- Македонија додуша не е производител, но, за жал, е консумент на турбофолкот, што има последици. Напливот на кич од соседството ги загрозува и домашната македонска музика и култура за кои толку се залагаме. Културолозите сметаат дека суверенизмот се брани и преку заштита од ваквите кич-содржини, така што прославите може да поминуваат и со македонска музика, да се стимулираат домашните уметници, општините да ги организираат забавите со домашни уметници, да ги активираат културните центри за македонска уметност. Македонија во 1990-тите години успеа да се одбрани од турбофолкот преку домашната музичка продукција, па зошто и сега да не го направиме истото тоа
- Да не се добие погрешен впечаток, не е проблем да доаѓаат уметници од соседството и да држат концерти, но тоа да бидат оние што вистински вредат, а не силиконски напумпани пејачки и некакви рапери што се соочуваат со кривични пријави за семејно насилство додека ни сервираат текстови од типот „кад провозим БМВ“ и слично, а ние дебело им ги полниме џебовите
Настапот на Светлана Ражнатовиќ-Цеца во Велес предизвика вистинска бура во јавноста откако српската пејачка од некој од присутните доби бугарско знаме во кое се завитка, при што беше исвиркана од публиката на концертот. Таа подоцна се извини за нејзината постапка и се правдаше, иако можеби нејзе воопшто не ѝ беше битно за чие знаме станува збор. А не е можно да е толку наивна за актуелните околности во земјата каде што редовно доаѓа.
Јас сепак не верувам дека Цеца имала намера да ги провоцира публиката и јавноста, од кои заработува илјадници евра за неколку часа со истите песни стари десетици години. Во тоа не треба да се сомневаме, бидејќи не само Цеца туку и која било друга турбофолк-ѕвезда од соседството не би ги провоцирала домаќините што редовно ѝ даваат хонорари и од 30.000 евра, па нагоре за настап. Таквата дарежливост сигурно се цени. Слични хонорари даваат и градоначалници за општински прослави, иако со тие пари може да се помогнат неколку социјално загрозени семејства. Некој локален функционер „можеби пато нема да го направе“, ама Цеца ја донесе! Народот нека се весели, сиромаштијата и така не може да се искорени прекуноќ.
Да не се добие погрешен впечаток, не е проблем да доаѓаат уметници од соседството и да држат концерти, но тоа да бидат оние што вистински вредат, а не силиконски напумпани пејачки и некакви рапери што се соочуваат со кривични пријави за семејно насилство, додека ни сервираат текстови од типот „кад провозим БМВ“ и слично, а ние дебело им ги полниме џебовите.
Сепак. кога станува збор за турбофолк-музиката, не е се во парите. Има и друг важен аспект на кој се укажува постојано, дека од таков кич без уметнички вредности и не може да се очекува ништо корисно. Дури и пред инцидентот со знамето знаевме дека таквата музика, сама по себе, е своевиден инцидент, како и настапите и насловите во таблоидите што се занимаваат со неа и со изведувачите.
Истото тоа важи и за телевизиите што емитуваат петпарачки шоу-програми на кои се промовира шунд и ни ги прикажуваат затоа што некој наш се пријавил за шоу со истата турбофолк-музика, па сите егзалтирано паѓаат во занес колку жирито го пофалило… Еден коментар на социјалните мрежи со право гласеше „јас би ја исвиркал публиката што оди на концерт на Цеца“, но нејсе.
Земјава додуша не е производител, но, за жал, е консумент на турбофолкот, што има последици. Напливот на кич од соседството ги загрозува и домашната македонска музика и култура за кои толку се залагаме. Македонија во 1990-тите години успеа да се одбрани од турбофолкот преку домашната музичка продукција, па зошто и сега да не го направиме истото тоа.
Честопати дури знаеме и да го потценуваме своето, заборавајќи дека Македонската филхармонија адаптираше и македонски дела во класичен стил за да им ја доближи македонската култура и на оние од „каде што потекнува класичната музика“. Добар пример беа домашните концерти на Симон Трпчевски, кога врвниот уметник отиде во речиси секое населено место каде што имаше некаков дом на културата или пристоен покриен објект, да им понуди на граѓаните нешто поинакво од шундот што некој им се наметнува како забава.
Културолозите сметаат дека суверенизмот се брани и преку заштита од кич-содржини, така што прославите, и семејни и општински, може да поминуваат и со македонска музика, да се стимулираат домашните уметници, општините да ги организираат локалните настани и прослави со домашни уметници, да ги активираат културните центри за македонска уметност. Суверенизмот треба да си го браниме и во музиката и да си го цениме своето.
Сотир Ристо

































