Потег

И во новата година се потребни важни одлуки и вистински потези, за нештата да се придвижат, на пример, одлуки налик на таа од 2022 година со воведувањето на шахот во основните училишта. По еден таков добро одигран потег, треба да следуваат и низа други. И во услови на криза, мора да продолжи инвестирањето (не само финансиското туку и во човечките ресурси, потоа во образованието, здравството, спортот, инвестирањето во менталните и духовните наши потенцијали итн.)… така што мора да се најдат и други начини како да се помогне за спортот да носи придобивки за општото физичко и ментално здравје, да продолжи да им носи радост на илјадници луѓе, да ја зајакне својата обединувачка моќ. Спортот потврдува дека поддршка не му треба само од обединетите на трибините, туку уште поголема од сите за базата, за таа да продолжи да создава личности, спортисти за надминување на сите спортски и други предизвици, за постигнување заеднички цели. Добро би било и годинава да се повлечат потези во вистинска насока, оти секојдневието како да е испреплетено со спортот, според ситуациите и потребата за решавање на животните, општествените и други предизвици. Новата година не значи само вртење на листовите на календарот туку можност за вртење и нов лист, менување на правецот, посветеноста, фокусот, ставот…, оти секогаш може подобро. Ништо не се случува прекуноќ, но работата секој ден може да донесе успех. Потег по потег. Суштината на успешна спортска и, веројатно, на секоја друга приказна е и во навремено повлечените потези, донесените одлуки, а со тимската работа, идејата, стратегијата, иновативноста, упорноста, стручноста, долгорочните цели, личната иницијатива… ништо потоа не е случајно

Традиционално македонскиот спорт и годинава ќе почне со ракомет, откако репрезентацијата 12-ти пат по ред (од 2012 година не е пропуштен ниту еден континентален или планетарен шампионат) ќе игра на големо натпреварување, 15-ти пат вкупно, осми пат на светските првенства… Македонскиот спорт број еден ќе има и нова можност на шампионатот во Полска и во Шведска третпат да тргне и по олимпискиот пат, откако на годинашниот Мундијал репрезентациите играат и за пласман во квалификациите за настап на Летните олимписки игри во Париз в година. Секако, предолимписката година нуди можност и за сите други спортисти да влезат во трката за обезбедување олимписки норми. Се надеваме на нова спортска година на пробиени бариери, како што и во претходните години македонските спортисти постигнуваа дотогаш невидени резултати. Ракометарите се први на потег.
„Разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста на човекот“, рекол славниот американски фудбалер Томи Ласорда.
И во новата година се потребни важни одлуки и вистински потези, за нештата да се придвижат напред, одлуки налик на таа од 2022 година со воведувањето на шахот во основните училишта. Искуствата од странските земји со вака одигран потег сега се пресликуваат и кај нас, а од шахот, кој, како и секој спорт, со страста ги зближува луѓето од различни култури, возрасти и потекла, бенефиции ќе имаат учениците, но и општеството, на долги патеки, оти шахот е повеќе од само игра. Според познавачите, шахот учи како да победите и како да примите пораз (се разбира, секој сака да победува, но важно е да се научи и како да се прифати пораз и како да се однесува во победата, да се научи од неуспесите и да се вратите како подобар играч, како и во животот, кога ќе се соочиме со неуспех, треба да се вратиме посилни и помудри), шахот може да помогне во концентрацијата (корисно и кога се соочуваме со секојдневни задачи, обврски, рокови…), тој гради самодоверба, развива креативност, вештини за решавање проблеми, може да помогне во размислувањата неколку чекори напред, да не се избрзува со одлуки и да ги мерите предностите и слабостите на вашиот избор, сето тоа во корелација со предизвиците со кои се соочуваме во секојдневниот живот, каде што, како и во шахот, се обидуваме да ги донесеме најдобрите одлуки, да ги повлечеме најдобрите потези. Шахот вежба и логика, развива препознавање модели, помага да се остане смирен под притисок, да се развијат и комбинаторика, имагинација, интуиција, упорност, истрајност, самодоверба, вештини за планирање и одлучување, развива анализа, концентрација, трпение, умереност, способност за планирање…
По еден таков добро одигран потег треба да следуваат и други.

И во услови на криза, мора да продолжи инвестирањето, мора да се најдат и други начини како да се помогне за спортот да носи придобивки за општото физичко и ментално здравје, да продолжи да им носи радост на илјадници луѓе, да ја зајакне својата обединувачка моќ… да остане најдобриот амбасадор. Добро би било и годинава да се повлечат потези во вистинска насока, оти секојдневието како да е испреплетено со спортот, според ситуациите и потребата за решавање на животните, општествените и други предизвици. Како и во спортот, за секоја ситуација е потребно стратегиско размислување, со кое може да се предвидат идни потези, свои и на ривалот, а воопшто вештините, принципите, правилата на шахот, на спортот… се неопходни и за целосен напредок, развој…, на многу полиња. Новата година не значи само вртење на листовите на календарот туку можност за вртење и нов лист, менување на правецот, посветеноста, фокусот, ставот…, оти секогаш може подобро. Ништо не се случува прекуноќ, но работата секој ден може да донесе успех. Потег по потег.
И годинава е јасно дека на македонскиот спорт за успех (не инстантен, туку успех на долги патеки) му се потребни повеќе пари, особено во базата, оти оттаму тргнува сѐ. Спортот потврдува дека поддршка не му треба само од обединетите на трибините, туку уште поголема од сите за базата, за таа да продолжи да создава личности, спортисти за надминување на сите спортски и други предизвици, за постигнување заеднички цели. Секогаш се оди чекор по чекор, но целите секогаш треба да бидат високи. Суштината на успешна спортска и, веројатно, на секоја друга приказна е и во навремено повлечените потези, донесените одлуки, а со тимската работа, идејата, стратегијата, иновативноста, упорноста, стручноста, долгорочните цели, личната иницијатива… ништо потоа не е случајно.

За следните 365 дена, важни се желбите, на 31 декември на полноќ се избриша сѐ и во првата секунда од новата година сите почнуваат одново од нула во нова годишна спортска трка. Новогодишните спортски желби повеќе ќе значат со добро осмислени потези од сите нивоа, на лично, пак, дополнети и со високопоставена цел, волја, мотивираност, работливост, дополнителен индивидуален развој, дисциплина… а потоа секој е свој спортски Дедо Мраз.
Потег по потег.

[email protected]