Повеќе сум склон да верувам дека целиот овој политички земјотрес во Грција е добро изрежиран и испланиран за да се влијае врз Македонија, колку што е можно побрзо, да ја спроведе спогодбата и да ги направи уставните измени. Нешто слично како предлогот со „Илинденска Македонија“, кој демек Грција го прифатила, за набрзо потоа да стигне отрезнувањето дека предлогот всушност бил политички спин односно само понтонски мост за протуркување на ерга омнес и целосно прекрстување на Македонија. Истата тактика Грција ја спроведува и сега
Дефинирањето на животот и смртта има своја длабока филозофска смисла и е вечна инспирација за голем број уметнички перформанси, филмски сценарија, литературни осврти итн. На оваа тема има и голем број изреки како на пример дека стравот од смртта е всушност страв од животот, или дека животот е всушност долг процес на умирање. Мене, сепак, повеќе ми се допаѓа една мисла на познат американски актер која вели: „Оној момент кога ништо не учите, тогаш мислам дека сте мртви“. Изреката е поучна за сите, особено за политичарите, се разбира во една хипотетичка смисла на зборот. Зошто има ваков вовед за една, во суштина, политичка колумна во едно бурно и, за многумина, пресудно историско време кога се решаваат судбината и иднината на овој народ и оваа држава. Време што многумина го идентификуваат со поимот да се биде или не. Со животот, па и со смртта.
Па токму затоа. И плус затоа што многу полемика се отвори деновиве токму на ова прашање. Кој пат ќе го одбере Македонија. Кон темнината или кон светлината. Дали спогодбата од Мала Преспа меѓу Македонија и Грција е веќе упокоена или сѐ уште е витална и жива. Полемиката особено се интензивира по оставката на креаторот на спогодбата, министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.Човекот што со каубојски шешир во март годинава допатува во Македонија, веројатно сакајќи да ни покаже кој е шерифот, односно клучниот каубој во филмот. За жал, или, за среќа, не успеа да ја доигра својата епизодна улога докрај и го изгуби скалпот во својата земја, токму на теренот на кој беше и најекспониран, а тоа е спогодбата со Македонија.
Коѕијас се сметаше за целосен автор на спогодбата од Нивици и кум на прекрстувањето на нашата земја, особено откако од игра беше исфрлен медијаторот Метју Нимиц. Неговата најомилена изјава, додека беше министер, впрочем беше дека кумот ни го згрешил името, па посакуваше тој самиот да ни биде новиот кум. Доволно е само да се потсетиме дека шефот на грчката дипломатија си зеде и обврска самиот да состави предлог на 20 страници за надминување на спорот, кој беше доставен до македонското министерство за надворешни работи. Неговиот предлог потоа, во голема мера ако не и целосно, беше преточен во она што денес се нарекува спогодба од Мала Преспа. И наеднаш пред гласањето во македонскиот парламент, креаторот, таткото, на спогодбата се повлекува. Поднесува неотповиклива остава, која веднаш е прифатена. Случајност или добро осмислен план.
За тоа малку подолу. Она што ќе остане во сеќавање е неговата изјава на заминување велејќи: „Сакаа длабоко да ме закопаат, но заборавија дека сум семе“. И во оваа негова изјава алузијата на раѓањето, животот и смртта е очигледна, длабоко да го закопаат (погребат), но пак ќе изникне (ќе живее). Кариерата и понатамошната судбина на Коѕијас воопшто не ме интересираат. Но она за што сите несомнено сме животно заинтересирани, е неговата оставина. Судбината на неговото чедо од Мала Преспа. И секако сето тоа во контекст на обидите и изјавите низ годините Македонија и македонскиот народ да се закопаат длабоко за никогаш повторно да не изникнат. Што се однесува до функционалноста и животоспособноста на спогодбата од Мала Преспа мислам дека таа не е ниту жива, ниту мртва. Повеќе би рекол дека се одржува на апарати за вештачко дишење со сесрдна помош на политички „примарис доктори“ однадвор и однатре. До кога никој не може да предвиди. Веќе и не е пресудно дали во македонско собрание ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, дали ќе се оди на предвремени избори и каков ќе биде нивниот исход. Додека ги пишувам овие редови собраниската седница веќе доцни повеќе од три часа и никој не знае што се случува зад сцената.
