Германските научници од универзитетот „Грајфсвалд“ докажаа дека вирусот на алуминиум престанува да биде заразен по два до осум часа, а на други метални површини преживува пет дена. Најдолго може да преживее на пластика, од која заразата може да се пренесе и по девет дена. Надлежните мора да го имаат ова предвид и да преземат сериозни мерки, бидејќи маркетите и маалските продавнички мора да го подигнат степенот на хигиена, всушност, тоа така и треба да биде бидејќи таму се продаваат прехранбени намирници
Присуството на коронавирусот ни покажа колку е важен степенот на колективна и лична хигиена. Хигиената мора да е на прво место, а миењето раце на правилен начин стана лекција број еден и за возрасните и за децата. Но освен оваа, ќе мора да научиме уште многу други лекции, кога се во прашање хигиенските навики, одржувањето здрава животна средина и чувањето на личното и на колективното здравје. Особено сега кога секој треба да се вклучи во спречување на овој вирус да заземе поголеми размери и кај нас. Превентивата е најважна и миењето раце е клучно по секое допирање на нештата, кои најмногу можат да бидат во допир од повеќе луѓе, како копчињата од лифтовите, кваките на вратите, банкоматите, парите, пластичните и металните кошници во маркетите и маалските продавници. Кошниците во кои се ставаат разни намирници, никој не ги дезинфицира, а колони луѓе деновиве ги користат во маркетите.
Купувачите ги ставаат прехранбените намирници во валканите кошници, во кои претходно можеби истекла течност од некои хемиски средства за чистење, млеко или нешто слично и кои веќе се полни со бактерии. Ова е недозволиво, не само сега, туку секогаш, бидејќи во прашање е здравјето на граѓаните и сега е поважно од кога било тоа да се зачува, за да не настрада голем дел од населението на земјава.
Мора да се зајакнат и да се зголемат капацитетите на службите за одржување на хигиената секаде и на сѐ. Инспекциите мора да бидат на терен и ако треба и да казнуваат. Хигиената не смее да изостане, а санитарните контроли мора да поведат сметка и за дезинфицирањето на маркетите. Нема шега со оваа зараза од која досега починаа 5. 815 луѓе низ светот, а најпогодени се Кина, Италија и Иран. Ковид-19 останува во воздухот најмалку 30 минути, а на пластика може да преживее и повеќе од девет дена. Замислете девет дена да користат купувачите една ваква пластична недезинфицирана кошница.
Германските научници од универзитетот „Грајфсвалд“ докажаа дека вирусот на алуминиум престанува да биде заразен по два до осум часа, а на други метални површини преживува пет дена. Најдолго може да преживее на пластика, од која заразата може да се пренесе и по девет дена. И надлежните мора да го имаат ова предвид и да преземат сериозни мерки, бидејќи маркетите и маалските продавнички мора да го подигнат степенот на хигиена, всушност тоа и треба да биде така бидејќи таму се продаваат прехранбени намирници. Кошниците за пазарување и сите површини мора да се дезинфицираат по секоја завршена смена.
Според истражувањето на кинеските епидемиолози, објавено во научни списанија, ковид-19 останува во воздухот најмалку 30 минути и се пренесува на оддалеченост од приближно 4,5 метри во затворени простории.
Истражувањата потврдија дека ковид-19 може да се пренесе и ако лицето дојде во контакт со предметот на кој се наоѓа вирусот, односно ако го допирало заразено лице. Владата мора да донесе одлука маркетите задолжително да дезинфицираат се во своите објекти, полиците за леб, рафтовите на кој се ставаат производите, да се дезинфицираат и месарниците, маалските продавнички, кои најчесто немаат ниту тоалети.
Да не зборуваме што треба да прават вработените во некои од продавниците во трговските центри во кои немаат ниту вода ниту тоалети, па за физиолошките потреби трчаат до блиските кафулиња. Колку такви продавници има, на пример, само во Градскиот трговски центар, а да не зборуваме за некои од помалите трговски центри.
Конечно, хигиената не треба да се одржува само сега кога е тука коронавирусот, туку секогаш. Не треба да се дозволи отворање на каква било продавница, доколку таа нема санитарен јазол. На хигиената мора секогаш да се внимава секаде, како што ја одржуваме и во нашите домови. Тоа беше и причината зошто сега поради актуелната состојба со коронавирусот, Владата побара на граѓаните должници да не им се исклучуваат водата и струјата. Со ова барање можеби требаше да забрани привремено изведување технички зафати за повторно да нема долги ненајавени исклучувања на струја и вода, кои се исто така неопходни за одржување на хигиената.
За жал, ова им се случи на дел од жителите на Општина Бутел, кои во петокот поради технички зафати седум часа беа без електрична енергија, а во саботата дури осум часа немаа струја. Тоа, секако, ги натера да избегаат од своите домови, наместо да останат во нив, како што препорачуваат здравствените власти. Без струја нема топла вода, нема ниту лична хигиена.
Прекинот во напојувањето со електрична енергија на бутелчани им донесе одмрзнати полни фрижидери со храна, која ниту можат одеднаш да ја зготват, ниту пак да ја фрлат. А и адекватното чување на храната е врзано за здравјето на луѓето, но со вакви долги исклучувања, тоа не е можно. Општина Бутел има 60 илјади жители, а можеби една четвртина од нив два дена беа без електрична енергија, оневозможени да завршат многу работи во своите домови. Згора на тоа ЈП „Водовод и канализација“ за утре има најава за прекин на водоснабдувањето во населбите Бутел 1 и Бутел 2 поради замена на прекинувач во трафостаница. Па неопходно ли е тоа да се прави сега, да не може ни раце да се измијат или ќе се мијат со потурање од шише додека протечат чешмите. Нема играчка кога е во прашање хигиената.
Со вода ќе треба да се мијат и валканите улици, особено оние на кои од градежните зафати се создаваат облаци од прашина. Хигиената на сообраќајниците да се подигне на повисоко ниво, како што деновиве го направи тоа ЈП „Комунална хигиена“, која не само што ги мие и ги дезинфицира садовите за смет, туку ги дезинфицира и микролокациите на кои тие се поставени. Но затоа и граѓаните треба да покажат и свесност и грижа за колективната хигиена, па наместо покрај контејнерите ѓубрето уредно спакувано во најлонски ќесиња да го фрлаат во контејнерите.
Тоа треба да продолжи така и понатаму, особено во летните денови кога поради високите температури контејнерите се места каде што има најмногу услови за размножување на бактериите. И ЈСП „Скопје“, откако коронавирусот влезе во нашата земја, почна да ги дезинфицира автобусите, па тоа почнаа да го прават и другите општини, кои имаат јавен градски превоз. Се дезинфицираа и пазарите и пазарските тезги, но колку се одржува хигиената во јавните тоалети на пазарите, на паркинзите… Во подигањето на нивото на колективната хигиена мора сите заеднички да се вклучиме ако сакаме да го победиме коронавирусот, но и ако сакаме и понатаму здраво и достоинствено да живееме.