Неверојатно е колку ученици низ државава годинава поминаа одлични и во колку одделенија немаше пониска оценка од четворка во свидетелствата. Па ние, со олку деца ајнштајни на квадратен метар, не треба да сме загрижени за нашата иднина. Отсега веројатно први ќе бидеме на меѓународните тестирања во светот во сите области, наместо како што е сега, кога сме под просекот и последни на листите во друштво на Ангола и Тринидад и Тобаго. На толку петки, успехот дефинитивно ни е загарантиран!
Устата пена им фати на познавачите на образовните околности кај нас, зборувајќи веќе со години за потребата од подобрување на квалитетот на образованието, за заострување на критериумите при упис каде било, за заострување на критериумите при тестирања, при полагање испити. Сите се „глуви“ и си тераат некои свои политики додека реалноста ни се удира од глава и зборува дека во континуитет, цели генерации многу лесно си се провлекуваат низ сите нивоа на образовниот систем, а немаат капацитет да завршат.
Затоа, кога станува збор за образованието, наместо да се менуваат министри на секои три месеци, нели е редно конечно да се сфати сериозно овој ресор? Нели е редно државата да почне да реагира стратегиски и на долг рок, бидејќи ваквото производство на сѐ понеписмени генерации, непрестајно нѐ носи во амбис од кој нема назад? Нели е редно да се сослуша што кажуваат експертите и познавачите на македонското образование, кои постојано алармираат дека државата мора да има визија за македонскиот систем?
Да разгледаме со ред како стојат работите. Годинава видоа наставниците дека нема да сносат одговорност за оценките што ги спуштаат во графите оти го укинаа екстерното, па збеснаа од пишување незаслужени петки, чест на исклучоците. Просто неверојатно е колку ученици низ државава годинава поминаа одлични и во колку одделенија немаше пониска оценка од четворка во свидетелствата. Па ние, со олку деца ајнштајни на квадратен метар, не треба да сме загрижени за нашата иднина. Отсега веројатно први ќе бидеме на меѓународните тестирања во светот во сите области, наместо како што е сега, кога сме под просекот и последни на листите во друштво на Ангола и Тринидад и Тобаго. На толку петки, успехот дефинитивно ни е загарантиран!
Наместо да се менуваат министри за образование на секои три месеци, неопходно е државата конечно да го сфати сериозно овој ресор и конечно да почне да реагира стратегиски и на долг рок, оти ако продолжи производството на сѐ понеписмени генерации, кои толку лесно се провлекуваат низ системот, Македонија оди во амбис од кој нема назад
Дваесет и седум години системот ги учи учениците дека оценката е најважна, а не процесот на решавање проблем и критичко мислење. Дваесет и седум години оценката е главен критериум за премин во друго одделение/клас, за упис во средно, на факултет. Никој не се оптоварува со вештините и афинитетите на учениците, никој не гледа кој за што е способен. Еден од најголемите апсурди на македонскиот образовен систем е во тоа што произведува одлични ученици, кои во практика се неписмени. И неписмени и функционално неписмени. Дека тоа е така, објави лани и Светска банка, според која две третини од младата популација во државава е функционално неписмена, односно не знае да чита и пишува, да работи со компјутер, да зборува течно разговорно странски јазик. Освен тоа, малку ли досега е пишувано и предупредувано во јавноста за основната неписменост на младите генерации? Малку ли предупредуваат македонистите, но и професорите по албански јазик дека страшно е колку неписмени студенти им се запишуваат на факултет?
Во средно образование, во учебната 2008/2009 година имало 600 ученици средношколци што ја повторувале годината. Во учебната 2016/2017 година, во државава имало 326 повторувачи. За неколку години, двојно се намалила оваа бројка, а главна причина за тоа е што средното образование стана задолжително. Се усложни процедурата за изрекување дисциплински мерки и бркање ученици, па училишните раководства ги толерираат и полесно ги „проаѓаат“ учениците низ системот на средно образование. Е сега, дали повторуваат вистинските ученици, е прашањето што ќе ви го нагласат директорите на некои училишта, ако поразговарате со нив за проодноста. Според нив, родителите на вистинските повторувачи, за жал, фаќаат врски и успеваат да се извлечат, додека година повторуваат оние кај кои има основа за преодна оценка и продолжување во следната година. И сите знаат за ова, никој ништо не презема.
На сето ова погоре напишано, неопходно е веднаш да се почне со работа. Треба да се послушаат оние што знаат, кога велат дека сама по себе оценката не кажува ништо за испитаникот, кој практично е набљудуван преку призмата на неговата оценка. Дека треба да се реформира начинот на вреднување на учениците. Државата да смисли што ќе прави со неписмените генерации и како на долг рок да престане да ги произведува. Да се воведе начин на проверка на објективноста на оценките што ги пишуваат наставниците. Училиштата да ги мотивираат децата да всадат во себе вредности на животот, да формираат ставови, да им развиваат критичко мислење…