Сепак, клучното прашање што се наметнува во моментов е кој е гаранторот за евентуално спроведување на спогодбата. Особено откако нејзиниот креатор и прв потписник се повлече од игра. И уште повеќе откако јавноста дозна за тајните фондови преку кои се финансирале одредени активности поврзани токму со спогодбата и спорот со Грција, за што се најавува и истрага. До каде ќе допре оваа истрага, кој сѐ е вклучен, (потплатен), какви отстапки се направени, кој е финансиерот, мозокот на целата операција, кои се подизведувачите, дали се почитувани законите и меѓународно право… Сѐ се ова прашања на кои јавноста очекува одговори. Без разлика колку и да се тие одговори болни и непријатни. Во однос на оставката на Коѕијас, човек треба да е политички наивен да верува во случајности. Зашто прекален и искусен дипломат како Коѕијас не може толку лесно да се исфрли од рамнотежа и демек налутено да се повлече од игра, како мало дете кога ќе му ја земете играчката, односно нема да застанете на негова страна по караницата со помладиот брат.
Повеќе сум склон да верувам дека целиот овој политички земјотрес во Грција е добро изрежиран и испланиран за да се влијае врз Македонија, колку што е можно побрзо, да ја спроведе спогодбата и да ги направи уставните измени. Нешто слично како предлогот со „Илинденска Македонија“, кој демек Грција го прифатила, за набрзо потоа да стигне отрезнувањето дека предлогот всушност бил политички спин односно само понтонски мост за протуркување на ерга омнес и целосно прекрстување на Македонија. Истата тактика Грција ја спроведува и сега. Чека целосна промена на нашиот устав и прифаќање на сите амандмани. Изненадување ќе следува подоцна. Воопшто не ми е намерата да ширам песимизам, но реалноста и фактите едноставно не ви оставаат избор и ве принудуваат да ги анализирате сите можни сценарија.
Дотолку повеќе што во моментов имате ситуација кога Ципрас само телефонски ветува дека наводно ќе ја спроведе спогодбата. На една страна имате целокупна и обемна правна процедура што ја спроведува Македонија, додека на друга страна има само телефонско ветување, кое се темели на жими мајка! Претходно уште истиот ден Ципрас ги моли министрите во својата влада да не го срушат и му се поклонува на Каменос, кој, пак, има цврсти и непроменливи ставови во однос на спогодбата од Мала Преспа и јасно порачува дека таа нема да помине во грчкиот парламент. Оттаму логично се наметнува прашањето која е гаранцијата дека ако Република Македонија потклекне и евентуално ги спроведе сите барани измени и сама се прекрсти, дека Каменос и Атина нема да го реализираат пеколниот план. Таква гаранција воопшто нема. Од никого. Најмалку од официјална Атина.
На повидок има само тврдења и истрага за тајни фондови, која може да разоткрие многу неприjатни нешта и за двете земји и целосно да ја погребе спогодбата. Во однос на гаранторите на договори од ваков формат, интересна за споменување е и оваа паралела. Да не одиме подалеку, како Дејтон и слични други договори, доволен е само нашиот пример. Кога изминативе години Македонија запаѓаше во политичка криза, гарантор за надминување на истата таа беше меѓународната заедница. Да го земеме рамковниот договор каде што, освен домашните лидери, потписници и гарантори се и претставници од САД и од ЕУ. И да не заборавиме дека тој се спроведе до последна запирка, па и повеќе од тоа. Истото тоа може да се каже и за договорот од Пржино. Но овој пат имаме обратна ситуација. Единствен гарантор е телефонското „жими мајка“ на Ципрас. Сѐ друго може да се подведе под графата – притисок втората страна да го исполни потпишаното. Сосема поинаква ќе беше ситуацијата на пример најпрво грчкиот парламент, како израз на добра волја и чесни намери, да ја ратификува спогодбата па дури потоа таа да дојде на дневен ред во македонскиот парламент.
Зборот ми е дека брзањето и фаќањето рокови, само од една страна, од Република Македонија, во вакви околности и особено по оставката на Коѕијас може да се покаже како погубно, без претходно да се стават на кантар сите факти и показатели и да се инвестираат вистинските намери на Атина. По оставката на Коѕијас, Македонија има аргумент повеќе да побара извесно одложување, да не кажам повторно отворање на спогодбата, предефинирање на спорните одредби, градење заеднички став со опозицијата, корекција во одредени нејзини делови и цврсти гаранции. Ваквиот редослед на настаните, впрочем, произлегува и како обврска по одржаниот референдум, кој не го исполни законскиот цензус и беше прогласен за неуспешен. Тезите дека ова е тоа, дека не може подобро и оти ова е последната шанса се само за дневнополитичка употреба. Секогаш има простор за подобро, кое патем ќе биде и во согласност со меѓународното право, а со тоа и со многу подлабоки корени. Сѐ друго е трчање спринт на лизгав терен, со многу препреки и неизвесности.