Нашиот народ по традиција важи за гостопримлив и питом. Македонците веруваат дека ако гостин пристигне во вашиот домот, тој треба да биде угостен дури повеќе и од домашните во куќата, па можеби по редот на нештата водејќи се по оваа филозофија ние сме дозволиле во име на пријателството да се откажеме од сите работи што нам ни се „свети“, сѐ со цел да им угодиме на другите
Кому му требаат непријатели кога соседи ви се Грција и/или Бугарија. Овие зборови на холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван дер Берг, веројатно најдобро ги отсликуваат околностите во кои се наоѓа Македонија и односот на соседите кон нас. На пораката на Берг вреди да се потсетиме и во контекст на денешниот Меѓународен ден на пријателството. За жал, сиве изминати години Македонија на своја кожа искуси многу повеќе чинови на непријателство отколку на пријателство. И тоа токму и најмногу од соседите и од меѓународната заедница.
Инаку, 30 јули, Меѓународниот ден на пријателството на Обединетите нации е битен меѓународен јубилеј и доаѓа како производ на напорите на меѓународната заедница да ги стабилизира напливите за деструкција на меѓународниот поредок по падот на Берлинскиот ѕид. Првпат денот започнува да се празнува од 2011 година, кога Генералното собрание на ОН со неговото изгласување се обидува да спроведе политики за зајакнување на пријателските односи меѓу сите земји во светот, поради стравот дека е возможно повторно да заживее времето на Студената војна.
Во контекст на актуелните случувања, треба да се напомене дека Македонија во поглед на соседите повеќе била предмет на непријателство отколку на пријателство. Се разбира имало тука и убави пријателски моменти како донацијата на вакцини од Србија, но, за жал ,и многу горки искуства како ветата од Грција, па потоа од Бугарија
Можеби најдолгата епоха на затегнати односи што Македонија ги има со некој сосед е со Грција. Сето тоа започна кратко време по нашата независност од Југославија, а од деведесеттите години, па сѐ до Преспанскиот договор, јужниот сосед, користејќи го своето политичко и економско влијание во светот, дипломатски и политички силно се противеше и влијаеше врз меѓународната задница за Македонија да ги промени своето уставно име и државни симболи.
За да ги постигнат своите „пријателски“ цели додека траеше спорот со Грција, властите од Атина кон нас воведоа економско ембарго, со што го забавија развојот на земјата на самиот почетокот од нашата државност во плурализмот, потоа следуваше блокада за зачленување во Обединетите нации, која се надмина благодарејќи на Британија и на САД, а потоа дојде и ветото во 2008 година, кога на самитот во Букурешт добивме рампа за влез во НАТО. Во овој долг процес, ние под притисок и присила го променивме нашето знаме, а на крајот и името на државата.Дали ваквиот однос кон нас може да се третира како пријателство.
Слични „добрососедски“ политики врз Македонија практикува и Бугарија. Слично како Грција, и Софија својата политика ја „кроеше“ уште од распадот на некогашната држава, кога Бугарија официјално прва ја призна државата, но никогаш не го призна постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик, култура и историја. Сето тоа се заостри годинава, кога Бугарија, и покрај потпишаниот Договор за добрососедство, ни го блокираше напредокот на патот за зачленување во Европската Унија. Под изговор дека ако сакаме да станеме членка на Унијата ние треба да се откажеме од нашата историја, јазик, идентитет. И од страна на разни структури во Албанија со години имало и има мешање во внатрешнополитичките прашања на Македонија, а оттаму впрочем дојде и таканаречената Тиранска платформа.
Властите во Тирана, поддржувајќи го албанското малцинство во земјата, преку разни „платформи“ како по навика не прекинуваат да се меша во внатрешните процеси на нашата држава. Таквите случаи беа поврзани со територијалната распределба на локалните власти и со воведувањето на двојазичноста во Македонија. Сепак, последна од редот на промените што ги поддржува Албанија индиректно е желбата за изменување делови на нашата химна, кои ја нагласуваат политичките партии на Албанците во земјата. Дури и најмладата држава во регионот – Косово, успеа да го „фати“ чекорот со преостанатите балкански земји во демонстрирање непријателство кон Македонија.
Токму затоа, во вакви клучни времиња, и во контекст на годинашниот Меѓународен ден на пријателството, време е Македонија да започне цврсто да се држи до она што значи наш национален интерес
Оружениот конфликт од 2001 г., за кој и ден-денес не се разјаснија мотивите и причините, беше увезен токму од Косово.
Во воените случувања во Македонија учествуваа косовските припадници на УЧК, кои со оружје и борбени сили се обидуваа да ја дестабилизираат земјата, во еден од најтешките периоди на нашата државност.
Во релациите со Србија иако имаме добри меѓудржавни односи и силни економски врски, сепак добрососедските односи повеќе од 30 години се нарушени на црковно поле и непризнавањето на автокефалноста на Македонската православна црква.
По сѐ што е кажано, во контекст на Меѓународниот ден на пријателството, ако се сублимираат заклучоците од досегашното наше искуство со „пријателските“ врски со соседите, сосема легитимно е човек да се подразмисли до кога Македонците на своја кожа ќе ги чувствуваат ваквите „пријателски гестови“ од соседите. Нашиот народ по традиција важи за гостопримлив и питом. Македонците веруваат дека ако гостин пристигне во вашиот домот, тој треба да биде угостен дури повеќе и од домашните во куќата, па можеби по редот на нештата водејќи се по оваа филозофија ние сме дозволиле во име на пријателството да се откажеме од сите работи што нам ни се „свети“, сѐ со цел да им угодиме на другите. Но кога говориме за пријателството, мора да се знае дека имаме и уште две народни мудрости што велат дека ситиот гостин тешко може да се почести, а на непоканетиот гостин најдоброто место му е веднаш до вратата.
Токму затоа, во вакви клучни времиња, време е Македонците да започнат цврсто да се држат до она што значи наш национален интерес.
Ние сега треба да извлечеме мудри поуки од минатото и со стратегиски пристап, почнувајќи од годинашниот Меѓународен ден на пријателството, да ги издигнеме на пиедестал нашите национални цели и интереси и единствено преку нив во иднина да ги градиме одмерените и одлучни пријателски врски со соседите. Зашто не попусто нашиот народот вели – чувај ме боже од пријателите, од непријателите сам ќе се чувам.