Веќе и самото богатство и симболиката на зборовите што ја опишуваат оваа човечка карактеристика и, пред сѐ, општествен феномен, кажуваат колку длабоко тој е вкоренет и колку силна отпорност покажувал на сите промени што ги наметнувала цивилизацијата. Сепак, ако немало владетели, управувачи, шефови, менаџери, претседатели, лидери…, на кои им било потребно и кои сакале некој да ги слави и фали, ќе ги немаше ниту лицемерите. Тоа што во тој, во суштина, крајно перверзен однос најчесто страдале лидерите, додека вторите упорно опстојувале и како паразити само се закачувале за друг „домаќин“, е една од сѐ уште недоволно потенцираните димензии на историјата
Иако многумина веруваат дека проституцијата е најстариот занает во историјата, има и такви што сметаат оти тоа е полтронството. Велат дека веднаш штом била воспоставена некаква хиерархија во првичните меѓучовечки односи се појавиле и луѓето познати како безрбетници, додворувачи, лицемери, полтрони, ласкавци, послушници, измеќари, подлизурковци, потрчковци, превртливци, вртикапи, подопашници, климоглавци, камелеони, опортунисти, демагози, кариеристи, политиканти, провокатори, медиокритети, калкуланти, позери… Веќе и самото богатство и симболиката на зборовите што ја опишуваат оваа човечка карактеристика и, пред сѐ, општествен феномен кажуваат колку длабоко тој е вкоренет и колку силна отпорност покажувал на сите промени што ги наметнувала цивилизацијата.
Сепак, ако немало владетели, управувачи, шефови, менаџери, претседатели, лидери…, на кои им било потребно и кои сакале некој да ги слави и фали, ќе ги немаше ниту лицемерите. Тоа што во тој, во суштина, крајно перверзен однос најчесто страдале лидерите, додека вторите упорно опстојувале и како паразити само се закачувале за друг „домаќин“, е една од сѐ уште недоволно потенцираните димензии на историјата. Така, на пример, сите добро го знаат Хитлер, ама малкумина знаат нешто малку повеќе за луѓето што го создале Хитлер, а уште помалку за тоа што тие, и по него, правеле.
Денес се обидуваат тоа да го наречат со малку поубави зборови, какви што се конструктивност, суптилност, лојалност… Како и да е, битно е да се елиминира секаква можност за спротивставување на лидерот, а пожелно е со акламација да бидат поддржани сите негови постапки, зборови, па дури и мислите и желбите.
Голем удел во сето тоа има и овдешната лична и колективна склоност кон потчинување пред авторитетите, колку тие и да се лажни. И така се создаваат божества, месии, големи водачи…, а околу нив, се разбира, и династии, зашто коленичењето пред нив неминовно води и кон покажувањето понизност пред нивните поблиски и подалечни роднини.
Токму на последново заличи неодамнешната објава дека министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со директорите на неколку здравствени установи, на претседателот на Владата, Зоран Заев, му врачил благодарница за реновирање на Службата за трансфузиона медицинa во Струмица. Поточно, тие врачиле „Благодарница до семејството на Премиерот Зоран Заев за нивниот личен придонес во реконструкцијата на Службата за трансфузиона медицина Струмица“.
Освен големото „П“ во зборот „премиерот“, и реновирањето на оваа установа, наводно, за првпат по 35 години, веројатно го заслужува вниманието на јавноста, но чуму од, исто така, наводно, приватни извори на семејството на премиерот, кој доколку добро ја водел државата и паметно располагал со државните пари, ќе немало потреба од приватни донации. А паметните знаат дека донациите повеќе им служат на донаторите отколку на тие на кои, наводно, им се наменети. Но, ни тоа сега не е темата.
Проблемот е што никој од добро платените советници на Заев и на Филипче немал доволно храброст и интегритет за барем да им каже дека тоа со благодарницата не е добра идеја. Не морале да им кажат оти со тоа ќе го достигнат врвот на невкусот, самољубието, лицемерството, безобѕирноста, ароганцијата…, но морале да ги предупредат оти така, крајно неодговорно, до граѓаните ќе испратат порака дека јавното здравство им е препуштено на приватните донатори. Ќе им кажеа доколку, сите без исклучок, не беа полтрони, што ја открива поразителната вистина дека полтронството во земјава одамна веќе има системска улога
Проблемот е што никој од добро платените советници на Заев и на Филипче немал доволно храброст и интегритет за барем да им каже дека тоа со благодарницата не е добра идеја. Не морале да им кажат оти со тоа ќе го достигнат врвот на невкусот, самољубието, лицемерството, безобѕирноста, ароганцијата…, но морале да ги предупредат оти така, крајно неодговорно, до граѓаните ќе испратат порака дека јавното здравство им е препуштено на приватните донатори.
Ќе им кажеа доколку, сите без исклучок, не беа полтрони, што ја открива поразителната вистина дека полтронството во земјава одамна веќе има системска улога. Последниов случај, пак, колку и да е тажна епизода, би можел да влезе во антологијата на полтронството, и тоа во светски размери.
Разбирлива е желбата на одредени луѓе, без трошка самокритика, дури и денес, во 21 век, да се претставуваат како некои надлуѓе и да се однесуваат како да живеат во некакви сопствени царштини, безмалку монархии, но иако на повеќемина тоа би можело да им падне многу тешко, крајно е нужна потребата околу нив да има и такви што ќе им објаснат дека во земјава владее парламентарната демократија и дека тие на сегашните функции се поставени со орочени и со јасно дефинирани мандати.