НатпреВАР

Технолошките помагала треба да влезат со сета своја сила. ФИФА реши системот ВАР да биде применуван од СП 2018, што донесе многу спротивставени мислења. Но технологијата одамна е присутна и надвор од теренот, за време на подготовките и многумина сметаат дека имањето токму таква технологија ќе ја направи, или веќе ја прави, разликата помеѓу еднаквите. Секако, технологијата автоматски не создава шампиони, но побрзо ги истакнува подобрите меѓу одличните. Затоа, евентуалното отсуство на таква технологија што се користи надвор од теренот, треба повеќе да загрижува, од тоа дали се потребни и дали треба да ги има новитетите за помош на судиите на натпреварите во спортот, како видеосистемот ВАР или разни очи соколови и други слични изуми, кои носат „само“ поправедни исходи на натпреварите

Македонската фудбалска репрезентација во минатата недела премиерно го испроба на своја кожа новитетот во светот на фудбалот, системот видеопомошник-судијата (ВАР). Еден прекршок, кој веројатно 99 отсто од судиите би го досудиле како и делителот на правдата на теренот, на мечот Македонија – Азербејџан, беше исправен со помош на помошниците, кои со видеотехнологија надгледуваат сѐ што се случува на еден натпревар. Така, Македонија доби и реализира пенал. Светската фудбалска федерација (ФИФА) пред десетина дена реши овој систем, по повеќегодишно тестирање, да биде применуван на Светското првенство во Русија годинава. Од новитетите од светот на технологијата, на тој Мундијал првпат ќе видиме и, на пример, селектори со „бубачка во увото“, односно со систем за комуникација со помошници-аналитичари надвор од теренот (сместени на една од трибините). Од порано е присутна и технологијата за гол-линијата, со која се елиминираат шансите за спорни моменти при постигнат гол без да се затресе мрежата. Сето тоа донесе многу спротивставени мислења, но технологијата не може да биде игнорирана.

Таа е присутна во речиси секој сегмент од животот, па спортот, а особено најпопуларниот, фудбалот, не може да остане изолиран (исти и слични системи се применуваат и во атлетиката, тенисот, хокејот на мраз, одбојката, кошарката, се најавува за гимнастиката итн.). Критичарите на овие иновации за фудбалот се осврнуваат на некои очигледни технички грешки при примената во некои домашни првенства, кои со време и со нов напредок на технологијата, сигурно ќе бидат исправени, но голем дел од негодувањата се за евентуалното нарушување на „течноста на играта“ и понекогаш долгото време до конечна одлука. Технолошките помагала во спортот треба да влезат со сета своја сила. А светските фудбалски првенства се одлично место за системот ВАР да добие широка промоција и поддршка, за со најголема веројатност да победат најдобрите (секако, и без системот за видеопомош имало такви исходи, но имало и контроверзни моменти, кои се такви и денес). Најмалку е важно дали ќе има пауза за време на еден меч од една минута (а не е толку) или ќе има одложено радување за некој гол.

Многу години сведоци сме и навикнати се сите на понекогаш одложени радувања во атлетиката, на пример, кога се чека разгледување на фотофинишот. Така е и во одбојката и во кошарката. А сѐ друго би било играње „на ура“, со голема и широко отворена алиби-врата за секој поразен тим. Но кога ќе се елиминира тоа алиби, остануваат чистата игра и само спортската умешност и имагинацијата на тимот или на поединецот (играч или тренер/селектор). Овој систем за видеопомош на фудбалските судии доби поддршка и од, на пример, славниот Аргентинец, Диего Марадона, кој за сајтот на ФИФА изјави: „Технологијата носи транспарентност и квалитет, а овозможува и позитивен исход за тимовите што решиле да напаѓаат и да ризикуваат“. Но, технологијата не е присутна само на теренот за време на натпреварите во разни спортови. Таа одамна е секојдневие и надвор од теренот, за време на тренинзите и воопшто на подготовките. Многумина сметаат дека имањето токму таква технологија ќе ја направи, или веќе ја прави, разликата помеѓу израмнетите по квалитет. Технологија се и новата секогаш поквалитетна опрема (особено важна во некои спортови), новите начини за побрзо санирање на повредите, новата и прецизна исхрана, камерите што снимаат тренинзи и мечеви со можности за детална анализа на тактики, стратегии, новите топки, системите за надгледување на физичката подготвеност и капацитет на спортистот во секој момент (за дозирање тренинг, на пример) и многу други помагала.

Секако, технологијата автоматски не создава шампиони, но побрзо ги истакнува подобрите меѓу одличните. Затоа, евентуалното отсуство на таква, технологија што се користи надвор од теренот, треба повеќе да загрижува, од тоа дали се потребни и дали треба да ги има новитетите за помош на судиите на натпреварите во спортот, како видеосистемот ВАР или разни очи соколови и други слични изуми, кои носат „само“ поправедни исходи на натпреварите. Светските првенства се најголемата фудбалска сцена. Мундијалите се најгледаните спортски настани на планетава. Така, особено на еден таков шампионат сѐ мора да биде подредено на „убавата игра“. А во Русија можеби светот ќе присуствува на ново крунисување на фудбалски крал, па затоа, светскиот фудбалски самит во Русија е одлична шанса за некои големи ѕвезди на денешницата да влезат во неизбришливите страници на историјата на светските првенства. Со свои сили секако, но и со помош на ВАР и сета друга технологија што е на располагање денес.