Рејтинг

По многу години вложувања во себе, откажувања, прескокнување пречки, упорност, тежнеење кон височини…, накратко работа и на сопствениот рејтинг, сега веројатно следува и период во кој и тој, рејтингот, ќе работи за поединецот, клубовите, организацијата… како едно своевидно спортско перпетуум мобиле, кое може да донесе нови и нови успеси, на секое поле. Рејтингот и во спортот е знак дека не станува збор за единечен блесок, туку за континуирана многугодишна работа, токму како што треба за успех, а тој рејтинг може да придонесе за напредок во многу сегменти, како на пример за меѓународна видливост, препознавање, признание, како на пример влез во куќа на славните, полесни противници при ждрепка, па и настап на големо натпреварување, поголем приход, пристап до сѐ повеќе ресурси, материјални и човечки, развој на многу важниот и еден од најбрзорастечки сектори на туризмот – спортскиот туризам, поттик за усовршувања, менаџерски, тренерски, спортски… Се чини, вреди да се гради рејтинг

Повеќегодишната посветеност кон работата, тренинзите, организациските перформанси и во некои други делови од машинеријата наречена спорт, секако и во други области, секогаш дава позитивни резултати, а квалитетната работа може да исфрли поединец, тим, репрезентација, федерација… во сферата на меѓународна видливост, препознавање, признавање, а како врв секако се победите, на натпревари и на други полиња.
Класификација или рангирање на некого или нешто врз основа на компаративна процена на нивниот квалитет, стандард или перформанси. Тоа е една од дефинициите за рејтинг. Терминот рејтинг во спортот главно се поврзува со шахот, но тој секако е присутен и е важен и во други спортови и кај неговите составни делови, поединецот, тимот, клубот, организацијата… И тоа не само за составување ранг-листи.
За висината на еден рејтинг уште еднаш бевме сведоци викендов, кога македонскиот фудбалски репрезентативец Аријан Адеми со овации беше испратен во нов клуб, за време и по првенствениот натпревар на неговиот Динамо, каде што со години е капитен. Адеми рејтингот на одличен човек и фудбалер го градел со години, од кои 13 во Динамо, и резултантата на тоа се атмосферата, емоциите, најавите, изјавите, почитта, поздравите, пораките…, кои тој ги доби пред, за време и по натпреварот, по кој замина да игра во Кина. На Далечниот Исток тој оди со висок рејтинг, по покажаните „квалитет, стандард, перформанси“. Со рејтинг на велемајстор.
На фудбалски план исто така деновиве во медиумите имаше информација дека српскиот клупски фудбал достигна рејтинг со кој првакот на Србија ќе има загарантирано место во групната фаза на Лигата на шампионите, уште еден тим треба да добие место во квалификациите за настап во елитното европско фудбалско клупско натпреварување, а вкупно пет тима (досега четири) ќе играат во Европа. Секако, и во овој случај станува збор за многу години стрплива работа, постигнување резултати, вредно собирање поени од клубовите со настапите во европските фудбалски купови, по што следува неминовното – високиот рејтинг.

На домашно поле, илустративен е примерот со шахот. Древната игра на 64 полиња во Македонија во моментов се наоѓа на лансирната рампа, од аспект на играчкиот потенцијал, откако се отвораат сѐ повеќе шаховски домови, а шахот од септември минатата година е вклучен во образовниот систем како изборен предмет во првите години на основното училиште. Тие одлични потези може да донесат голема масовност, а тој квантитет потоа ќе носи ништо друго, туку квалитет. Со еден збор рејтинг.
Но високиот рејтинг сега, во овој спорт може да се види на организациски план, откако Шаховската федерација на Македонија и голем број клубови со години, па и со децении, градеа и изградија висок меѓународен рејтинг. Тој на Македонија ѝ носи признанија со, на пример, често добивање домаќинство на најголеми натпреварувања што постојат во тој спорт, како на пример Шаховската олимпијада во 1972 година, неколку турнири од Европскиот клупски куп (тоа натпреварување во фудбалот има име Лига на шампионите), голем број европски и светски, поединечни и екипни, клупски и репрезентативни првенства, во разни категории. И, токму поради тој висок рејтинг, таа доверба на светските шаховски институции расте, и Македонија, како одличен домаќин со големи организаторски способности, само продолжува да го одржува високото рејтинг-ниво и постојано добива организација на најголеми шаховски натпреварувања. Кога на овој рејтинг ќе се надоврзе индивидуалниот, играчки рејтинг, откако шахот во училиштата ќе почне да носи плодови, шахот во Македонија ќе достигне и нови височини и уште еднаш ќе се покаже дека се исплатат годините стрплива работа за креирање висок рејтинг. Потег по потег.
Сега и во трите, но секако и во многу други случаи, по многу години вложувања во себе, откажувања, прескокнување пречки, упорност, тежнеење кон височини…, накратко работа и на сопствениот рејтинг, веројатно следува и период во кој и тој, рејтингот, ќе работи за поединецот, клубовите, организацијата… како едно своевидно спортско перпетуум мобиле, кое може да донесе нови и нови успеси, на секое поле.
Рејтингот и во спортот е знак дека не станува збор за единечен блесок, туку за континуирана многугодишна работа, токму како што треба за успех, а тој рејтинг може да придонесе за напредок во многу сегменти, како на пример за меѓународна видливост, препознавање, признание, како на пример влез во куќа на славните, полесни противници при ждрепка, па и настап на големо натпреварување, поголем приход, пристап до сѐ повеќе ресурси, материјални и човечки, развој на многу важниот и еден од најбрзорастечки сектори на туризмот – спортскиот туризам, поттик за усовршувања, менаџерски, тренерски, спортски…
Се чини, вреди да се гради рејтинг.

[email protected]