Подготовка

Одот по спортските патеки на успехот е во директна врска со подготовката, која подразбира визија, која потоа станува водилка. А почетниот спортски успех се претвора и во замаец. „Кога нема да успеете да се подготвите, подгответе се да не успеете“, рекол славниот американски научник Бенџамин Франклин. Членовите на таеквондо-репрезентацијата на Македонија одамна покажуваат дека успесите не се само желба, а викендов освоија многу нови медали на силниот меѓународен Г1-турнир. Многу е важно и тоа што новите генерации сега имаат и јасна цел, иако и доста висока, да ги достигнат и престигнат успесите на сениорите. Летвичката на успехот е високопоставена, но замаецот функционира. Во спортот замаецот, таа складирана енергија, се претходните успеси, секогаш проследени со макотрпна системска работа, со години. Таква енергија е видлива и е важна движечка сила и во повеќе други спортови во Македонија. За целиот овој систем, кој ќе го донесе и важниот замаец, потребна е и голема поддршка, од сите, за одново и одново да се стигнува до светскиот врв. За да „успееме да се подготвиме“

Рецептот на успешните е целта секогаш да е поставена високо и да не се запре додека не се достигне. Тие не признаваат величини, туку се стремат кон нив. Одот по спортските патеки на успехот е во директна врска со подготовката, која подразбира визија, која потоа станува водилка. А почетниот спортски успех потоа може да се претвори и во замаец. „Кога нема да успеете да се подготвите, подгответе се да не успеете“, рекол славниот американски научник Бенџамин Франклин.
Викендов успесите на еден спорт во Македонија, трофеен, олимписки, имаа нова надградба, по развојот низ годините, поврзан со „високи цели“, „подготовка“, „визија“… Македонските таеквондисти освоија многу медали на силниот меѓународен Г1-турнир (по едно злато и сребро во сениорска, згора освоени се и значајни бодови во трката за исполнување норми за настап на Летните олимписки игри во Париз в година, како и едно сребро и три бронзи во младинска конкуренција), за јасен знак дека овој спорт има иднина. Македонското таеквондо стрпливо изгради свој меѓународен рејтинг, а за тоа, пак, зборува и организацијата на Г1-турнирот, првпат одржан во Македонија.
Годините работа добија своја значајна потпорна точка во освоениот сребрен медал на Дејан Георгиевски во 2021 година, на Летните олимписки игри во Токио, потоа следуваше уште поголема работа, а успесите во низа сега стануваат важен замаец за остварување на следните високи цели, на идните европски и светски првенства и на олимписки игри. Успехот раѓа успех, сега и таеквондото е на тој бран, а најважното е тоа што во тој спорт се создаваат нови млади медалисти, кадети и јуниори. Нова потпорна точка.

Членовите на таеквондо-репрезентацијата на Македонија одамна покажуваат дека успесите не се само желба, а многу е важно и тоа што новите генерации сега имаат и јасна цел, иако и доста висока, да ги достигнат и престигнат успесите на сениорите. Летвичката на успехот е високопоставена, но замаецот функционира. Во спортот замаецот, таа складирана енергија, се на пример претходните медали, трофеи…, кои секогаш се проследени со макотрпна системска работа, со години, во сите возрасни категории и во сите сегменти на тој спорт, оти нема друг начин.
Таква енергија е видлива и е важна движечка сила и во повеќе други спортови во Македонија (на пример, ракометот одамна ја користи, оттаму и континуитетот учества на машката репрезентација на европските и на светските првенства, и тоа 12 во низа, непрекинато 11 години, репрезентативниот фудбал, пак, прво ги доби младинците што дебитираа на европски шампионат, а потоа следуваше прво учество и на сениорско континентално првенство, па бараж за настап на ланскиот мундијал…, каратето, одбојката…).
Мора секогаш одново и одново да се тргнува во нови потраги по талентирани спортисти, затоа што од суштинско значење за развојот на секој спорт е секогаш да има нови квалитетни спортисти, кои потоа ќе бидат надградувани во врвни, низ работата на стручњаците, за постојано да има конкуренција.
Секако, еднакво е важно да се вложува и во тие што знаат да препознаат талент (а барањето таленти често подразбира и откривање потенцијален спортист, дури и ако тој во еден момент не е на теренот на спортот за кој е талентиран) и во стручњаците што ќе создадат видлив меѓународен резултат. Но, потоа исто така е важно форсирањето на младите за тие да добијат простор за развој, за докажување…
За целиот овој систем, кој ќе го донесе и важниот замаец, потребна е и голема поддршка, од сите, за одново и одново да се стигнува до светскиот врв. За да „успееме да се подготвиме“.

[email protected]