Кога веќе сите знаат дека живееме во „држава без одговорност“, тогаш редно е веќе да се преземат некакви чекори и да стигнеме во фаза макар да имаме „држава со ограничена одговорност“. Но за да се случи такво нешто, потребна е политичка волја, а неа ја нема. На сите им одговара вакво беззаконие бидејќи така можат да прават што сакаат и за тоа да не одговараат. А како и ќе одговараат кога сите институции се партизирани, кога ги раководат партиски луѓе што никогаш нема да дозволат влакно да им фали од главата на нивните сопартијци, без оглед колку и да ја злоупотребиле функцијата
Колку и да звучи убаво приказната за членството на Македонија во Европската Унија, домашната реалност не остава никаков простор таа европска приказна скоро да се реализира, уште помалку некој верува дека тоа би можело да се случи во следните седум години.
Општественото незадоволство од севкупните состојби почна да се претвора во сеопшта апатија, меѓу луѓето владее чувство за безнадежност, нема повеќе реформска енергија, така што и утре да почнеме преговори со ЕУ, ако во државата не се сменат некако состојбите, тие преговори ќе траат со децении.
Таа летаргија очигледно ја забележува и Брисел, па затоа воопшто не сака да влегува во замката што ја пласираат домашните политичари, ветувајќи некакво членство на земјава во ЕУ до 2030 година, само ако ги внесеме Бугарите во Уставот. Колку и да е извалкан европскиот образ во однос на Македонија, сепак ниту Европејците не се до толку ѓонови да ни испорачаат уште едно ветување што не можат да го исполнат и на тој начин да го изгубат и оној кредибилитет што им остана кај македонските граѓани. И затоа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за време на неодамнешната посета на Скопје јасно порача дека еден ден Македонија ќе стане членка на Унијата, но додека да дојде тој ден, ние да си ги средиме работите дома. Го кажа истото она што многу задраворазумни луѓе во оваа држава со години го повторуваат, дека Европа не сака фалична и нефункционална држава, туку средена и економски силна земја, која со членството уште повеќе ќе напредува.
Шефицата на ЕК беше коректна, рече ќе ви помогнеме финансиски, но реформите мора самите да ги спроведете. Е, сега кога многумина овде зборуваат за некакви европски камшикари, такви ни требаат за менаџирање со средствата што ќе ги дава Европа, за после да не прашуваат каде се милионите евра што ги дале како помош. Ако истураат пари на ова, или на она министерство за разни проекти во насока на нивно подобрување во работата, веднаш да знаат дека тие пари ќе завршат во нечии џебови оти имаме многу махери што знаат како невидливо да ги „стопат“ европските средства и да си ги стават во приватни џебови. Затоа, наместо прашањето каде се парите, подобро менаџирајте ги вие средствата и контролирајте на што се трошат, за да не ни се случува некој што влегол бос и гол во политиката, за кратко време да излезе полн како брод.
А многу полни „бродови“ излегоа од ова македонско пристаниште додека обичните луѓе останаа да тонат во тињата покрај брегот.
Затоа веќе и никој од странците не притиска за уставни измени, спомнуваат само дека треба да се направат оти некој презел таква обврска во име на државата, но далеку е ова од притискањето што се случуваше пред прифаќањето на Преспанската спогодба.
Горе-долу, на сите им е јасно дека најголемиот проблем не се уставните измени, туку реалните состојби во сите сфери во државата, кои наместо да се подобруваат, драстично се влошуваат. Правосудниот систем и воопшто владеењето на правото се пред колапс, за што јасно говори и ангажманот на американската амбасадорка Агелер, која мора веќе и јавно да ги повика политичарите да престанат да се мешаат во работата на судиите. Можеби треба да биде уште подиректна, да ги спомене со име и презиме, наместо да ги штити оние политичари што ургираат кај судиите да се донесат одредени одлуки и пресуди. Нека ги каже, директно, без срам и перде, или како нашиве буквалистички преведувачи што би рекле „no shame, no curtain“.
Кога веќе сите знаат дека живееме во „држава без одговорност“, тогаш редно е веќе да се преземат некакви чекори и да стигнеме во фаза макар да имаме „држава со ограничена одговорност“. Дури и толку ќе биде доволно за почеток.
