Крајно сериозно да ги сфатиме пораките од Белград, да не дозволиме утре некое наше дете да посака овде да го ископира тоа што се случи таму. Да посака да биде „херој на денот“, како што, за жал, се огласија некои деца на социјалните мрежи, кои го величаа ученикот од Белград. И нормално, без непотребна еуфорија, која ќе трае ден-два, за потоа да се заборави и да се стави во втор план, зад беспоштедната меѓупартиска борба. Настанот опоменува, ако сме доволно сериозни како општество, ќе ги сфатиме пораките и ќе сториме сѐ што е во наша надлежност за да спречиме да се случи и тука, кај нас
Трагедијата во Белград нѐ потресе сите. Пред да кажам што било, би сакал од име на целата редакција да изразам најдлабоко сочувство заради загубата на младите животи. Овој пат не би се задржувал на податоци околу тоа што и како се случи, бидејќи нови информации доаѓаат од минута во минута, а сите ние ги проследуваме со особено внимание.
Но неколку работи мора да се потенцираат во вакви ситуации, за да не дозволиме да се повторат каде било. Пред сѐ да се види каде се пропустите, каде се згреши, како се дозволи да се случи овој немил настан.
Сите досега достапни информации зборуваат дека, за жал, дошло до преголема толеранција на сите сигнали што биле достапни до оние што требало да водат сметка, но очигледно ги занемариле, не им се чинеле доволно сериозни (!?) за да преземат соодветни мерки. Психолозите веројатно многу подобро ќе ги лоцираат сите потребни елементи, но она што го потенцираат засега е затворањето на децата во себе и несоодветната комуникација, пред сѐ со родителите. Ако на ова се додадат и трката по пари и туркањето на бизнисот во преден план кај возрасните, тогаш станува многу појасно зошто младите луѓе во раното тинејџерство се оставени сами на себе и честопати не можат да го одберат вистинскиот пат. Се затвораат во себе, стануваат зависници од видеоигри, од своите телефони, херои им стануваат сомнителните типови, кои секојдневно се величаат на телевизиските програми… елементи има многу, на сите им се познати, но сите ги занемаруваат, мислејќи дека сето тоа е безопасно. Сега, кога се случи масакрот, одеднаш сите се сетија дека змијата е во пазувата, а ние ја негувавме наместо да ѝ ја скинеме главата.
Како круна на сето тоа не може а да не се испушти елементот на кој често се укажува, а кој секогаш е потиснат од некои други прашања, пред сѐ од егзистенцијална природа. Се разбира, станува збор за воспитната функција на училиштата, која е целосно запоставена, па децата не го добиваат она што би требало да го добијат од своите учители. Постарите генерации добро знаат за што зборувам, бидејќи сите ние за цел живот ги имаме запаметено животните лекции на нашите учители. Училиштето не е само трка за што повеќе петки туку тоа е многу повеќе. Училиште за морал, етика, универзални принципи…
И што сега? Како понатаму?
Во Србија, според првите реакции, се преземаат и допрва ќе се преземаат жестоки мерки за да се врати владеењето на правото, да не се дозволи никогаш повеќе да се случи ваква трагедија. Се оди дотаму што се предлага и симнување на возрасната граница за кривичноправна одговорност, која сега е на 14 години, да се спушти на 12 години.
Но она што е исто така важно се превентивните мерки што мора да се преземат. Пред сѐ тоа е ригорозна контрола на оружјето, на начините како ќе се издаваат дозволите за негово поседување, начините за негово чување и одлагање далеку од дофат на децата, а од друга страна дополнителна контрола на безбедноста на децата во училиштата. Не само физичко обезбедување на училиштата, со засилена контрола кој и како влегува во кругот на училиштата, туку и проверка на ученичките ранци и торби. Во предложените мерки влегува и периодична контрола за употреба на наркотични средства, но и на алкохол и други недозволени супстанции. Се разбира, сето ова треба да се одвива во координација со психолози, социолози, експерти за безбедносни прашања, за да не се отиде во друга крајност, која би можела да предизвика спротивен ефект кај учениците. Најважно е да им се укаже на децата дека сето тоа се прави за нивна безбедност.
И за крај, да бидеме на јасно. Сето ова што досега го напишавме главно се однесува за состојбата во Србија. Но тоа треба да го имаме предвид и ние овде, во Македонија, затоа што по овие актуелни прашања не се разликуваме многу. Најмалку што ни треба е да се правиме дека е ова некаде таму, далеку од нас, дека ние сме во поинаква ситуација. Тоа воопшто не е точно. И во Белград мислеа дека „е далеку Америка“, дека нивните деца се поинакви. Еве, се покажа дека тоа не е точно.
Затоа и ние треба да се освестиме, крајно сериозно да ги сфатиме пораките од Белград, да не дозволиме утре некое наше дете да посака овде да го ископира тоа што се случи таму. Да посака да биде „херој на денот“, како што, за жал, се огласија некои деца на социјалните мрежи, кои го величаа ученикот од Белград. И нормално, без непотребна еуфорија, која ќе трае ден-два, за потоа да се заборави и да се стави во втор план, зад беспоштедната меѓупартиска борба.
Настанот опоменува, ако сме доволно сериозни како општество, ќе ги сфатиме пораките и ќе сториме сѐ што е во наша надлежност за да спречиме да се случи и тука, кај нас.