Бегство од македонскиот Шошенк

Мерките што требаше да ги задржат младите од заминување и дополнително требаше да ги вратат заминатите пропаднаа во вода. Сега, низ медиумите само се слушаат информации дека на земјава ѝ недостигаат работници. Ние повеќе немаме што да понудиме. Старееме. Стануваме нација на пензионери, бидејќи младите непоколебливо заминуваат и не се враќаат. Дали некој воопшто размислува за овој
сериозен проблем во оваа земја? Дали некој воопшто сака да ги врати младите или целта е земјава да остане затвор за луѓе што го потрошиле својот живот вложувајќи се за минимална плата, во земја што нема што да понуди, освен влез во спиралата на корупција, политички скандали и партиски препукувања?

Обидот за бегство на затвореници од затворот „Идризово“ е можеби еден од најсликовитите обиди за излез од животот помеѓу четири ѕида. Затворени таму, осудениците правосилно одлежуваат за сторени дела за кои се предвидени долгогодишни или, пак, доживотни затворски казни. Осудениците решиле да го копираат методот на Ел Чапо и да избегаат „кон слободата“ надвор од затворските услови и ограничувања, кон некои странски земји.
За извршените криминални дела тие се осудени, а ќе бидат санкционирани и за обидот за бегство. Но не може да ги осудиме за тоа што некои од нив сонуваат за да бидат слободни, ресоцијализирани, за мечтите да се најдат во поубави животни и работни услови, далеку од нешто што ги сопира да чекорат кон посветла иднина, далеку од својот „затвор“.
Токму обидот за бегство од затворот брутално ме врати во реалноста: на бегањето на нашите млади од својата држава, за долго планираното напуштање на Македонија, кон остварување на своите цели, исполнување на своите мечти, за кои, веројатно, „тесната кожа на нашиов амбиент“ тоа не им го дозволува.
На сите можни начини и со сите можни средства тие се трудат „да го ископаат тунелот“ и да заминат преку границата, од родната земја. Користат различни алатки за „копање на тунелот за бегство од заробената држава“: студентски визи, туристички визи, понуди за сезонска работа, се обидуваат да ја искористат секоја шанса за да заминат.
Најмалку 15 илјади млади овој април ќе заминат само во Хрватска каде што им се нуди плата од 1.500 евра за да работат во угостителството. Вработувачите им даваат лични карти за три дена, за да можат да функционираат во согласност со законските прописи, да примаат плата на сметка и да добиваат здравствено и пензиско осигурување. (За три дена лична карта во нашата земја може да се добие само ако се плати по итна постапка, а за сѐ друго треба да се чека најмалку една недела.)
За да ги задржат, за да им дојдат на работа и наредната сезона, хрватските угостители се нафаќаат да ги плаќаат во текот на целата година, само за да имаат загарантирана работна сила за сезоната што им доаѓа.

Според процените, пак, оваа година, 1.500 млади ќе заминат на работа во Германија, која важи како земја рај за работнички права и добри примања.
Еве, еден млад доктор, мој познаник, работи како доктор по општа медицина. Вреден, поткован, стручен. Има триесетина години и кога нема пациенти, седнува пред компјутер и учи германски јазик.
Му велам, каде бе, докторе? А тој ми вели дека ќе заминувал. Австрија, Германија…, вели дека каде било ќе одел, само да заминел од тука. Штотуку оженет, без бремето на децата на грбот, сака да замине и таму да си ја плете животната приказна.
Ами, велам, кој ќе нѐ лекува нас? Само се насмевна. Знаеше дека одговорот го нема. Искрено, го немам ниту јас. Само се надевам дека нешто во оваа земја ќе го премисли и ќе остане да нѐ лекува…
Сите овие бројки, за жал, го отвораат болното прашање: „Навистина ли е толку сериозна работата што младите ги оставаат своите семејства, своите пријатели и заминуваат во туѓина, каде што не познаваат ниту јазик ниту култура?“
Дали Македонија стана затвор за младите, кои, исто како и затворениците во Идризово, очајно копаат тунели за да заминат на слобода?
А и нема понуда со која ќе ги задржиме. Едноставно, младите денес знаат што сакаат. Бараат пристојни плати и културен однос. Не дозволуваат некој да ги гази за минимална плата што ќе ја земаат и покрај тоа што се факултетски образовани личности.

Токму затоа и бегаат. Спасот го бараат насекаде, само да заминат. Што е најлошо и никогаш нема да се вратат.
Таму ќе се остварат и професионално и семејно. Ќе формираат семејства, а нивните деца нема повеќе да ја чувствуваат љубовта кон Македонија како што ја чувствуваат родените оттука. За нив, татковина ќе биде странската земја, која им обезбедила човекови права, здравствени услуги, бесплатно образование…
Мерките што требаше да ги задржат младите од заминување и дополнително требаше да ги вратат заминатите пропаднаа во вода. Сега, низ медиумите само се слушаат информации дека на земјава ѝ недостигаат работници. Ние повеќе немаме што да понудиме. Старееме. Стануваме нација на пензионери, бидејќи младите непоколебливо заминуваат и не се враќаат.
Дали некој воопшто размислува за овој сериозен проблем во оваа земја? Дали некој воопшто сака да ги врати младите или целта е земјава да остане затвор за луѓе што го потрошиле својот живот мачејќи се за минимална плата, во земја што нема што да понуди, освен корупција, политички скандали и партиски препукувања?

[email protected]