Фото: Игор Бансколиев

Од случајот со Грција и Преспанскиот договор, Македонија веројатно научи многу лекции во практика од меѓународната политика и меѓународните односи. Најважно што научи е дека ветувањата и гаранциите во меѓународната политика не треба да се земаат здраво за готово. Меѓутоа, и европските фактори треба зборовите да ги претворат во акција и конкретни гаранции: јасни и недвосмислени зафати со кои ќе се преиспитаат сите досегашни уцени за Македонија во процесот на пристапувањето кон ЕУ и дека билатерални противправни барања во иднина нема да се испорачуваат како услови за Македонија. Во однос на формата, таквите гаранции треба да бидат правнообврзувачки документи, чекор повеќе од необврзувачки декларации

Нови услови за интеграција нема, бидејќи сите можни се веќе вградени во постојните документи

Уште уставните измени и исполнување на потпишаните протоколи и нема да има нови „некопенхашки услови“ за Македонија на патот кон ЕУ?!
Веројатно ова е наједноставно изразениот резултат од гаранциите што европските лидери и функционери изминатиов период им ги даваат на македонските политичари, со кои треба да ја убедат македонската јавност дека нови и дополнителни услови нема да има?! А што со старите?! Оние веќе напишани услови во досегашните документи, кои се израз на билатерални ирационални, противправни, хегемонистички барања на официјална Софија, укоричени во бриселските папки?! Што со нив? Ова беше прашањето отворено во јавноста од повеќе соговорници, професори и аналитичари во врска со последната изјава на германскиот канцелар Олаф Шолц.
– Ќе бидам јасен. Тоа е јасно договорено и треба да биде редовен пристапен процес според постапките што се управуваат од ЕУ. Тоа се работи што се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. Јас гарантирам за тоа – одговори германскиот канцеларот Олаф Шолц на новинарско прашање за коментар дали е прифатлива за него изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека уставните измени, кои се утврдени во преговарачката рамка, се само прелиминарен услов за земјава и дека со нив не се исцрпени сите услови за државата да ја почне втората фаза од преговорите.

Да видиме кои се тие „работи што се напишани на хартија“

Во пригодната дипломатска формулација на гаранциите што ги дава германскиот канцелар ни оддалеку не може да се препознаат конкретност и прецизност за „работите што се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба“. Имено, во „работите што се напишани на хартија“, ако се мисли на францускиот предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, преку анекс е внесен и билатерален протокол од седница на македонската и бугарската влада, во кој се наведени повеќе услови за Македонија, кои практично се во спротивност и ги дерогираат конпенхашките критериуми. Во анекс-протоколот, кој имплицитно е дел од преговарачката рамка како услови по кои секогаш може да посегне бугарската страна во текот на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ, се наведени: резултати од работата на билатералната историска комисија, менување на македонските учебници по историја, интервенции во македонските споменици од Втората светска војна, заради наводен „говор на омраза“ поради наведување на злосторствата на бугарскиот фашистички окупатор… Во гаранцијата на Шолц не може да се препознае дали таа се однесува на можни нови, досега незапишани услови на Бугарија, или и на постојните „билатерални состојби“ веќе вградени во т.н. француски предлог.
– Ветувања и гаранции за отстранување на понатамошни пречки на нашиот интегративен пат од поединечни членки на ЕУ се несериозни и опасни. Ниедна држава, па ни големите сили како Германија немаат таква моќ над Советот на ЕУ, кој одлучува едногласно, а ние не можеме да предвидиме какви динамики ќе ја диктираат политиката на проширување во иднина. Ниту Шолц ниту некој друг лидер, во отсуство на процес што ќе заврши со заеднички документ со правна сила, може (без да биде исмеан од оние што ги паметат досегашните ветувања) да гарантира иднина што не зависи од нив. Има начини како тој и неговите колеги би можеле да гарантираат сериозен и инклузивен дијалог меѓу двете општества, но начинот секако не е дискутабилно преведени изјави од прес-конференции. Германија има и моќ и капацитет за посеопфатен ангажман и поконкретни гаранции, а и искуство во долгорочни процеси на помирување, справување со историски трауми и дилеми и проучувачки методологии за справување со минатото. Таквата помош би била пријателска помош, а ова е не повеќе од протоколарни декларации – вели Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори.