Но за да се случи такво нешто, потребна е политичка волја, а неа ја нема. На сите им одговара вакво беззаконие бидејќи така можат да прават што сакаат и за тоа да не одговараат. А како и ќе одговараат кога сите институции се партизирани, кога ги раководат партиски луѓе што никогаш нема да дозволат влакно да им фали од главата на нивните сопартијци, без оглед колку и да ја злоупотребиле функцијата. И не само што институциите ги партизираа со луѓе, почнаа да ги присвојуваат и како објекти за партиски цели. Партиски лидери се среќаваат таму со странски делегации, си организираат родендени, си играат фудбал и кошарка, небаре зградата им ја изградил нивниот татко, а не државата. Покрај тоа, се возат наоколу на свадби и партиски митинзи со службени возила и никому ништо. Попусто антикорупциската комисија алармира, што би рекол нашиот народ, кучињата лаат, карванот си врви. Тоа е така затоа што некој им го дозволува тоа, и однатре, а богами и однадвор. И кога имаш таква заштита, нормално е дека ќе правиш што сакаш во државата, а ако некој нешто ти каже, веднаш ќе го обвиниш за некаква фобија со етнички предзнак. Сите знаат кој.
Тоа е суровата реалност во оваа земја, да не се дозволува луѓе што знаат и умеат да ја водат како што треба, туку функциите да се предодредени со некакви балансери и етнички квоти, а не со знаење и способност.
Пред крајот на годината, Македонија ќе го заврши претседавањето со ОБСЕ, со завршна конференција што македонските граѓани ќе ги чини најмалку пет милиони евра кажани, а колку ќе завршат на сметките на некои чудни подизведувачи, агенции за организирање настани, разни технички служби тоа никој не знае. Ќе се дознае кога ќе бидат објавени податоците за донации на партиите. Нејсе, добро е што се организира ваков голем настан бидејќи на тој начин се промовира и државата. Но попусто ќе биде промоцијата, ако и овој настан не се искористи за државата да оствари некаква бенефиција од сето тоа. Стратегиски интерес на секоја земја е да добие организација на поголеми настани од секаков вид, било да се работи за организација на спортски светски првенства, олимпијади, разни музички фестивали од типот на „Евровизија“, трки во Формула 1, па до големи политички самити на кои се собира светската политичка елита. Во принцип, сето тоа се прави крајно пресметливо бидејќи сите знаат дека инвестираните средства во организација на ваквите настани подоцна десеткратно се враќаат. Државата ќе инвестира во логистика, но ќе добие од самата организација многу повеќе, оти така се менаџираат работите, да имаш добивка, а не загуба. Настрана тоа што за едногодишното претседателствување со ОБСЕ Македонија не наметна ниту едно прашање со кое лично е засегната, особено околу пресудите на Европскиот суд за човекови права што треба да ги реализира Бугарија, за името, а сега и со таксите за гасот што ги воведе официјална Софија, нелогично е државата да потроши пари за еден ваков настан, а ништо да не добие за возврат. Се отвора можност да се воспостават контакти со многу земји, контакти што во иднина можат да се искористат во полза на нашите национални интереси. Ако и тука не го презентираме она што нè мачи, тогаш чуму сите овие трошоци?
Како и да е, мора веќе еднаш да почне да се размислува за интересите на граѓаните и на државата, оти вака како што тргнала работата, не ќе е на арно. Ниту ЕУ ќе ја видиме скоро, ниту некаков воз ќе фатиме кон Европа кога и оние дома што сообраќаа ги укинавме. Вакви раскарани и поделени никој не нè сака, а ќе продолжиме да тонеме уште повеќе ако не си поставиме некаква цел околу која сите ќе се обединиме, ама реална цел, а не фантазија. Нереално е да мислиме дека со обична плата за пет години ќе купиме „ферари“, но реално е со таа плата да варосаме дома, да ја поправиме инсталацијата, да испрскаме против штеточини и да си ја направиме куќата попријатна за живеење.
Наша реална цел околу која сите можеме да се обединиме и да си ја реновираме куќата дома, а не да сонуваме за „ферариња“. Затоа треба нашата цел да бидат реформи, почнувајќи од воспоставување на владеењето на правото, преку ефикасна борба со корупцијата и криминалот. Да ја заживееме економијата со можностите што се нудат за пристап кон европскиот заеднички пазар, да ја развиваме инфраструктурата со реално темпо, а не со лапање провизии и градење патишта со децении. Сето ова не може да функционира без квалитетно здравство и образование. Тоа е нашата куќа што треба да ја средиме и нашата реална цел околу која треба да се обединиме, за утре да може да излеземе и да ѝ порачаме на Европа, господа, ние сме подготвени! Без срам и перде.