Пандемијата не се лекува со пиар-презентации или со скоцкани соопштенија. За справување со неа се потребни знаење, умешност, навремено лобирање, преземање навремени и конкретни мерки и потези. Може ли да се дозволи во едни вакви услови задоцнето да се реагира или да се импровизира, кога и најмала грешка во чекори се плаќа со човечки животи
Наскоро ќе се наврши една година откако во градот Вухан, во далечната Кина, се појави коронавирусот. На почетокот дури и најдобрите вирусолози не веруваа какви сѐ последици ќе предизвика овој нов вирус, кој буквално го клекна светот на колена. Со оглед на тоа што се работеше за нов вирус, дотогаш непознат за здравствените работници, во првите моменти некои медицински лица дури се подбиваа со коронавирусот, па ги испраќаа своите сограѓани на шопинг во земјите каде што беснееше коронавирусот. Но за кратко време бевме сведоци за ужасите што ги донесе оваа нова болест, чии последици се милиони починати лица. Како и најголемиот број земји во светот и Македонија скапо ја плати цената на пандемијата.
Иако на почетокот медицинските експерти прогнозираа дека бројот на заразени од ковид-19 кај нас ќе се движи до максимум две-три илјади, сепак досега од коронавирусот се заразија над 90.000 лица, а битката со вирусот ја загубија над 2.800 наши сограѓани. Кога станува збор за коронавирусот, се покажа дека „прогнозирањето“ не е баш благодарна работа. Но со оглед на тоа што се работи за нова болест, донекаде може да им се прости и прогледа низ прсти за лошите прогнози што беа дадени на почетокот од пандемијата.
Но за некои импровизации и грешки што подоцна се направија од различни чинители нема објаснување, уште помалку оправдување. Едноставно на домашно ниво како да не се применија и спроведоа искуствата и практиките од другите земји, кои многу поуспешно и поорганизирано одговорија на предизвикот од пандемијата.
На пример во намерата да се справат со пандемијата, Кинезите за само седум дена изградија болница во која беа згрижени илјадници лица, позитивни на ковид-19. Неодамна и во соседна Србија за само четири месеци беа изградени две нови болници со над 1.000 легла за лекување на болните од коронавирусот. И во Македонија се постави модуларна болница, но останува впечатокот дека кај нас многу се импровизира(ше) и грешеше во справувањето со пандемијата.
Во јули минатата година, кога пандемијата донекаде се смири и кога полека се врати животот и кога за да излеземе од колективната ковид-депресија мерките беа олабавени, Министерството за здравство „неочекувано“ ја промовира идејата во 16 општини во земјата да се (из)градат регионални ковид-центри. Таквиот предлог на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести, кој наиде на целосна поддршка од страна на градоначалниците на 16-те општини и директорите на Клиничките болници, беше даден бидејќи според нивните анализи и прогнози, во есента нѐ очекуваше нов опасен бран на пандемијата.
На 10 јули минатата година, од Министерството за здравство изјавија дека „овие активности се одвиваат во рамките на подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на коронавирусот, а целта е да се обезбедат соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид-19, без притоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти“.
Формирањето на регионалните ковид-центри беше договорено на состанокот на министерот за здравство Венко Филипче со градоначалниците на општините Битола, Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Ресен и Прилеп. За ваквата одлука согласност дадоа и директорите на болниците во овие градови. И навистина, есента минатата година, Македонија како и голем број земји во соседството и во светот ја зафати страшен есенски ковид-бран, кој однесе голем број жртви.
Есента, за кратко време болниците во Македонија, кои се преполнија со пациенти позитивни на ковид-19, беа претесни да ги примат сите оние на кои им беше потребно болничко лекување. Тие есенски денови, бројот на позитивни на ковид-19 се искачи на над илјада пациенти дневно, а бројот на смртни случаи во некои денови достигнуваше дури над педесетина починати. Некои пациенти буквално молеа да бидат примени на болничко лекување. Сведоци бевме кога пациенти дури умираа на скалите пред вратите или ходниците на инфективните одделенија, молејќи да бидат хоспитализирани, но беа враќани да се лекуваат во домашни услови, поради немањето слободни легла. Во таква ситуација некои граѓани своите трауматични доживувања ги објавуваа на социјалните мрежи, па можевме да видиме навистина вознемирувачки слики, каде што во собите во кои се лекуваа болните лежеа мртвите тела на тие што не ја преживеаја заразата.