Македонија веројатно досега научи дека ветувањата и гаранциите во меѓународната политика не треба да се земаат здраво за готово

Како своевиден вовед во кампањата за „европски гаранции за Македонија“ беше изјавата на високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, која смета дека „за пристапувањето во ЕУ, за Македонија нема пречки“. Тој го изјавил тоа за Бугарското национално радио, одговарајќи на прашање кои ќе бидат следните чекори на Европската Унија ако Македонија до ноември годинава не ги вклучи Бугарите во Уставот, како што е предвидено во т.н. француски предлог, за почеток на преговори за пристапување во ЕУ. Борел одговорил дека нема пречки за пристапот на Македонија во Унијата, додавајќи дека „за спроведување на пристапниот процес, голема важност и улога игра добрата соработка, меѓу кои регионалната соработка и стабилизацијата, но билатералните прашања не треба да бидат обврзувачки и нема да го одредуваат процесот на пристапување“.
– Изјавите на Шолц и другите европски лидери и функционери секако дека имаат своја тежина. Но од случајот со Грција и Преспанскиот договор, Македонија научи многу лекции во практика од меѓународната политика и меѓународните односи. Најважно што научи е дека ветувањата и гаранциите во меѓународната политика не треба да се земаат здраво за готово. Оттука произлегува дека и европските фактори треба зборовите да ги претворат во акција и конкретни гаранции, дека се завршени и ќе се преиспитаат сите уцени за Македонија во пристапувањето кон ЕУ. Во однос на формата, таквите гаранции треба да бидат правнообврзувачки документи, чекор повеќе од необврзувачки декларации. Прифатливи се можеби и унилатерални декларации од сите земји-членки на ЕУ, кои би ги признале македонскиот јазик, идентитет и култура, како противтежа на бугарската еднострана изјава дека не признава ништо од македонската посебност, но многу поедноставен начин е да се промени преговарачката рамка од т.н. француски предлог и да се направи стандардна принципиелна преговарачка рамка за Македонија, како за сите досегашни кандидати за членство во ЕУ – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор.

Да нема дилеми дека спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија имплицитно е вграден како услов во македонската преговарачка рамка

Според историчарката, универзитетската професорка Наташа Котлар-Трајкова, со гаранциите што сега ги даваат европските политичари дека билатералните прашања нема да бидат услов во преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ се прави обид за ублажување на текстот од францускиот предлог на преговарачката рамка, со цел македонската јавност да го промени мислењето и да ги прифати уставните измени за внесување на Бугарите како дел од народ во македонскиот устав.
– Поаѓајќи од содржината на францускиот предлог, и понатаму останува фактот дека спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија имплицитно е вграден како услов во македонската преговарачка рамка. Конкретно, членот 12 од Договорот со Бугарија се толкува во самата преговарачка рамка, а според тој член, ние во Македонија ќе мора да ги менуваме учебниците по бугарски налог ако сакаме да покажеме „резултати во работата на историската комисија“. Во такви услови, гаранциите личат на лоша драмолетка и сѐ многу личи на она што се случуваше пред усвојувањето на Преспанскиот договор. Многу подостоинствено од ЕУ ќе биде, наместо да ни дава гаранции и ветувања, да се придржува до сопствените копенхашки критеруми и да се најде начин како да се пренебрегне францускиот предлог. Истовремено може да се работи на подобрување на текстот на билатералниот договор со Бугарија, а доколку тоа не е можно – едноставно да се раскине – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.