Според дефинициите на меѓународното право, една држава има сосема јасни разликувачки одредници од она што претставува територија, област или провинција. Дистинкцијата на државата Македонија од географскиот регион, кој е исто именуван, се содржи во фактот што државата претставува меѓународноправен субјект идентификуван со именувањето на државното уредување – Република. Оттаму вметнувањето на одредницата Северна во името на државата е непотребна и противправна
Колку и да се затвораат очите и ушите, да се игнорира секоја перцепција, да се дефокусира вниманието на јавноста, да му се дава евроатлантски интегративен тон на секој уставен амандман… не може да се промени фактот дека процесот што во овој момент се одвива во Собранието на Република Македонија неповратно води кон создавање нов меѓународноправен субјект, кој ќе се нарекува Република Северна Македонија. Кога веќе е речиси завршена втората фаза на уставните измени во Собранието, (усвојување на текстот на амандманите) се чини дека се „надмината непријатност“ за Владата, како предлагач на уставните измени, тоа што во „Службен весник“ е објавено дека на референдумот одржан на 30 септември не е донесена одлука, односно не е постигнат цензус на одзивот за „прифаќање на договорот со Грција“. Всушност, на 64-та пленарна седница на Собранието веќе е изгласан, односно утврден текстот на амандманот 33, со кој во сегашниот устав, секое споменување на Република Македонија ќе биде заменето со називот „Република Северна Македонија“, а Македонија со Северна Македонија (освен кога „бившото име на државата“ се споменува во историски контекст). Со брзината со која се прифаќаат нацрт-текстовите на амандманите на Уставот, одредена неизвесност за целосно прифаќање на уставните измени претставува тактизирањето, или условувањето со законот за амнестија на осумтемина независни пратеници, исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, за повторна поддршка до двотретинско мнозинство за носење на конечната одлука во Собранието за менување на името на државата.
Во текот на расправата за амандманите и понатаму во дискусијата се манифестира разликата во ставовите меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и оние од опозицијата, за придобивките и загубите со имплементацијата на спогодбата од Мала Преспа во Уставот на Република Македонија. Некои од пратениците го застапуваат ставот дека со промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија, се создаваат нова држава и нов идентитет. Тие наведуваат дека со промена на името и на Уставот ќе следува целосно редефинирање на државата. Од друга страна, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, објаснувајќи ги придобивките од договорот со Грција во текот на амандманската расправа во македонското собрание, изјави дека на него не треба да се гледа само како кон цел за одење напред кон ЕУ и НАТО, туку треба да се гледа кон аспектот на идентитетските прашања. Имено, Димитров смета дека со оваа спогодба практично се затвора македонското прашање, за идентитетот на Македонците и на македонскиот народ и дека со неа конечно се признава македонскиот јазик, зашто не случајно досега ниту еден документ со ЕУ не бил потпишан на македонски јазик. Како клучна поента за придобивките од конечната спогодба со Грција, министерот Димитров наведува дека со новото име се укажува дека „нашата држава Македонија не е целиот регион и се наоѓа во северниот дел, ама тоа не нѐ прави помалку Македонци и помалку Македонија“.
Иако на почетокот од осамостојувањето на Македонија, проблемот со неприфаќањето на името на државата што го наметна Грција се доживуваше како апсурден и нелогичен, по 27 години од независноста и 74 години од нејзиното државно конституирање во рамките на една федерација, со спогодбата од Мала Преспа таквиот апсурд е и правно материјализиран и прифатен од македонската страна. Кога еден логичен апсурд ќе се материјализира противправно и на вештачки начин, со политички средства и притисоци, како што се прави сега, се чини дека логичните аргументи се туркаат настрана во дебатата предизвикана од таков процес на „материјализација“. А логичните аргументи на Република Македонија во врска со дистинкцијата на државата Македонија од географскиот регион, кој е исто именуван, се содржат во фактот што државата претставува меѓународноправен субјект идентификуван со именувањето на државното уредување – Република. Според дефинициите на меѓународното право, една држава има сосема јасни разликувачки одредници од она што претставува територија или провинција. И името на еден државен субјект секако дека се претпоставува на именувањето на територијата.
Сепак, поимот република, сосема јасно ја одредува Република Македонија, од контекстот на територијата, која се протега во повеќе држави во регионот. Тоа е одредницата на државата Македонија, а додавањето на географскиот поим „Северна“, според условите од спогодбата од Мала Преспа, на некој начин претставува одредница на одредницата. Прифаќањето „одредница на одредницата“ претставува и конечно материјализирање на апсурдот, кој веројатно нема да заврши и со прифаќањето на спогодбата и во Македонија и во Грција, па и со членството на Македонија во НАТО, а со исполнување на многу „чуда“ и во ЕУ. Зашто светот се темели и се раководи според општо прифатени меѓународни правни начела и стандарди, меѓу кои секако на врвот е и правото на самоопределување. Принудата за промена на нашето уставно име, вметнувањето на зборот Северна, како одредница на одредницата, и игнорирањето на нашето историско право за самоопределување не може да се подведат под графата меѓународно право, туку единствено под графата уцена и притисок.