Кај нас честопати ќе видите како се градат култови кон одреден предмет што се наоѓа во одредена црква или на некој начин е поврзан со црквата, а во основа тоа не е свет предмет или место. Сето тоа е создавање погрешна перцепција, односно според верското учење се смета за суеверие. Токму затоа, црквата има голема одговорност да ги запознае и едуцира верниците со она што е свето, а што е паганство, што е само идолопоклонство, што е црковен живот, а што суеверие. Исто така, МПЦ-ОА мора да го отвори ова вредно црковно богатство, пред сѐ за поклонение на своите верници, а потоа и како доказ за својата живост и пред целиот православен свет
Мошти од света Ана и од свети Јоаким, родителите на Пресвета Богородица се чуваат во Бигорскиот манастир. Тие се едни од многуте ретки значајни духовни вредности, кои ги поседува Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Малкумина, пак, знаат дека тие постојат и дека се дел од големото црковно богатство што го поседуваат нашата црква и држава.
Дали сте знаеле дека еден манастир во земјава чува и честица од чесниот крст на која бил распнат Исус Христос? Дали сте чуле дека мошти од над стотина големи и значајни светители со векови се дел од црковниот живот на МПЦ-ОА?
Познавам многу пријатели, кои се чести посетители на манастирските комплекси низ државава и речиси секогаш знаат да споделат убава фотографија од нивната прошетка. Но, малкумина од нив всушност се запознаени со она што навистина се крие зад манастирските камени ѕидови. Најчесто тие се воодушевени од пејзажите каде што се наоѓаат овие храмови, од гостопримливоста на монасите, од манастирската посна храна, од црковното пеење за време на литургиите, но ретко кој од нив ќе се заинтересира што се крие во малите ковчежиња или, пак, ќе праша каде може да прочита што сѐ содржи македонското црковно и културно богатство.
И секако не ми е намерата да го обвинам верниот народ за таквата состојба. Вината треба да се бара во образовниот процес, во државните обиди да направи стратегија за манастирски туризам и најпосле кај челниците на нашата црква, кои треба поагресивно да го вклучат народот во сѐ она што значи суштина на верата и вистинска почит кон светињите на црквата.
За МПЦ-ОА исклучително е важно што повеќе за нејзината историја, света мисија, за нејзината вистина да дознаваат православните верници во светот. Таа мора многу повеќе да ги отвори манастирските порти, за гостите да го впијат светиот дух, кој никогаш не ја напушти нашата црква, без разлика на тоа што за другите помесни православни цркви таа не е признаена. Почитувањето на светите мошти на територијата на Македонија довело и до тоа, денес, во нашата земја да се зачуваат моштите на многумина значајни светители, не само за нашата црква, туку и за целата православна екумена
Кај нас честопати ќе видите како се градат култови кон одреден предмет што се наоѓа во одредена црква или на некој начин е поврзан со црквата, а во основа тоа не е свет предмет или место. Сето тоа е создавање погрешна перцепција, односно според верското учење се смета за суеверие. Токму затоа, црквата има голема одговорност да ги запознае и едуцира верниците со она што е свето, а што е паганство, што е само идолопоклонство, што е црковен живот, а што суеверие. Исто така, МПЦ-ОА мора да го отвори ова вредно црковно богатство, пред сѐ за поколение на своите верници, а потоа и како доказ за својата живост и пред целиот православен свет.
Еден од ретките позитивни примери во нашата црква е големата црковна литија, која за Ѓурѓовден ја прави Бигорскиот манастир низ струшките улици, со пренос на моштите на свети Георгиј Победоносец. Така, луѓето имаат можност да ги видат и допрат моштите, да им се поклонат, а со тоа и јавно да се презентира тоа големо богатство на црквата. Ваквите глетки мора да станат задолжителни, а не да бидат исклучоци. Има многу примери во православниот свет, кога токму на ваков начин биле изградени големи култни места, кои денес се предизвик за многу поклонички патувања. Манастирот „Острог“ во Црна Гора, Света Гора во Грција, Киевска Лавра во Украина, Рилскиот манастир во Бугарија се примери, кои со добра стратегија и со вистински иницијативи можат да станат реалност и во Македонија, затоа што нашата црква го поседува тој капацитет, само што некој мора добро да го организира.
И црквата и нејзините духовници не треба да се плашат од популарниот манастирски туризам, тој може да обезбеди голема корист и за црквата и за државата. За МПЦ-ОА исклучително е важно за нејзината историја, света мисија, за нејзината вистина да дознаваат што повеќе верници во светот. Таа мора многу повеќе да ги отвори манастирските порти, за гостите да го впијат светиот дух, кој никогаш не ја напушти нашата црква, без разлика на тоа што за другите помесни православни цркви таа не е признаена. Бог и Светиот Дух го зачувале и возобновиле црковниот живот на Македонецот, владиците, монасите, монахињите се само луѓе што го спроведуваат тоа, но од нив зависи каква слика ќе има светот за нас како црква и каква почит светот ќе изгради кон нас.
Многубројните мошти од разни светители што низ вековите се зачувале во македонските манастири се доказ за богатиот и континуиран црковен живот на нашите простори. Токму тоа докажува и дека Македонците се почитувачи на православните светители, кои животот ѝ го посветиле на верата.
Пример за тоа е и царот Самуил, кој државата ја градел на темелите на верата и светителите што биле од овие простори. Тој направил пренос на моштите на свети Ахил Лариски од Лариса во Преспа, за да се утврди новоформираната црква во неговата држава врз култот на значаен светител, кој бил учесник на Првиот вселенски собор.