На маса има документ за развод меѓу Британија и ЕУ, но засега равенката има премногу непознати за да се знае решението. Многу работи се ставени во договорот за брегзит, но многу се и намерно изоставени за да се решаваат во иднина. Затоа критичарите велат дека тој повеќе личи на список со желби до Дедо Мраз отколку на сериозен документ. Нејасно е дали желбите ќе се остварат, ама јасно е дека цехот ќе го платат обичните граѓани, а не политичарите
Тажен ден за ЕУ и отрезнувачки момент за Британија. Вака европските медиуми го опишуваат самитот во неделата во Брисел, на кој европските лидери ги поддржаа политичката декларација и договорот за повлекување на Британија од ЕУ. Тереза Меј успеа по речиси 20 месеци да обезбеди договор, иако тоа ја чинеше серија оставки во Владата и речиси премиерската фотелја (која сѐ уште се ниша). Меј сега се обидува да го „продаде“ договорот на домашната сцена, а голем број политички противници веќе се обидуваат да го минираат. Малкумина веруваат дека премиерката ќе успее да го убеди парламентот да го поддржи договорот, што веројатно ќе значи и крај за нејзината влада.
И поддржувачите и противниците на брегзит се согласни само во една работа, а тоа е дека не знаат што ја очекува Британија понатаму. Британците вртат ново поглавје, со неиспишани страници на кои треба да се најде крајот од приказната наречена членство во ЕУ. Европските лидери во Брисел се обидоа да покажат единство и да нагласат дека тоа е единствениот договор што Британија ќе го добие. Во ЕУ тагуваа зашто потпишуваат документи за развод, првпат во историјата на европската заедница. Тоа беше тажен, трагичен ден, според германската канцеларка Ангела Меркел. Нејзината британска колешка, пак, мораше да покаже позитивен дух и нагласуваше дека издејствувала најдобар можен договор, како и дека била полна со оптимизам за иднината на Британија.
За критичарите на брегзит, кој било договор е лош за Британија. За нив грешката е направена од самиот почеток, па сега само се бараат начини за да се ублажат штетите. Приврзаниците, пак, ги јакнат „илузиите и лагите“ што ја доведоа Британија до оваа состојба. Тие ја обвинуваат премиерката дека ја предала нацијата, иако самите преговори покажаа дека е тешко една држава да му се спротивстави на блок од 27 членки. Британија, за критичарите на брегзит, веќе има послаби позиции и тоа се гледа од сегашните односи со другите членки на ЕУ (како што беше договорот во последен миг околу Гибралтар со Шпанија). Британија допрва ќе треба да преговара со велесили како САД или Кина, за што поддржувачите велат дека едвај чекаат, а критичарите само порачуваат „со среќа“ (масло на огнот додаде и Доналд Трамп, кој оцени дека договорот е добар само за ЕУ и дека со него Британија можеби нема да може да тргува со САД).
Сакајќи да им угоди на поддржувачите на брегзит, Меј побрза да го почне разводот и да постави црвени линии. Таа потоа тврдеше дека договорот ќе ги реши сите досегашни неправди, но според критичарите, јасно е дека тој не може да ги реши проблемите што ја доведоа Британија до референдумот во 2016 година за излегување од ЕУ. Според повеќето предупредувања, брегзит, со или без договор, уште повеќе ќе ги влоши тие проблеми.
На повеќето Британци веќе им е прекуглава да се расправаат за брегзит, што не значи дека го поддржуваат договорот на премиерката. Во меѓувреме, ЕУ инсистира дека нема план Б, дека нема друг договор, односно алтернативата е развод без договор, што би било најлошо сценарио за сите. Затоа Европејците во хор од Брисел им порачаа на британските пратеници да го поддржат договорот зашто нема да има друг. Таква порака упати и Меј до пратениците, нагласувајќи дека брегзит без договор ќе донесе несигурност и нови поделби.
Хаотичен брегзит сакаат да избегнат обете страни. Британија е предупредена од своите институции дека брегзит без договор ќе предизвика сериозни шокови за економијата, царински препреки и гранични контроли, недостиг од материјали, банкрот на голем број фирми, егзодус на мултинационалните компании, драматичен пад на фунтата, а на политички план тоа најверојатно ќе значи пад на владата на Меј и предвремени избори. На Европејците во моментот не им одговара да замине Меј зашто тие со неа ги договараа документите за развод, па затоа уште во Брисел побрзаа да ѝ изразат поддршка. Тие посочија дека Меј издејствува добар договор, кој е производ на тешки преговори и е основа за едно исклучително и амбициозно партнерство. Но на самитот отсуствуваа изјавите дека вратата сѐ уште е отворена за Британија доколку се премисли и на крајот реши да остане во ЕУ. Европејците го фалеа договорот, ама сакаа да испратат порака и дека животот во ЕУ е подобар од животот надвор од ЕУ.
Но колку и да се зацементирани позиции, правилото во политиката и во меѓународните односи вели „никогаш не вели никогаш“. Покрај сите напори на Меј и на Европејците да успее договорот, приказната за односите меѓу Британија и ЕУ е далеку од завршена. На маса има документ за развод, но целата равенка сега има премногу непознати за да се знае конечното решение. Британските медиуми составија листа од најмалку седум можни сценарија ако пратениците не го поддржат договорот за развод, како што во моментот покажуваат анкетите. Меј може малку да ја модификува спогодбата во договор со Брисел и пратениците да ја поддржат. Таа може да поднесе оставка, па друг лидер потоа да се обиде да обезбеди мнозинска поддршка во парламентот за изменет договор. Сопартијците-ториевци, може да ѝ изгласаат недоверба на Меј, а новиот лидер потоа да бара поддршка за изменетиот договор. Таа може да се коцка и да свика предвремени избори со надеж дека гласачите ќе го поддржат договорот. Лабуристите може да се обидат да издејствуваат предвремени избори, па новиот премиер да проба да добие поддршка за договорот. Можно е да има и втор референдум за брегзит, ама можно е и Британија да се збогува со ЕУ на 29 март 2019 година без договор за развод. Британците тврдат дека парламентот ќе спречи брегзит без договор, ама не се знае како.
Засега е поверојатно дека брегзит ќе се случи, со или без договор. Самитот за брегзит и преговорите што доведоа до него покажаа какви тргувања и закани може да гледаме од двете страни во иднина. Многу работи се внесени во договорот, но многу намерно се изоставени или се нејасни, за да се решаваат во иднина. Затоа и неговите критичари обвинија дека тој повеќе личи на список со желби до Дедо Мраз отколку на сериозен договор. Желбите мoжеби ќе се остварат, а можеби и не, но јасно е дека на крајот цехот ќе го платат обичните граѓани, а не политичарите што се коцкале со нивните судбини.