Аманетот на Ајри

„Гледам, многу се карате и напаѓате едни со други. Имам чувство дека се изедовте меѓу себе. Ве изедоа суетата, злобата, зависта. Тоа ми пречи и ме мачи. Затоа имам една молба и совет, нека биде и аманет. Заборавете на суетите и сакајте се. Сакајте ги Битола и Македонија како што ги сакам јас, кој нивната убавина ја гледа и со заврзани очи“, знаеше да каже Ајри Демировски, авторот на песната „Битола мој роден крај“, кога пред десет години за последен пат беше во посета на Битола. За жал, неговите пораки и ден-денес како да не допираат до оние до кои најмногу се упатени

Во моментот кога светот се соочува со најтешката не само економска и енергетска туку и безбедносна криза, која малку фали сите да нѐ втурне во бездна, од која ќе нема кој да нѐ извлече, сведоци сме како во Македонија политичарите на дневна основа се критикуваат и обвинуваат едни со други за разни работи и злоупотреби. Се добива впечаток дека на македонската политичка сцена се води битка до самоистребување, за тоа кој колку згрешил, злоупотребил, украл или ѝ нанел штета на државата. Слушајќи ги и гледајќи ги меѓусебните кавги на политичарите и нивните „мегафони“, на прес-конференциите, телевизиските дуели, интервјуа, дебатни емисии…, се потсетив на зборовите на авторот на песната „Битола мој роден крај“, Ајри Демировски, кога пред десет години за последен пат беше во посета на Битола, и на неговиот аманет.

Во една пригода, Ајри, човекот што повеќе беше гладен, бос и гол, отколку најаден и облечен, ми рече: „Гледам, многу се карате и напаѓате едни со други. Имам чувство дека се изедовте меѓу себе. Ве изедоа суетата, злобата, зависта.Тоа ми пречи и ме мачи. Затоа имам една молба и совет, нека биде и аманет. Заборавете на суетите и сакајте се. Сакајте ги Битола и Македонија како што ги сакам јас, кој нивната убавина ја гледа и со заврзани очи“.

Тогаш, во 2010 година, на Ајри Демировски, кога за последен пат престојуваше во Битола и Македонија, кој сите граѓани, без разлика на етничка припадност или вера и нација, ги викаше душички, доволни му беа само неколку дена да престојува во Битола и Македонија и да ја почувствува атмосферата во која живееме. Наскоро ќе изминат 31 година откако граѓаните на Македонија плебисцитарно, на референдум, се определија да живеат во самостојна, независна, суверена држава, во која тие сами ги креираат своите политики. Но наместо подобар живот и посветла иднина, сите овие 31 година се изнаслушавме и изнагледавме какви не обвинувања на власта и опозицијата за нивните предавнички политики, злоупотреби, криминали, лепливи прсти и мамењето на јавноста.

Иако можеби ќе звучи цинично, сепак многу наши политичари потсетуваат на ликовите од расказот „Водач“. на српскиот писател Радое Домановиќ. Откако сите тие што го следеа пропаднаа во бездната, тие што останаа живи собраа храброст и го прашаа водачот: – Каде нè водиш и каде нè доведе? Ние ти се доверивме заедно со своите семејства и тргнавме. по тебе, оставајќи си ги куќите и гробовите на нашите предци, само за да се спасиме од пропаста, а ти уште повеќе нè упропасти. Двесте семејства поведовме по тебе, a сега преброј нè да видиш уште колку сме останати.
Па, зар не сте сите на број – процеди водачот, не кревајќи ја главата.
Ама како прашуваш така? Крени ја главата, погледни, преброј колку сме останати на овој несреќен пат. Погледни какви сме и ние што останавме. Подобро и да не останевме отколку да сме вакви накази.

He можам да погледнам!
Зошто?
Слеп сум!
Настапи молк.
Патем ли го загуби видот?
Не. Јас слеп и сум се родил.

Многу промашени патишта и унесреќени судбини се одлика и на македонскиот од по маките сите овие години. Она што остава впечаток е тоа што во настојувањето да се оцрни и избербати политичкиот противник не се избираат ни зборови ни средства и методи. Системот на владеење и реториките на критикувања се речиси исти, како да се пресликани. Постојано, дали биле избори или не, јавноста е бомбардирана со разни афери, почнувајќи од криминалната приватизација, распродажбата на државниот имот и општествениот капитал, аферите со пропаѓањето на банките и штедилниците, (распро)продажбата на „Окта“, на ЕСМ, „Телеком“, голем број претпријатија, земјоделски комбинати, банкротирањето и заминувањето во стечај на илјадници фирми и компании…

За жал, наместо сите тие скандали и случаи да ги решаваат институциите, политичарите, држејќи се за принципот „држете го арамијата“, сите овие над три децении се обидуваа(т) да изигруваат и полиција, обвинители, судии. Владеејќи по системот „раздели, па владеј“, безмалку сите политички структури во државата воопшто не му ја мислат кога треба да го оцрнат својот политички противник. И денес речиси нема ден од едната или другата страна да не бидат пуштени отровни стрели за наводно ставање на рацете во медот. Обвинуваат и едните и другите, за стари и нови криминали или злоупотреби.

Водени од принципот неколкупати повторена лага да станува вистина, дури и кога на тие што ги пласираат лагите или шпекулациите им е јасно дека тоа што го говорат не е така и дека кога изговараат такви обвинувања знаат дека лажат и манипулираат со вистината, сепак не му ја мислат многу истите тие да ги пласираат во јавноста.
Благодарение на таквите „политики“, односно политикантства, станавме држава во која оцрнувањата и клеветите станаа национален спорт. Во таква ситуација, кога според обвинувањата речиси на сите политичари што ја воделе или сега ја водат државата (про)излегува дека во сите 31 година безмалку државата ја воделе и водат клептомански власти или предавнички власти, тогаш не знам зошто се чудиме дека сме во ваква состојба.

За да не ја доживееме истата судбина на јунаците од расказот „Водач“ на Радое Домановиќ и сите да пропаднеме во бездната, време е македонските политичари да се вразумат и, наместо тие или нивните портпароли да ни кажуваат кој како владеел, да побараат тоа да го прават институциите. Крајно време е во Македонија да почнат да се практикуваат политички дијалог и конструктивна и аргументирана критика.
Време е поуките и аманетот на Ајри да почнат да се применуваат во Македонија. Во спротивно, ќе се изедеме меѓу себе еден со друг, додека не останеме само мал број како во расказот „Водач“.