Хаотичното поставување урбана опрема и кампањското чистење на градот со повремени фејсбук-акции, не може да бидат дел од организиран и интегриран систем на управување со отпад
Иако кога станува збор за хигиената во Битола, градот под Пелистер не може да се пофали дека е чист и (с)уреден град, сепак јавното комунално претпријатие „Комуналец“ со своите над 250 вработени прави максимални напори да ја одржи хигиената во Битола на задоволително ниво.
И како што е вообичаено кај нас, коментарите за тоа дали Битола е чист или нечист град се различни. Додека некои сметаат дека Битола е град што може да се пофали дека хигиената е на високо ниво, не е мал бројот на битолчани што мислат дека Битола е нечиста и не (с)уредена и дека по нехигиената таа најмалку може да се пофали дека личи на конзулски град. Во последно време (не)одржувањето на хигиената во Битола стана предмет на жестока политичка пресметка на локалната власт и опозицијата, во која свој придонес даваат и некои невладини организации, или т.н. фејсбук-комуналци, кои наводно „загрижени“ за (не)хигиената во Битола веќе подолго време на своја рака ја чистат Битола. Пред извесно време советниците од независната советничка група „Поинаку“, кои се залагаат за поинаква Битола, на своја рака, без да се консултираат со некого, на сите бандери во градот поставија најлонски ќеси за собирање отпад испишани со логото на партијата: „Добро утро, Битола!!! Мал подарок од ’Поинаку’ за општината Битола. Утрово поставивме 50 монтажни држачи за ќеси за ѓубре. Држачите се евтини, лесно одржливи и не оштетуваат. Молба до ’Комуналец’ да ги менува редовно, вреќи ќе ви даваме гратис.“
Од советничката група „Поинаку“ за поинаква и чиста Битола напишаа на својата фејсбук-страница. Таквиот потег на „Поинаку“ ги подели битолчани. Додека едни го оправдуваа потегот на советниците од „Поинаку“, други жестоко го критикуваа, затоа што тие не можат и не смеат на своја рака, без консултација со надлежните општински комунални служби, да поставуваат ќеси каде што тие сакаат. Критичарите на потегот на „Поинаку“ сметаа(т) дека не може секој, за собирање евтини политички поени, каде што ќе стигне да поставува ќеси за ѓубре, особено не во овие летни топли јулски месеци, кога од нив излегува непријатна миризба и кои можат да шират зарази.
За разлика од советниците на независната советничка листа „Поинаку“, една друга група млади битолчани, собрани околу нивната класна раководителка, познати по нивниот профил „Класнето“, веќе подолго време, на своја рака, организираат повремени акции за собирање на отпадот и ѓубрето во градот. Потегот на младите ученици од групата „Класнето“ го привлече вниманието на битолчани, а особено кај младите. Со оглед на тоа што тие по секоја акција своите активности и резултати од еколошките акции ги поставуваат на својата фејсбук-страница „Класнето“, станаа мошне популарни во градот под Пелистер. Тие до летните одмори можеа да се видат на разни локации во градот како со својата класна раководителка собираат отпад и ѓубре и го складираат до контејнерите на ЈП „Комуналец“. Со таквите свои повремени акции тие имаа(т) намера да ја испратат својата порака дека Битола е нечист град и дека грижата за хигиената не треба да биде само грижа на ЈП „Комуналец“ туку и на сите жители на градот под Пелистер.
Иако ваквите акции на младите ученици на „Класнето“ наидоа на поддршка кај битолчани, сепак тоа што најмногу ги иритира голем дел жители во градот под Пелистер е што тие по секоја еколошка акција поставуваат огромен број фотографии на својата фејсбук-страница и додека ги чистат отпадот и ѓубрето повеќе позираат пред фоторепортерите и камерманите отколку што чистат. Дека нивните акции се добро маркетиншки осмислени, најдобра потврда е што за нивните акции тие ангажираа дури и професионална продукциска куќа, која им изработи и рекламен спот.
Самоволното чистење на отпадот и ѓубрето во Битола деновиве беше повод ЈП „Комуналец“ да одржи заеднички состанок со советниците на Советот на Битола, на кој беше заклучено дека сите активности и акции за почиста Битола, доколку се координирани со јавното претпријатие, се добредојдени, но не може секој на своја рака повремено и за постигнување политички поени да го чисти градот, кога сака и како сака. Грижата за хигиената на Битола е секојдневна грижа на сите вработени во ЈП „Комуналец“, кои секој ден од раните утрински часови се на сите реони во градот, каде што ги подигнуваат отпадот и ѓубрето што го остават битолчани во текот на денот.
Хаотичното поставување урбана опрема и кампањското чистење на градот со повремени фејсбук-акции, не може да бидат дел од организиран и интегриран систем на управување со отпад. Ваквиот начин на чистење на отпадот и ѓубрето на градот може да биде и опасен, зашто може да дојде до повреди на младите учесници во акциите.
Во Битола во блиското минато имаше над сто диви депонии, од кои најголемиот број беа на периферијата, но и во самиот град. Со максимално ангажирање на комуналните служби, нивниот број е намален на околу дваесет. Но тие постојано никнуваат, што доволно зборува за ниската свест на битолчани, кога станува збор за (не)одржувањето на хигиената во Битола.
Посебен проблем за Битола се депониите над населбата Баир, кај обиколницата, на патот Прилеп – Охрид, каде што, и покрај големиот број акции и активности за подигнување на отпадот и ветувањата на локалните и државните власти, дека тој дел ќе стане „силиконска долина“, тоа никако да се случи. Напротив, по секое ново чистење на тој дел од градот постојано никнуваат старо-нови депонии, кои, за жал, еколошките организации или фејсбук-комуналците не сакаат да ги чистат.