, ако се суди според кармата што Македонија ја има со оваа земја, можеби конечно вистински ќе почнат пристапните преговори со Унијата до крајот на годината.
Имено, Шпанија беше последната земја што во својот парламент го ратификува пристапниот протокол, со што земјава стана 30-та членка на НАТО, па можеби со Шпанците ќе ни се посреќи и во евроинтеграциите, со нив да ги започнеме преговорите и со нив да го заокружиме влезот по некоја година, кога повторно ќе им дојде редот да претседаваат.
За жал, потребна беше туѓа несреќа за Унијата конечно да сфати дека не може во недоглед да го одложува проширувањето и само вербално да ги храбри земјите кандидати и претендентите за кандидатски статус. Војната во Украина покажа дека кога подолго време работите се оставаат „статус кво“, тогаш проблемите стануваа сè подлабоки, а решенијата уште потешки.
Се виде дека консензуалното одлучување во ЕУ не води никаде, туку секоја земја од некои свои лични каприци наметнува билатерални прашања што ја блокираат надворешната европска политика и ги фрустрира кандидатите што сакаат да станат членки. Затоа сè погласни се најавите за реформа на Унијата, што ќе опфати промена на начинот на гласање, односно одлуките нема да се носат со консензус. Реформата што некаде далеку зад очите на јавноста веќе ја кројат францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц, предвидуваат процесот на проширување да се забрза, но така што сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ги и Украина, Молдавија и Грузија, во скоро време, веројатно до таа фамозна 2030 година што се спомнува во последно време, би станале дел од единствениот европски пазар. Сето тоа запечатено со членство во Европската политичка заедница, која наесен треба да има нов самит. Значи, проширувањето ќе се заокружи така што сите претенденти за членство де факто ќе станат дел од Унијата, но со ограничени права. На тој начин ќе се избегне противењето на дел од постарите членки на Унијата, кои се против избрзани решенија и прием на неподготвени кандидати, каков што беше случајот со Бугарија и Романија.

Во таа насока треба да се набљудува неодамнешната изјава на високиот претставник за безбедност и надворешна политика Жозеп Борел дадена за Бугарското национално радио, кој првпат спомена дека билатералните прашања нема да бидат услов за напредок во евроинтеграциите. Убаво, но сето ова доаѓа откако веќе билатерално ни го сместија бугарскиот протокол во преговарачката рамка, па сега ем на врат ги имаме Бугарите, ем ЕУ ќе биде драстично построга околу исполнувањето на копенхашките критериуми.
Бугарија нема зошто да е незадоволна од ова, па и нејзиниот претседател Радев во отвореното писмо до европските лидери истакна дека неговата земја ќе инсистира Македонија да ги исполни сите критериуми од Копенхаген ако сака да оди напред. Радев добро знае како стои Бугарија со исполнувањето на овие критериуми и дека, како што би рекол претседателот Пендаровски, „е последната земја што треба да ни држи лекции за копенхашките критериуми“, но е среќен што неговата земја е членка на ЕУ и може да си игра со Македонија како што сака. Иако, рака на срце, вчера рече дека немало да има нови услови надвор од рамката.
Дека уставните измени ќе бидат направени до крајот на ноември е малку веројатно, па затоа и меѓународните претставници дигнаа раце од оние што претходно ветиле дека ќе го испорачаат тоа. Затоа сега не случајно стигнаа острите критики од австрискиот и холандскиот амбасадор, кои сега велат „баталете ги уставните измени, не гледате дека сè друго запустевте во државата“. Холандскиот амбасадор уште прашува каде се милијардите дадени пари, иако неговата земја точно треба да знае кому и за што му ги дала милијардите. Можеби во сиот тој остар тон претера со истакнувањето на нашиот менталитет, демек сите ние сме крадци и ги грабаме странските милијарди, а за возврат ништо не испорачуваме. Тоа не е во ред и е надвор од дипломатската практика. Тука живеат чесни луѓе, кои сакаат да ги имплементираат европските вредности и сите добри идеи, но има и корумпирани, кои секогаш, како по некоја случајност, доаѓаат до странските пари, а и странците секогаш токму такви таргетираат кога ги даваат „милијардите“. Впрочем, тоа е изум на западниот свет – корумпирај, па контролирај.

