Чувството на изненаденост набргу беше заменето со гнев и неверување кај најблиските соработници на шефот на Белата куќа и помеѓу најголемите американски сојузници на глобалната сцена. Па, така, својата разочараност од ваквиот потег на Трамп не можеше да ја премолчи првиот човек на американската одбрана, секретарот Џим Матис, кој поднесе оставка по најавата за повлекување на војниците. Западните медиуми исто така воопшто не беа нежни во критиките за ваквиот потег на Трамп. Па, така, „Вашингтон пост“ оцени дека тоа е „огромен божиќен подарок за американските непријатели“, а Ен-би-си и „Индепендент“ посочија дека станува збор за „победа на Иран и Русија“ и „јасен триумф за „Путин“
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно покажа дека е вистински мајстор за привлекување на вниманието на јавноста, како на домашната, така и на светската сцена. Трамп овој пат успеа да изненади многумина во Вашингтон и во серија други светски метрополи со одлуката за повлекување на американските војници од Сирија, порачувајќи дека терористичката група Исламска држава (ИД) е поразена. Но чувството на изненаденост набргу беше заменето со гнев и неверување кај најблиските соработници на шефот на Белата куќа и помеѓу најголемите американски сојузници на глобалната сцена. Па, така, својата разочараност од ваквиот потег на Трамп не можеше да ја премолчи првиот човек на американската одбрана, секретарот Џим Матис, кој поднесе оставка по најавата за повлекување на војниците. Западните медиуми исто така воопшто не беа нежни во критиките за ваквиот потег на Трамп. Па, така, „Вашингтон пост“ напиша дека тоа е „огромен божиќен подарок за американските непријатели“, додека, пак, Ен-би-си и „Индепендент“ оценија дека станува збор за „победа на Иран и Русија“ и „јасен триумф за „Путин“. Но да ги оставиме Путин и Русија за подоцна…
Западните сојузници на САД, како што се Британија, Франција и Германија, стравуваат и предупредуваат дека повлекувањето на американските војници ќе доведе до воскреснување на ИД, нови терористички напади, масакри врз Курдите и нов бегалски бран кон Европа. Овие земји се најгласни и најотворени со критиките до Трамп, меѓу другото и поради тоа што тие најчесто го извлекуваат подебелиот крај од дивеењето на џихадистичките терористи низ европските градови. Исходот на сите ни е познат – стотици убиени и ранети недолжни лица во серијата терористички напади низ престолнините во Европа во изминатите години. Па, така, шефот на германската дипломатија Хеико Мас предупреди дека постои ризик одлуката на Трамп да ѝ наштети на борбата против ИД и да ги загрози досегашните успеси во неа.
Нешто поотворена беше француската министерка за одбрана Флоренс Парли, која порача дека иако ИД загуби 90 отсто од својата територија и премина во герила во Сирија, терористичката група и натаму е голема закана.
„Исламската држава не е избришана од мапата, ниту пак нејзините корени. Последните упоришта на оваа терористичка организација мора да бидат поразени воено. Заштитата на населението во североисточна Сирија и стабилноста на оваа зона мора да бидат земени предвид од САД за се избегне нова хуманитарна драма“, предупреди Парли, укажувајќи на судбината што ги очекува курдските бунтовници во тој регион, кои сега ќе бидат многу поизложени на напад од Турција, но и од сириските сили. Истовремено, во соопштението на британското МНР се наведува дека „не смее да се заборави за тоа каква закана претставува ИД“.
Зошто овие земји се најгласни? Па, Франција, Германија и Британија се најголеми американски партнери во НАТО. Заедно со Данска, овие земји исто така се главни сојузници на САД во т.н. Глобална коалиција против ИД во Сирија. Изминатите години, француски и британски војници се бореа рамо до рамо со околу 2.000-те американски колеги на теренот во североисточна Сирија. Истовремено, француски, британски и дански авиони исто така учествуваа во американските воздушни напади против џихадистите во Сирија. Ризикот од воскреснување на ИД е особено застрашувачки за Франција и Германија – главните цели на нападите на терористичката група во странство. Париз, Ница, Берлин, се само дел од европските метрополи што се соочија со напади од разулавените џихадисти.
Но американското повлекување од деловите на Сирија што се под курдска контрола носи и други закани за Европа. Турција реагираше на одлуката на Трамп со најава за нова офанзива против курдските сили во регионот, во рамките на нејзината долгорочна кампања против создавањето курдска држава и искоренувањето на курдскиот сепаратизам дома.
Нова турска офанзива ќе создаде илјадници нови бегалци, кои во очај и страв, повторно ќе затропаат на вратите на Европа. Курдите стравуваат дека ако Американците се повлечат и ги остават на милост на Анкара или Дамаск, ќе ги снајде судбината на Курдите во Ирачки Курдистан во 1991 година – милиони бегалци и масакри.
Покрај тоа, американското повлекување би можело да ги окуражи сириските власти и главните сојузници – Иран и Русија – за офанзива против последното бунтовничко упориште во сириската провинција Идлиб, предизвикувајќи уште поголем егзодус кон Европа.
Од друга страна, пак, претседателот Трамп повторно се пожали на третманот што го добива во главните медиуми. Донекаде е и во право кога вели „да беше кој било друг, ќе беше славен како херој за повлекувањето на 2.000 американски војници од војната во Сирија“.
И навистина, две илјади американски војници барем за момент ќе ги избегнат опасностите од военото поле. Или, пак, тие сега ќе бидат слободни за распоредување на друго место.
Исто така, повлекувањето драматично ќе го намали ризикот САД да бидат вовлечени во опасни непланирани судири со некоја од повеќето сили во пренатрупаниот борбен простор во Сирија. Можеби најпозитивно, барем во очите на Трамп, е тоа што ќе се расчисти патот за подобрување на односите со Турција, која е критичен партнер за американската безбедносна стратегија за Блискиот Исток и Европа.