Референдумскиот повик повлече референдумски резултати. Но не такви какви што се надеваа во владејачките партии. Со локалниот „референдум“ очигледно беа казнети носителите на неисполнетите ветувања во изминатите четири години, како на државно така и на локално ниво. Граѓанското несогласување беше искажано и за непочитување на македонското суштинско битисување, идентитетско постоење и себеименување, како и носењето нетранспарентни одлуки во внатрешната и надворешната политика на државата. За фундаментални работи не беа направени консултации со нацијата, се одлучуваше во тесен круг на функционери од раководството на СДСМ и на ДУИ. Сите ветувања за реформи, рапиден економски раст, отворање работни места, намалување на надворешниот и јавниот државен долг, борбата против корупцијата и криминалот не се исполнија..
Уште едни локални избор се зад нас. Резултатите се добро познати, новите градоначалници ги очекува многу работа, исто како што новите општински совети ќе се соочат со решавање на комуналните проблеми што секојдневно се отвораат пред локалните власти. Но она по што овие локални избори ќе останат посебно запаметени во поновата македонска историја, е фактот дека резултатот од изјаснувањето на граѓаните го предизвика премиерот да поднесе оставка од функцијата во Владата, но и од претседателската позиција во сопствената партија.
Премиерот (во оставка) Зоран Заев, кој по првиот изборен круг и губењето на клучните градоначалнички места во земјава најави дека ќе поднесе оставка на премиерската функција ако не победат во Скопје, на крајот на изборната ноќ си остана на својот збор. Човекот што бараше референдумско изјаснување на овие избори, откако се соочи со побараното „референдумско изјаснување на граѓаните“, се соочи со последиците од таквиот редослед на настаните.
Референдумскиот повик повлече референдумски резултати. Но не такви какви што се надеваа во владејачките партии. Со локалниот „референдум“ се казнија носителите на неисполнетите ветувања во изминатите четири години, како на државно така и на локално ниво. Граѓанското несогласување беше искажано и за непочитување на македонското суштинско битисување, идентитетско постоење и себеименување, како и носењето нетранспарентни одлуки во внатрешната и надворешната политика на државата. За фундаментални работи не беа направени консултации со нацијата, се одлучуваше во тесен круг на функционери од раководството на СДСМ и на ДУИ. Сите ветувања за реформи, рапиден економски раст, отворање работни места, намалување на надворешниот и јавниот државен долг, борбата против корупцијата и криминалот не се исполнија.
Ставајќи го во втор план својот кандидат за градоначалник на Скопје, Заев комплетно се стави на чело на кампањата, надевајќи се дека со својот авторитет ќе му донесе дополнителни гласови за пресудна победа на овие избори, како што тој го сфати изјаснувањето на скопјани. Хазардерски лансирајќи го покерашкиот израз „ол ин“, Заев се нурна во изборната трка, за на крајот да прогласи „фалименто“. Искусни политичари не практикуваат хазардни игри. Ниту за забава, а уште помалку за партијата што е носител на власта, а не дај боже за својата држава и народ.
Анализите допрва ќе покажат кои се точно причините што доведоа до еден ваков исход на изборите. Дали беше пресудно незадоволството од водењето на генералната политика на луѓето од централната власт или незадоволството беше само од ангажирањето на локалните власти или, пак, комбинацијата на овие два фактора ги натера граѓаните да се одлучат како што испорачаа во гласачките кутии, ќе покаже времето.
Во секој случај, пораката е силно испратена и силно прифатена. Оставката на премиерот покажува дека го чул гласот на народот, ја примил неговата порака. Сега, во една таква ситуација, се наметнува прашањето – како понатаму. Едно е сигурно, земјава влегува во период на неизвесност на политички турбуленции што можат да се развијат во два правца – да се разбудиме што побргу од постизборната еуфорија и да започнеме да работиме како што треба и како што се очекува од сите нас или, пак, државата да западне во уште подлабока криза. А дека ова не се празни флоскули, доволно е да погледнеме околу нас и да видиме со што се соочуваме. Здравствената криза е присутна веќе доволно долг период за сите да се чувствуваат беспомошни и немоќни, а најавите за новиот ковид-бран внесуваат дополнителен страв и нервоза, енергетската криза чука на вратата со сета своја сериозност, а тука е и надворешнополитичката димензија на кризата, што се огледа пред сѐ во односот кон дел од соседите, со приоритет на бугарската закана и блокирање на нашите евроинтеграции.
Кој и да седне во премиерската фотелја, ќе го чекаат и прашалници за новите економски политики, двоцифрен економски раст и претворање на дивергентната линија на БДП по жител во споредба со европската, во конвергентна, брзоприближувачка линија што ќе го намали јазот помеѓу БДП на Македонија и просечниот европски БДП, кој е за шест пати поголем и со тенденција да се зголеми уште повеќе.
Ако оставката на премиерот значи признавање на граѓанското делегитимирање на политиката на партијата на власт, тогаш неговиот наследник ќе треба да заземе нов цврст и сосема различен политички и економски курс. Очигледно е дека ќе го очекува многу работа, независно дали тоа ќе биде нов човек од владејачкото парламентарно мнозинство, дали тој ќе дојде од редовите на (како што се најавува од повеќе страни) новото парламентарно мнозинство што би се создало како резултат на новите коалициски комбинации веќе видени на овие локални избори или, пак, би бил предложен од експертска влада што би ја поддржале сите партии во Собранието и која би ја водела државата до следните редовни избори. Засега иако најмалку веројатна комбинација е да дојде до предвремени парламентарни избори со техничка влада 100 дена пред избори, сепак и оваа варијанта не треба да се исклучи од предвид.
Но легитимитетот на експертските / техничките влади, по дефиниција не произведува радикални и цврсти политики…
Токму големиот предизвик за идниот премиер може да отвори можност и за сериозно рекомпонирање на состојбите. Веќе во првите изјави по локалните избори некои од аналитичарите повикуваат на крајно сериозен пристап во пресрет на проблемите со кои допрва ќе се соочиме како држава. Сето тоа се наметнува пред новиот станар на Илинденска бб како тежок товар со кој ќе треба да се справи уште пред да започне да носи сериозни одлуки. Народот очекува да се реализира изреката „сериозни луѓе за сериозни одлуки“. Колкава сериозност ќе видиме зависи од капацитетот и пристапот на кандидатот за нов премиер.
Многу прашања што очекуваат брзи одговори.