Но, нејсе, зад сета таа остра критика се крие многу јасна порака, која вели дека Европската Унија повеќе нема намера да ѝ прогледува на Македонија низ прсти кога станува збор за внатрешните реформи во сите области, почнувајќи од правосудниот систем, преку администрацијата, до борбата со криминалот и корупцијата. Со други зборови, 30 години ништо не е сработено. И тоа е точно, еве по 30 и нешто години независност, Македонија е целосно институционално девастирана, државата е окупирана од малцински политички субјект, нема судство, нема гонење криминал, функционерите влегуваат голи и боси во политика, а излегуваат како богаташи, така што единствено нешто што им преостанува на очајните граѓани е да бегаат што подалеку и никогаш повеќе да не се вратат.
Лицемерни се и изјавите од типот дека сега ЕУ нема да се занимава со билатералните прашања од пристапниот процес (затоа што тие веќе се спакувани во европската преговарачка рамка за нас и се разбира дека нема потреба од нови), туку Брисел сега уште повеќе ќе ја стегна јамката и строго ќе инсистира на исполнување „услови плус“, односно спроведување на копенхашките критериуми, кои нема да бидат единствени како услов, туку сега одат во пакет со билатералните прашања, за кои е познато дека се веќе вградени во документите од процедурата за нашиот пристап кон ЕУ.
Имајќи предвид дека Македонија стои лошо во делот од системското реструктурирање, особено со нефункционалните политизирани институции, нестручната и кабеста администрација, судството и обвинителството во кое граѓаните немаат доверба, растечкиот криминал и корупцијата, повеќе од јасно е дека земјава ја очекува долг и тежок пат во неизвесност, ако евентуално не се случи некое чудо и на позиции се најдат вистински и способни луѓе.
Факт е дека сите земји од Западен Балкан го бараа проширувањето и, еве, изгледа го добиваат, ама без протекции, по строги правила, кои ако сега се применат врз актуелните членки на ЕУ, половина од нив треба да бидат исфрлени како партал од тоа европско друштво.

Во нашиот случај прво на удар ќе биде судството, оти тоа е дел од најважниот кластер – владеење на правото. Невообичаената раздвиженост меѓу судската фела последниот период може да се протолкува само на еден начин, дека е сфатена пораката што пристигна од САД со Мерко на „црната листа“ и од ЕУ, дека помина времето кога судството ќе продолжи да ги ужива сите благодати сè додека работи во интерес на секоја власт. Сега прстот кон правосудството директно го вперува меѓународниот фактор, кој отворено прашува каде се парите инвестирани за градење функционален правосуден систем, но, што е уште пострашно, каде е одговорноста за илјадниците застарени предмети и непостапувањето по илјадници други актуелни предмети. Притиснати од секојдневните критички бомбардирања, сега одеднаш судските органи се разбудија од повеќедеценискиот сон и почнаа да постапуваат, но повторно вината барајќи ја во најниските ешалони, свесно изземајќи се себеси од каква било одговорност.
Како и да е, пред Македонија е последната шанса да направи нешто за да опстои како држава. Можеби „европскиот камшик“ доаѓа во последен момент, да го ресетира системот што е целосно нагризен од корупција и непотизам, да го врати владеењето на правото, да ја застане економијата на стабилни нозе, да ги подобри здравството, образованието, екологијата, да ни каже зошто Европа вреди. Макар биле членки и на ЕПЗ и дел од заедничкиот европски пазар. И тоа е нешто за разлика од ова ништо сега. Ако го направиме тоа, ако ги направиме сите реформи за себе, тогаш можеби следното шпанско претседавање ќе значи „Биенвенидо Маседониа“.