За да се стави заразата под контрола, Министерството за здравство, покрај тоа што најави изградба на модуларни ковид-центри, побара помош и од приватните болници да ги згрижуваат болните од коронавирусот.
Иако ситуацијата беше загрижувачка дури и драматична, од изградбата на модуларните ковид-центри во 16-те града, за жал, немаше видливи ефекти. Со денови се држеа состаноци, но, за жал, поради наводно некои процедурални работи и опструкции на опозицијата не се мрдна од место. И кога есенскиот бран подоцна се смири и во зимските денови полека почна да слабее вируленцијата на вирусот, поради помалиот број заразени лица се испразнија инфективните одделенија, почна изградбата на мобилните ковид-центри, за чија изградба беше речено дека ќе трае 14 дена, но како што стојат работите, тие ќе бидат изградени многу подоцна. Се поставува прашањето зошто се доцнеше со изградбата на модуларните болници и тие не почнаа да се градат уште лани во јули, кога временските услови беа поволни и сосема подготвени да го пречекаме есенскиот бран. Дека во справувањето со пандемијата немаме многу среќа се покажа и сега со вакцинацијата.
Додека најголемиот број држави од светот навреме купија вакцини и почнаа масовно да го вакцинираат своето население, кај нас се чека некои соседни држави како Грција, Бугарија, Полска или Србија бесплатно да ни донираат вакцина. Па затоа кај нас вакцинацијата сѐ уште не е почната. Во Македонија засега поради некои правни процедури не можат да пристигнат ни осумте илјади вакцини, како помош и донација од Србија.
Оваа пандемија покажа дека кога државите ќе се соочат со вакви епидемии, секоја држава најпрво гледа да си ги заштити своите (со)граѓани и дека солидарноста буквално е мислена именка. Тоа се виде на почетокот од пандемијата кога сите држави се затворија и единствено размислуваа како да го спасат и згрижат своето население.
Во тие моменти солидарноста изостана и за земјите-членки на ЕУ, кога Италија и Шпанија беа оставени самите да се справуваат со пандемијата.
Сега, кога побарувачката на вакцини е огромна, во светот вакцини се купуваат како на кванташки пазар, каде што владее законот на посилниот и финансиски моќниот и каде што не се почитуваат никакви договори, туку важи правилото кој ќе даде повеќе. Тоа требаше да го знаат сите оние што на кој било начин се надлежни, поврзани или одговорни за справување со пандемијата.
Пандемијата не се лекува со пиар-презентации или со скоцкани соопштенија.
За справување со неа се потребни знаење, умешност, навремено лобирање, преземање навремени и конкретни мерки и потези. Најново е дека сега чекаме одговор од Кина за евентуална набавка на кинески вакцини. Значи пак сме во некаква стендбај-фаза на неизвесност и исчекување, додека пандемијата секојдневно го наплаќа својот данок. Може ли да се дозволи во едни вакви услови задоцнето да се реагира или да се импровизира, кога и најмала грешка во чекори се плаќа со човечки животи. Во една пригода некаде прочитав една мошне мудра мисла. После смрт нема болест!
Откако ќе почине пациентот залудно подоцна ќе кажуваме што требаше да направиме тој да не се разболи или да оздрави. Навременото реагирање мора да биде првостепено во нашето однесување, особено во вакви епидемии што нѐ чинат илјадници предвреме изгубени животи на наши сограѓани, роднини, пријатели, комшии, познати или непознати лица. Залудно е сега на нивните најблиски да им се објаснува што можеше, а што не се направи, без разлика кои биле причините за тоа.