И навистина, што е денеска вистински патриотизам, да ја сакаш сопствената држава од дистанца или, пак, да останеш заробен во нејзиниот нефункционален систем ризикувајќи да ги загубиш и семејството и пријателите и здравјето и иднината на своите поколенија. Годините поминати во исчекување на европските интеграции, како и сѐ поголемата безнадежност дека во скоро време Македонија ќе му се приклучи на европското семејство е само дополнителен фактор што влијае на разочараноста кај младите
Многу македонски народни песни низ историјата ги зачувале периодите во кои имало масовно иселување. Во истите тие песни се воспевал тешкиот живот од кој спас се барало во развиените држави во светот. Тогашните гурбетчии, како што ги нарекувале, денес ја сочинуваат македонската дијаспора. Главен порив за напуштање на татковината била желбата да се заработи и да се обезбеди пристоен живот. Во сегашната ситуација можеби никој нема низ песни да го зачува споменот на сегашните генерации, кои градат една нова приказна во европските и светските метрополи, но нивните сведочења низ медиумите и социјалните мрежи ќе бидат доволен сведок поради што и зошто ја напуштаат Македонија. Иако и денешните иселеници спаѓаат во групата економски мигранти, сепак многу посуштински е системскиот проблем, институционалната матрица што ги брка од сопствената држава. Ако генерациите во минатото бегале од тешката економска состојба во која се наоѓала Македонија под власт на други држави, денешните генерации бегаат од државата со сопствена власт. Оваа емигрантска приказна е многу потрагична и многу поболна од приказната на нивните предци.
Има ли поголем пораз за една генерација паралелно да го живее сонот на своите дедовци и прадедовци за сопствена држава, а истовремено да размислува да биде што подалеку, само зашто не му верува на системот на институциите на општеството за кое гинеле генерации. И навистина, што е денеска вистински патриотизам, да ја сакаш сопствената држава од дистанца или, пак, да останеш заробен во нејзиниот нефункционален систем ризикувајќи да ги загубиш и семејството и пријателите и здравјето и иднината на своите поколенија.
Многумина млади веќе одамна се одлучија на првата опција и ним никој нема право да им забележува, да ги осудува. Тоа се генерации што ќе останат трајни сведоци за корумпираното судство, здравство, образование, политизираното општество, партизацијата во секој сегмент на општеството, на системот што ги протерал од сопствената држава. Тие ќе го опишуваат својот поглед на историјата од далеку, но каков поглед на историјата, каква вредност за идните генерации ќе запишат оние што останаа овде во матичната држава живеејќи ги секојдневно аномалиите на општеството.
Годините поминати во исчекување на европските интеграции, како и сѐ поголемата безнадежност дека во скоро време Македонија ќе му се приклучи на европското семејство е само дополнителен фактор што влијае на разочараноста кај младите. Тоа го докажува и последната студија „Заедничка иднина – Перцепции на младите за мирот во Западен Балкан“, од Програмата за развој на ООН и Регионалната канцеларија за младинска соработка, според која, многу посуштински и подлабоки се причините зошто младите имаат недоверба во своите држави. Повеќе од половина од младите што живеат во земјите на Западен Балкан немаат доверба во работата на државните институции и својата иднина ја гледаат во странство.
Одливот на мозоци, особено на млади високообразовани кадри од Македонија, е тема што повеќе од 20 години е актуелна, но за која државата не успева да изработи јасна стратегија со која ќе биде намален овој процес.
Сепак, нема прецизна анализа колку вакви кадри ја напуштиле државата во последните три децении, ниту пак има прецизен статистички податок за нивниот профил. Нема ниту податоци колку од тие кадри повторно се вратиле во земјава и продолжиле тука да ја развиваат својата кариера.
Во јавноста циркулирале разни анализи, меѓу кои пред неколку години беше и онаа на Светската банка, според која, за 15 години од Македонија се иселиле над 500 илјади лица претежно млади и високообразовани кадри. Други анализи, пак, велеа дека оваа бројка е многу помала, а и официјалната статистика покажува многу помали бројки.
Има ли излез од системот? Можни ли се процеси на враќање на довербата? Кој е патот за вреднување на трудот овде дома? Дали Европа може да биде и Македонија?
Пред некој месец реномираниот Виенски меѓународен институт за економија објави анализа во која посочува дека од земјите на Западен Балкан, кај Македонија, Србија и Црна Гора е забележан тренд на високообразовани кадри што се враќаат во матичните држави, што не е случај со другите држави од регионот. Овој интересен податок го отвора прашањето за каков тип високообразовани кадри станува збор, зошто се случува ова, на што се темели оваа анализа, бидејќи во јавноста и понатаму има перцепција дека од Македонија масовно заминуваат, особено млади луѓе. Експертите случајот со Македонија го објаснуваат со тоа што многу млади луѓе што одат да студираат надвор, потоа се враќаат назад. Дали можеби поради пандемијата многу од тие што се образовале надвор или работеле надвор од земјава, се вратиле тука? Дали ваквиот прилив на мозоци треба да се искористи и да се најдат начини овие млади луѓе, кои се образовале во странство и потоа се вратиле во Македонија, да дадат придонес за развојот на општеството?
Затоа политичарите, експертската и научната јавност мора да преземат итни реформи за вклучување на младите на пазарот на трудот и во образованието, како и политики на враќање на младите. Треба да се градат сигурни политики и како тоа да се користи во домашната економија.
Мора да работат на намалување на невработеноста кај младите и да создадат квалитетни и доста платени работни места за младите. Да нема прекумерна понуда на дипломирани студенти во некои области и да се справат со несовпаѓањето помеѓу стекнатите вештини на универзитетите и вештините што им се потребни на пазарот на трудот.
И можеби најважното е тоа што на Македонија ѝ е потребна промена на политичката свест. Радикално менување на пристапот на партиите кон практикување на политиката. Без политика на државна стабилност и сигурност, залудна ќе биде партиската политика на лични интереси, затоа што државата многу лесно и многу бргу ќе се претвори во еден голем старечки дом.