Официјален Вашингтон стана уморен да ги гледа нееднаквите аршини што ги применува Европа врз неговиот стратегиски партнер Македонија. Земјава во сите години од независноста до денес се покажа како лојален и посветен партнер на САД, што резултираше со потпишувањето на Договорот за стратегиско партнерство веднаш по грчката опструкција за прием на земјава во НАТО во 2008 година на самитот во Букурешт, спротивно на волјата на Американците. Сега САД сакаат конечно да им стават крај на малтретирањето и понижувањето што ги доживува Македонија од страна на ЕУ и веќе отворено бараат билатералните прашања да се тргнат настрана и земјава веднаш да ги почне преговорите во согласност со критериумите од Копенхаген
Последниот самит на лидерите на Европската Унија, кој вчера и завчера се одржуваше во Брисел, резултираше со одлука за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, потег за поздравување откако оваа земја врз своја кожа најсилно ги почувствува последиците од крвавата војна иницирана со распадот на поранешна Југославија.
Несомнено, ваквата одлука ќе претставува силен ветер во босанските едра кон градење функционална и просперитетна држава, преку исполнувањето на критериумите што од земјата ги бара ЕУ. Во најновата верзија на нацрт-заклучоците на самитот, лидерите ја истакнаа потребата Босна и Херцеговина да продолжи да ги презема „сите релевантни чекори утврдени“ од Комисијата, кои вклучуваат економски, судски и политички реформи, како и подобри напори за борба со корупцијата и перењето пари. Сите овие работи се дел од копенхашките критериуми и БиХ нема да има никаков проблем во текот на преговорите со ЕУ сите овие критериуми да ги имплементира во интерес на сопствените граѓани, но и во интерес на напредокот на земјата.
Но истите овие критериуми што ЕК ги постави пред БиХ, како и претходно и пред Украина и Молдавија, но и кон редица други земји што преговараат или се веќе дел од Унијата, едноставно не важат за Македонија. Само за земјава се утврдени класични некопенхашки критериуми, која, покрај сето она што треба да го исполни во насока на владеење на правото, борба со корупцијата и слично, мора да прави уставни измени наметнати од страна на една земја членка на Унијата, Бугарија, но и да ја ревидира историјата, повторно по налог и диктат на истата земја. Претходно некопенхашките критериуми ги диктираше Грција, која евроатланските интеграции на земјава ги блокираше наметнувајќи промена на името на државата. Парадоксално е што Брисел сите овие уцени ги прифати како европски критериуми за продолжување на евроинтегративниот процес и продолжува и натаму да го прави тоа.
Но ваквиот непринципиелен однос очигледно почна сериозно да му пречи на официјален Вашингтон, кој стана уморен да ги гледа нееднаквите аршини што Европа ги применува врз неговиот стратегиски партнер Македонија. Земјава во сите години од независноста до денес се покажа како лојален и посветен партнер на САД, што резултираше со потпишувањето на Договорот за стратегиско партнерство веднаш по грчката опструкција за прием на земјава во НАТО во 2008 година на самитот во Букурешт, спротивно на волјата на Американците.
Сега САД сакаат конечно да им стават крај на малтретирањето и понижувањето што ги доживува Македонија од страна на ЕУ и веќе отворено бараат билатералните прашања да се тргнат настрана и земјава веднаш да ги почне преговорите во согласност со критериумите од Копенхаген. Тоа неодамна јасно и недвосмислено го истакна специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој порача дека местото на Македонија е во ЕУ, веднаш и сега.
– Македонија треба да биде полноправен кандидат и веднаш да стане членка на Европската Унија. Македонија е многу цврст партнер, билатерално и во мултилатералните сојузи како НАТО и ОБСЕ – истакна Ескобар за време на неодамнешната посета на Приштина, со што јасно кажа каков е ставот на САД во врска со постојаните условувања и уцени што ги добива земјава од европските партнери.
Во таа насока е и засилениот ангажман на американската амбасадорка Анџела Агелер, која не само што се зафати да помогне во делот на борбата со корупцијата туку посветено работи и на воспоставување вистинско владеење на правото. Амбасадорката Агелер буквално секој ден е на терен, работи со градоначалниците, со судиите, со обвинителите, со политичарите, со граѓаните, сѐ во насока Македонија да почне да ги средува внатрешните состојби за да биде кредибилен партнер за многу скоро членство во Унијата.
Тука треба да се бараат и причините за неодамна усвоената резолуција во американскиот Сенат, по иницијатива на демократскиот сенатор од Вермонт, Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис.
Во резолуцијата Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Македонија, без дополнителни билатерални услови. Во резолуцијата уште се нагласува и поддршката на Сенатот за македонската влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ. Ништо повеќе, земјата да ги преземе предвидените реформи потребни за членство во ЕУ и да не се оптоварува со дополнителни билатерални услови.
Несомнено, американската иницијатива во врска со Македонија на некој начин доаѓа и како американска добронамерна сугестија и мала опомена кон Брисел, дека не може неаргументирано една земја да се држи настрана и да ѝ се наметнуваат билатерални услови, додека сите други напредуваат во евроинтеграциите по строго поставени критериуми, иако реално по сите основи заостануваат зад земјава.
Истовремено, ова е американска опомена и до домашните политичари дека не треба да прифаќаат секакви уцени однадвор и беспоговорно само да кимаат со главата на сѐ што доаѓа од Европа, туку дека треба да заземат цврст став и да инсистираат исклучиво на исполнување на копенхашките критериуми.
Да опстојуваа на заштитата на националните интереси, тогаш во никој случај немаше да прифатат ниту француски предлог, ниту модификувана преговарачка рамка, а уште помалку промена на Уставот под надворешен диктат. Суверена одлука на секоја држава е како ќе си ги уредува внатрешните прашања, а ниту ЕУ ниту, пак, кој било може да бара такво нешто. Точно е, Македонија сака да се зачлени во Унијата, но по правила што важат за сите, а не за неа да се измислуваат нови правила, кои се спротивни на секоја здрава логика.
Меѓународно право јасно пропишува што и како треба да прави една земја, а Македонија со своето однесување во повеќе наврати покажала дека доследно го почитува меѓународното право. Тоа доследно почитување може да се согледа и со фактот што над 600 илјади граѓани нема да можат да излезат од земјава додека не извадат нови документи, во согласност со обврските преземени од билатерален договор, кој потоа се претвори во мултилатерален. Ако и сите други барем делумно го почитуваа меѓународното право, тогаш немаше да се случи ниту Договорот за пријателство и соработка со Бугарија (или можеби ќе се случеше, но со него ќе се развиваа вистинска соработка и пријателство, а не историски ревизионизам и идентитетска негација), а уште помалку Преспанската спогодба. Во согласност со меѓународното право, Македонија ќе преговараше со ЕУ како Република Македонија, врз основа на копенхашките критериуми, ништо повеќе, ништо помалку.
САД знаат дека меѓународното право е на македонска страна, но знаат и дека земјава е дотолку мека во прифаќањето на уцените, што лично мораат да се заложат таквото понижување да престане. Пораката што Американците ја испраќаат до ЕУ е јасна, Македонија во ЕУ сега и веднаш, по истите правила како и за сите други, без никакви билатерални опструкции. Очигледно, Вашингтон сака да упати отворена порака и до Македонија, дека за нив стратегиското партнерство не значи обична буква на хартија, туку нешто многу повеќе – значи искрено пријателство што го покажуваат на дело.