Многупати досега сме биле сведоци како пратениците ги менуваат своите партиски дресови, мотивирани од различни побуди. И тоа не би било ништо чудно, ако е инцидентно. Но ова што се случува кај нас е правило!
Токму така, правило што во секој пратенички состав некој од народните пратеници си го испочитува, заборавајќи сосема на својата дотогашна идеолошка матрица, на платформата и програмата што до вчера „со заби и нокти“ ги бранеше. А најмногу заборавајќи на своето избирачко тело, односно довербата и легитимитетот што му биле дадени од страна на неговите сограѓани, соседи, роднини и пријатели и од неговото семејство.
Што ќе застапува сега „пратеникот прелетувач“? Себеси? Своите лични интереси и амбиции? Ќе се приклучи онаму каде што се повеќемина и посилни, или онаму каде што се помалку и послаби? Во каква ли хамлетовска дилема се впуштаат нашите народни пратеници само и само да останат во таа пуста функционерска удобна фотелја?!
Па не е ли најхрабро ако се чувствува изигран самиот, но пред сѐ избирачите и во неможност онака како што се темелните вредности и принципи на идеолошката матрица каде што до вчера припаѓал „пребегот“, едноставно храбро и чесно да се повлече и да даде оставка? Затоа што каде и да отиде, во друга рамка ќе биде врамен, а сам тешко дека ќе биде од корист на своето гласачко тело.
Но кога тесните интереси и личниот статус се најважни, тогаш „трансформацијата“ станува вообичаена.
Еве, и вчера имавме интересен случај. Медиумите со големо внимание го проследија, а потоа и го коментираа преминувањето на дел од членовите на партијата Интегра во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, најразлични беа толкувањата од страна на јавноста, а својот збор го кажаа и партиите, па јавноста си доби дополнителна неделна попладневна доза политика за анализирање и толкување. А кај нас аналитичари, богами имаме и на претек.
Во оваа наша политичка стварност, каква е таква е, наша си е, сѐ уште се свежи сеќавањата на случувањата од пред неколку дена, кога тројца пратеници од новиот пратенички состав на Собранието донесоа одлука да ги напуштат партиските редови преку кои влегоа во највисокиот законодавен дом и да станат независни пратеници. Да биде уште поинтересно набргу потоа стигна демант дека еден од нив не го направил таквиот чекор, туку дека бил погрешно протолкуван, што остави впечаток на крајна несериозност.
Но имајќи предвид дека ова не беше ниту прв, а најверојатно ниту последен ваков случај, малку кој се потресе од таквиот развој на настаните. Како што живееме во период на интензивни политички превирања, следуваа најавите, организирањето и анализирањето на протестите што ги организираше ВМРО-ДПМНЕ, па јавноста си доби дополнителна порција интересни случувања. Сето тоа, како и некои помали локални афери како да ги фрлија во заборав пребегувањата и ги оставија само на „судот“ на нивните партии, но се чини дека сепак ова заслужува некој збор повеќе.
Пред сѐ, останува нејасно каде е тука идеологијата. На што се базираат нашите партии? Каде се тука партиските програми, каде е одговорноста пред гласачите? До кога со таква невидена леснотија пратениците во македонското собрание ќе ги менуваат „дресовите“.
Сѐ уште е во свежо сеќавање на јавноста развојот на настаните со „осуммината“ што направија еден таков слалом низ собраниските клупи, кој остави сериозни последици и надвор од законодавниот дом, а пошироката јавност многу добро ги знае имињата на пратениците рекордери во промена на партиите за време на нивниот мандат.
Накратко, Македонија веќе бележи богата историја на партиски пребегувања во собранискиот состав, што самото по себе наметнува неколку крајно сериозни прашања. Што е со предизборните ветувања, што е со изјавите на митинзите, со право се прашува јавноста. Поточно, барем оној дел што нема да потклекне пред напливот на нови афери и скандали и ќе се поведе по нив, наместо сериозно да се замисли кому му ја даваме својата доверба на гласањето. Помислува ли некој дека сѐ повеќе се губи довербата кај гласачкото тело, дека наместо она за што се залагале пратениците во предизборието, стануваме сведоци дека сега се поведуваат по некои други, моментални интереси.
Дали станува збор за приклонување кон интересот на одредена тесна група луѓе или, пак, на друга партија, тоа најчесто се дознава за кратко време, кога ќе дојде време за некое ново изјаснување. Но тоа дури и не е прашањето за кое треба да се посветува најголемо внимание и анализирање. Одговорот многу бргу ќе се дознае, а понатаму останува до совеста на пратениците како ќе се носат со реакциите на јавноста.