Во населбата Бутел едноставно не смее да се пее „Oтвори го пенџерчето“, онаа позната песна во изведба на групата „Нулта позитив“ и Мирко Митревски, затоа што таму никој не смее да отвори прозорец. Ако го стори тоа, сета прашина од раскопаната улица Бутелска ќе му влезе дома, а прашината е насекаде по автомобилите, дворовите, па дури и по производите на зелениот пазар и во околните дуќани. На шега некои од граѓаните велат дека ако одат на пазар се враќаат како воденичари, а други, пак, дека во Бутел животот го задушила прашина. Кога веќе го спомнав овој стар хит „Отвори го пенџерчето“, да потсетам и на стиховите „се задушивме, ќе поцркаме“, кои се клучни сега за бутелчани, на кои воопшто не им е до песна
Колку се уриваат надежите, откако граѓаните ќе сфатат дека новата локална самоуправа ништо не направила за нив, како што ништо не направила и претходната. Од едни до други избори, постојано заложби да се избере овој, да се гласа за оној, а потоа повторно проблеми. Темни и неасфалтирани улици, полни со дупки или необележани пешачки премини, неуредени автобуски станици и нередовни автобуски линии, запуштени паркови, искршени клупи или канделабри, валкани населби, преполни контејнери и диви депонии насекаде, недоизградени атмосферски и фекални канализации и уште редица локални проблеми за кои некои скопски општини воопшто не се грижат, а надлежните забораваат дека се тука затоа што граѓаните ги избрале и дека токму затоа треба да се грижат за нив. Жителите на скопската населба Козле, на пример, сметаат дека надлежните одамна ги заборавиле и оти за оваа населба немаат направено ништо или, пак, за себе така мислат и жителите на Пржино. Не се проблем само улиците полни со дупки, туку и единствената автобуска линија со бројот 16, за која со години бараат да вози до крајот на населбата за да не одат пеш оние што можат да одат. Но тие што не можат, немаат како да дојдат до автобуската речиси цели две станици, кои би требало објективно да ги има.
Што да речат и жителите на скопската општина Ѓорче Петров, особено оние од населбата Волково, кои имаат една асфалтирана една неасфалтирана улица и така до последната станица на линијата со број 22 кај Лепенец. И не само што газат по кал по секој дожд, туку мака мачат и со реките што се создаваат по секој пороен дожд, поради проблемите со атмосферската канализација. Сличен проблем имаат и жителите од општината Бутел од индустриската населба Визбегово, во која покрај месното население со низа проблеми се соочуваат и сите оние што таму отвориле мали бизниси и вработиле луѓе. Како може да се развива една индустриска зона, а да нема доволно развиена инфраструктура. Овие нерешени проблеми на многу од општините, всушност, се и главната причина поради која бегаат сите оние што можеби намислиле да отворат некаков бизнис. Веднаш се откажуваат штом ќе заклучат дека инфраструктурата само ќе им ја забави работата и ќе им го отежни бизнисот. Но улиците со дупки се својствени и за поградските населби, како на пример Скопје Север. Којзнае од кога не се подновени станбените улички, потоа патеките од станбените низи на зградите по кои станарите превиткуваат нозе, газејќи во дупките и камењата. Нивните паркови не се обновени откога е направена населбата, речиси цели четири децении, а тамошните жители сѐ уште чекаат автобус на необележани автобуски станици и на отворено.
Немаат зелен пазар, немаат пошта затоа што е затворена по неколкукратните кражби, кои беа причина и за затворањето на маркетот „Тинекс“. Можеби затоа што цвета криминалот, населбата нема ниту една експозитура на која било банка или барем еден банкомат, па граѓаните се принудени да одат или до општината Чаир или, пак, до населбата Бутел.
Е таму веќе се судираат и со друг проблем, а особено бутелчани што таму живеат. Тие освен загадениот воздух, цела зима голтаат и прашина од раскопаната улица Бутелска, која остана неасфалтирана. Во оваа населба просто не смее да се пее „Отвори го пенџерчето“, онаа позната песна во изведба на групата „Нулта позитив“ и Мирко Митревски, затоа што таму никој не смее да отвори прозорец. Ако го стори тоа, сета прашина од раскопаната улица ќе му влезе дома, а прашината им е насекаде по автомобилите, дворовите, па дури и по производите на зелениот пазар и во околните дуќани. На шега некои од граѓаните велат ако одат на пазар се враќаат како воденичари, а други, пак, дека во Бутел животот го задушила прашина. Кога веќе го спомнав овој стар хит „Отвори го пенџерчето“, да потсетам и на стиховите „се задушивме, ќе поцркаме“, кои се клучни сега за бутелчани, на кои воопшто не им е до песна. Во делот, пак, што се рапуваше имаше и вакви стихови „го сретнав вчера Мече, да искочиме ми рече“, но во Бутел сега нема „искачање“ од облаците прашина. И со затворен и со отворен прозорец, бутелчани одамна се задушуваат. Со месеци е така и се добива впечаток како во населбата да има истурено вреќи цемент. И младите и старите имаат респираторни проблеми, а градот Скопје ја раскопа улицата уште лани во септември и така ја остави. Ако надлежните знаеле дека нема да стигнат да ги завршат работите, зошто воопшто ги започнаа, зарем не знаеја дека доаѓа зима. Сега ќе чекале да се отворат асфалтните бази. Бутелчани нервите ги истрошија зимава, а еве ги фати и пролет и пак иста песна „Не отвори го, туку затвори го пенџерџето, ќе поцркаме“. И не само тоа, секој ден ги кршат и автомобилите по неасфалтираната сообраќајница, а пешаците постојано се изложуваат на опасност поради шетањето по коловозот, бидејќи тротоарите се раскопани.
Господа ова не оди вака и до кога мислите дека граѓаните ќе го толерираат ваквото неодговорно однесување? До кога вашата негрижа ќе ја плаќаат со сопственото здравје? Не се грижите за чистиот воздух, не се грижите за чистата животна околина, не се грижите за кучињата-скитници, кои речиси секој ден напаѓаат по еден човек, па зошто тогаш граѓаните да се грижат вие удобно да си седите во вашите фотелји. Вие сте таму за нив и не треба да го заборавате тоа. Ако покажете грижа за граѓаните и за нивните проблеми, тие сигурно ќе ве наградат за тоа, во спротивно, секако, дека ќе ве казнат. А казната се знае која е.