Премногу несериозни ситуации во услови на навистина сериозна и голема закана. А кога сите тие се натискани на толку мал простор, навистина би можела да се случи и експлозија. Можеби не експлозија на бројот на новозаболени од коронавирусот, но, секако, би можело да дојде до нетрпеливост и на меѓусебни конфликти по повеќе
основи, до непотребни но опасни тензии. А тензиите, како што е познато, го блокираат индивидуалниот и колективниот имунолошки систем, кој повеќе од што било друго, во овој момент, може да му се спротивстави на смртоносниот вирус, како единствена реална закана
Добропознатото мото на македонските револуционери од крајот на 19 и почетокот на 20 век „Слобода или смрт“ деновиве, можеби како никогаш претходно, па дури ниту во времето кога почнало да се употребува, ја искристализира дилемата, која, всушност, ги следеше сите големи кризи во историјата на човештвото. Само, за разлика од минатото, кога пред дилемата главно беа ставани цели колективитети, кои најчесто се бореа за своите територии, национално ослободување и слично, во изминативе децении таа сѐ повеќе е присутна на релацијата помеѓу државата и поединецот.
Експлозивно, како киднапираните авиони низ њујоршките кули близначки, таа се проби низ јавниот дискурс по терористичките напади во 2001 година, кога светските влади посегнаа по мошне рестриктивни мерки заради поголема безбедност во сообраќајот, на јавните места и на поголеми собири. Сосема очекувано, овие мерки имаа и свои заговорници и критичари, кои секој од свои позиции, го толкуваа терминот „слобода“, кој поставен како опонент на „смртта“, уште повеќе ги потенцира двосмисленоста и растегливоста на споменатото мото.
Деновиве, кога смртта предизвикана од загадочниот коронавирус демне буквално зад секој здив и допир, мотото „слобода или смрт“ целосно се сведе на дилема.
Иако рационално гледано, во овие услови на пандемија, тоа воопшто не би требало да се поставува така, сепак, сѐ повеќебројни се тие што вербално, но и со своите постапки, им се спротивставуваат на владините мерки за ограничено движење заради заштита на јавното здравје. Од тие што се поведуваат по теориите на заговор, според кои стравот од вирусот на граѓаните им е наметнат за непречено да можат да се реализираат некакви „страшни проекти“, преку љубителите на мачиња и кучиња и некои маалски мангупи, кои по секоја цена сакаат да си обезбедат ексклузивитет на сликањето на празните улици во време на полициски час, до разни теоретичари, кои го користат моментот за да привлечат внимание со свои објаснувања на граѓанските права и слободи, вешто занемарувајќи ги и одговорностите.
И секако, во случајот на Македонија, тука се и неодминливите обиди за политизирање на целата ситуација, со меѓусебните обвинувања за прекршувањето и злоупотребата на полицискиот час помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и со тврдењата за „традиционалната граѓанска непослушност на Албанците“, особено по неодамнешниот протест на поголема група граѓани поради апсење на неколку нивни соседи за време на полицискиот час во скопската населба Ченто.
Премногу несериозни ситуации во услови на навистина сериозна и голема закана. А кога сите тие се натискани на толку мал простор, навистина би можела да се случи и експлозија. Можеби не експлозија на бројот на новозаболени од коронавирусот, но, секако, би можело да дојде до нетрпеливост и на меѓусебни конфликти по повеќе основи, до непотребни но опасни тензии. А тензиите, како што е познато, го блокираат индивидуалниот и колективниот имунолошки систем, кој повеќе од што било друго, во овој момент, може да му се спротивстави на смртоносниот вирус, како единствена реална закана.
Затоа, во оваа време на невреме, многу е битно да се направи разлика помеѓу суспензијата и кршењето на граѓанските слободи и права. Границата е многу тенка и лизгава, така што навистина се потребни голема доза здрав разум и внимателност, особено кај тие што, по службена должност, треба да ја контролираат, но и кај тие со амбиција да се наметнат како некакви арбитри во целата ситуација. И конечно, и кај самите граѓани, зашто на едната страна е смртта, а на другата е слободата, но само во синергија со одговорноста.